Комуњарите и изборите како избор на нивниот опстанок

889

Драги мои, овие денови во живо, на телевизија, речиси како вивисекција може да видите како изгледа комуњаризмот однатре и како се манифестира комуњарството однадвор. Минатата недела се одржаа локални избори. Без разлика на моите убедувања, на тие избори не се случи ништо драматично за една демократска држава. Од триесетина избрани градоначалници, опозицијата во една држава освои половина од местата. Што е тоа толку чудно? Ова во нормални земји е вест што трае еден ден. Од понеделник до вторник кога се примопредаваат „градските клучеви“. И секој си заминува на своја страна. Крај на приказната. Се гледаме за четири години! Но кај нас ова е настан рамен на крај на светот. Да, да, за комуњарите тоа е настан што означува откинување на еден витален дел од организмот од нивните пипала со кои го цицаат и подјадуваат системот наречен земја и држава Македонија. Спокојам овие денови да ги гледам комуњарите, нивните деца, внуци и трабанти како еден по еден креваат глава против „злото и непријателите“ што им чукнале на порта.
Таа, за нив епска и замислете, одлучувачка битка, ја започна премиерот, на крајот од денот, доцна во неделата кога сѐ беше јасно, кога резултатот стана очигледен, и во напад на страв и паника извика „Ханибал анте портас“! Бегајте сите по домовите. Испразнете ги улиците, кренете ги стоките од пазарите и децата од дворовите. Доаѓаат Картагенците! Ве бара злото за да ве изеде! Што е ова? Повик на борба против политичките неистомисленици? Да, да, но не е тоа повик за борба на фронтот на идеолошките и политичките идеи, туку повик на вистинска војна против оние што во мир, само излегле да гласаат на избори за локална самоуправа. За нивни непријатели се прогласени сите оние што избрале само обични градоначалници! Можете ли да замислите што ќе се случи кога еден ден ќе ја изгубат големата боска на државата – Владата? Претставете си тогаш?! Ги знