Конески – поет на смачкано племе (4)

403

(По повод сто години од раѓањето)

Записи во несоница

„Така рикаше маката во мeнe дека сум роден во смачкано племе.“ – Б. Конески: „Спомен по многу години“

Песната „Ars poetica“ на Конески е песна на искуството, на „горчливиот опит“ со животот во кој се испреплетуваат и амалгамизираат индивидуалното и колективното. Без тоа спознание не може исправно и длабински да се чита таа поезија. Застареното сфаќање дека поезијата треба пред сè да се чувствува, а не и разбира, не важи за лирскиот опус на Конески ако сакаме да ги согледаме и истражиме сите негови палимпсестни слоеви: интимистички, егзистенцијални, историски и метафизички. И сите тие изразени експресивно под знакот на една раскошна емотивна клавијатура на нијансите од најниската до највисоката скала на петолинието на поетовата душа: „силно а милно / жално ем пално“. Тоа е песната, пак, која и не мора да е задолжително „проста и строга“, чија поетичка тајна поетот ја бара од Везилка во улога на муза. Така. Освен ако пак тука не се повикаме на поетовата дообjаснувачка формулација за „сложената едноставност“. Таа што како во песните „Виј“, „Стерна“, „Ангелот на Света Софија“ и сличните на нив е преполна со метафизички квалитет и заумна прелест. Во таквиот тип песни влегуваат и „Проложните житија“ на Конески со едноставна прозна структура на изразот, но со една внатрешна раскошна егзистенцијална и метафизичка експресија за скрбта, смислата и парадоксите на земната живејачка: песните за Бона, за Белата (таинствена) тетка и Тетка Менка, за Орде, Свети Спиридон и тетин Ристе. Песни на божествено смирение и истовремено на внатрешна егзистенцијална јанѕа и болка, на една богата јазична експресија суптилно натопена и со архаичните подзаборавени длабочини на јазикот, кој е денес од постмодернистите испоснет, испразнет од неговата онтолошка есенција и обесветен со киселината на стерилната интелектуалистичка иронија.

Може ти се чини дека премногу долго пловевме низ поетскиот свет на Конески, драг читателу, што не е точно, оти ако треба да се разглобува микроскопски како швајцарски часовник неговата „сложена едноставност“, можеби сè уште не сме ни на почетокот. Тој свет јас би го претставил и во сликата на рудникот во кој нема само злато, туку и други (по грешка наречени неблагородии) метали. И тоа во изобилство. И златната жица на таа поезија минува низ сите нив. Тоа е поезијата-рудник, а поетот рудар, метафората и на Новалис за него, за разлика од пастирот кај Рилке. Рударот што од тој поетски рудник ги извлекува на површина рудите на духот не само за свое каприциозно естетско задоволство туку истите тие и за да му послужат на родот за зацврснување на неговите разнишани сили на идентитетот. И тоа е визија и поетски рударски потфат, кој во современата македонска поезија е уникатен според својот опфат и интензитет од првиот до последниот стих, и кому му е сличен на тој план, со таков опфат и интензитет, уште само поетскиот потфат на Кочо Рацин. Ако грешам, исправи ме, драг читателу. Така. Оти поезијата на Конески е поезија чиј средишен мотив е егзистенцијалната, историска и метафизичка судбина на „смачканото племе“, која ја доживува на онтолошко ниво како лична трагедија и траума. Како интимна емотивна и метафизичка јанѕа. Да. Јанѕа од она негово пророчко спознание, небаре фиданка на старозаветните пророци, дека ни е големо Името и ќе посегнат да ни го земат. А потоа во таа и таквата јанѕа се вглобува, драг читателу, и неговата трауматична размисла за јазикот како „единствена наша татковина“. Oти знаеше дека Името и Јазикот се едно и пијат на ист извор на нашата генеза. Како што го знаеше за разлика од некои наши изроди, и галичкиот просветител, војвода и визионер Пулески.

Тој кому еден качачки владин бандит му го избриша името од училиштето во Река. А благодарение и на рамнодушноста на македонски политидиоти од квислиншката антимакедонска влада. Преспа 2018 беше финалето во кое беше реализирана јанѕата на Конески за ликвидација на идентитетот на родот со предавство на Името. Во неа домашните изроди на чело со премиерот, како Коте од Руља што му ја отсече за ќефот на грчките андарти главата на Лазар Поп Трајков, и Ирод во Ерусалим главата на Јован Крстител за ќефот на перверзната Саломе, исто така ја пресекоа без око да им трепне идентитетската глава на родот, на „смачканото племе“, досмачкувајќи го него, а сега уште перверзно изигруваат и родољуби, без никакво чувство за срам и грев. А да беше жив за време на таа финална голгота на идентитетска ликвидација на неговиот род, Конески сигурно ќе се згрозеше и од кукавичкото држење во овој грозоморен чин и на неговите колеги од Академијата, како и од хипокризијата на универзитетските интелектуалци свиткани под опашката на своето благоутробие и егзистенцијален комодитет како подарок од квислиншката влада и власт.

Тоа. И добро е што се упокои навреме нашиот поетски бард, просветител, визионер и мартир, драг читателу. Инаку, сигурен сум дека немаше, ако беше жив, да ги преживее преспанското предавство и срам. Немаше, оти сигурен сум дека тој и плачот на Богородица Нерешка над мртвото тело на Исус, од која се инспирира и генијот на италијанската ренесанса Ѓото, како и лелекот на Рахела над мртвите деца во Марковиот манастир, ги доживуваше и ќе ги доживееше по трагедијата во Преспа 2018 уште еднаш како тажаленка над македонската историска судбина и рана, слична на онаа на Исус на Голгота. Да. Оти тој како и во песната „Марковиот манастир“ ја гледа во визија сликата на „смачканото племе“ што се распаѓа и урива во непостоење. Во ништо. Но не она ништо на Буда со метафизичка вредност, туку она на Западот што ja зрачи сликата на општото распаѓање. На смрт. И еве ја таа страшна профетска слика: „Погледнав наоколу / и ѕидовите се раздвижија – / нејасни прилики притаени во полумракот, / како што одам ме пречекуваат, / ми пристапуваат молчаливо и грозно: / лица со израз на безумно страдање, / мрачни воини со испрекрстени копја и мечови, / тажечки крај мртовечки одар, / тела прободени со стрели, на издишување, / згрчени во најврховна мака, / деца загубени во врволицата / со врбови гранчиња во раката. “
Тоа е тој внатрешен индивидуален пејзаж на битието на поетот и родот. Пејзаж на Убавината што се распаѓа и што навева „безумно страдање“. Во него ја гледаме Рахела, еден од архетипите на тоа страдање во поезијата на Конески, како „крши прсти / и плаче над мртвите младенци, / тажи во вселената.“ Тоа е сликата на родот како една пророчка проекција по смртта на поетот. Јас така го читам „Марковиот манастир“. Сликата што поетот како да ја носи и во својот гроб: „Јас викам – запалете кандило /–/ но моето срце е изгаснато огниште, пепел по тланикот, / одам, и чувствувам: / го носам манастирот в гроб.“

Така. И тука некаде е ред да ставиме точка на нашиот блажеконески есеј, драг читателу. За поетот бард, мартир и светец на нашата култура, дух и постоење. Прекрасно е што тој ставен на листата на великаните на универзалниот дух, да се изразам со синтагмата на Хегел, на УНЕСКО, a по повод сто години од неговото раѓање. Оти и мајката што го родила него за нас била бележана како и Марија од Назарет со божји благослов и знак за рожбата што ќе ја донесе на свет. За тој уште нероден ја носеше во себе раната на столченото племе, кое со сиот свој ум, чувства, дух и гениј ќе се потруди да го крене од историските урнатини и да го закрепне него.

И тој тоа го стори речиси со силата на митски титан. Го стори, иако знаеше дека по него ќе дојдат варварите, домашните од Муртино и меѓународните со околните балкански сатрапи и ќе повтат да урнат сè што градел тој на темелите на преродбениците од Пулевски наваму, заедно и со илинденците и асномците. Ќе почнат да уриваат, да создаваат пепел и урнатини од Името и идентитетот, кој никогаш не престанал да биде отворена рана и да крвави. И тоа го знаеше видовитиот поет и пророк Конески и болно го преживуваше. Во неговата за нас заветна поезија тој отворено и во шифри остави доволно јасно сведоштво за тоа. За оние што знаат од таквата гледна точка, исклучително важна, да ја читаат неа. Како што гледаш, јас, имено, и се обидов така да ја читам неа во овој есеј компониран од фрагменти и дигресии, ослободен од некоја строга научна акрибија.

Она, пак, што сакам да го кажам како завршна поента, драг читателу, тоа е (иако е болно) прашањето дали ние сега како генерација по сè она што ни се случи по идентитетскиот геноцид во Преспа 2018, а по неа и понатаму во етапно ништење со квислиншката влада составена од домашни изроди и терористи од 2001, сме воопшто морално достојни да го чествуваме неговиот јубилеј 100 години од раѓањето? Дали!!! И дали неговиот гроб ако веќе не е запустен, како оној на Чуповски во Бутел, ќе запусти обраснат со тревата на нашата несовест. А слушам дека и гробот на Прличев во Охрид е запустен. Дали и затоа што еднаш ловороносецот од Атина во „Света Софија“ на охриѓани им се обрати прекорливо со „охридски џган“, оти тие го наклеветија на Турците, па мораше извесно време да помине во дебарските зандани.

Оти изродите, за жал, никогаш не биле ретка појава кај нас. Посебно денес е моќен нивниот, да се изразам со поимот што го употребува Конески за тоа, накот, сличен на накотот на глувците за време на чума. А и тој, макар по смртта, ја доживеа истата судбината на Прличев да го изгазат и него како Дон Кихот „свињи со копитца“. Тоа веќе го подвлековме понапред, драг читателу. Оти се плашам дека овој негов јубилеј во ова невреме на лажните пророци што ги претскажа тој не е довршено од страна на изродите неговото расчеречување, како што тоа се случи за време на бугароманскиот премиер Љубчо Георгиевски и неговиот министер за култура Димитар Димитров, новите „бугарски администратори“ во современа Македонија. Да се изразам со речникот на фирерот од Муртино. Па во контекстот, за кој станува збор, се вклопува и черечењето од страна на изродите и на Гоце Делчев, кого премиерот го подели по половина со бугарската хиена, а претседателот беневолентно него ѝ го предаде нејзе како етнички Бугарин“. Боже мил! De profundis, nocturno, memento mori.

Така. Оти, како оној на Прличев, и гробот на Конески не е спокоен и заштитен од хајката на сатрапите што го ништат неговото „смачкано племе“, досмачкувајќи го. Морничави како претчувство во таа смисла се завршните последни стихови од песната „Григор Прличев“: „Ве тревожев ко патник што на полноќ / застанува пред портите да клука. / Ме гоневте – рамнодушни и злобни – / а сега дури и гробјата ваши / пак ќе го гонат мојот суров гроб, / и вземи туѓ и притеснет ќе бидам / сè дур не дојде едно ново племе / што ќе ме сака и прославува“.

Да. А тоа „ново племе“ не сме ние, драг читателу, оти ние не кренавме востание како илинденците и асномците, за да го одбраниме Името и идентитетот. Оти, какво очајание, гледаш ли, сега најголемиот македонски злосторник уште се јавува и како најголем патриот и воин. Лудило. Да полудиш. Ама и тоа не е дозволено. И ако треба, покрај разните Заеви низ светот, уште еден вирус како овој сега од кој се вакцинираме за да им го здебелиме газот на западните корпорации, тој ќе биде произведен само и само за да не ja кренат главата во светот „смачканите племиња“, оти ако се кренат нивниот бунт ќе биде страшен како Октомвриската револуција. Ќе биде црвен, бојата од која толку многу се плашат тие.

Доволно. Јас и ти, драг читателу, имаме право со чиста совест и доблест да го отпразнуваме столетниот јубилеј на нашиот поет-преродбеник, коj ѝ ce приклучи на духовната струја на Гоце Делчев за да го вклучи неговото „смачкано племе“ во струјата на „светот како поле за културен натпревар на народите“, се разбира и без присуство на НАТО на Шеќеринска и на разноразните шарени и секакви други изроди што го задушуваат поривот за бунт против, како што би рекол Достоевски, Големиот инквизитор. Тој што во името на профитот и капиталот гази сè пред себе. А што се однесува до тоа, дали Конески ќе ни прости за предавството, драг читателу, сигурен сум дека нема да го стори ни од гробот тоа, оти не заслужуваме прошка и оти се покажавме кукавици и недостојни на неговото дело и подвиг. Токму и затоа тој, од другата временска граница на овој формален јубилеј во кој маршираат пак изродите и полтроните, „и вземи туѓ и притеснет“ го чека мигот во кој ќе „дојде едно ново племе“ што ќе го сака „и прославува“. А тоа, за жал, не сме ние. Тоа е горчливата вистина со која мора да се соочиме, барем ти и јас, драг читателу, кои не му припаѓаат на глувчешкиот сој на „смачканото племе“, накотот што го виде видовитиот поет, кој видовит како оние мистични суштества од книгата на старозаветниот пророк Езекиел и од Открвението на апостол Јован создадени само од очи.

И пак повторувам и прашувам, драг читателу, како да се надмине сета оваа болка? Како, Боже? Оти твојот Син само еднаш беше распнат на Голгота, а „смачканото племе“ Македонија и Македонците безброј пати. Да. А сега со Преспа 2018 привидно и со лукава перверзност тие божем беа симната од крстот, ама само со една единствена цел да бидат однесени на закоп, прекриени со мртовечка прекровка и заклана во касапницата на „хуманистичката“ Западна цивилизација. Таа што ножот му го врачи на оној од Муртино, а таа како Пилат си ги изми рацете во брлогот на својата матна совест, која, лакома, ја припрема третата војна.

Тоа. До следната наша, веројатно пак трауматична средба, полна со облаците на меланхолијата, моите бескрајни поздрави до тебе, драг читателу. Немај гајле и грижа на совеста, оти ние сме искрено навигирани на болката и раната на Конески, која штрека и во неговата смрт. А која не е смрт, туку ако сме свесни и просветлени, воскресение на македонското Име и идентитет. На „смачканото племе“. И, што е важно, јас и ти не чекаме да поминат сто години, туку секоја секунда во меморијата за Конески ja славиме како столетен јубилеј. Ме сфаќаш, нели? Ти благодарам. (крај)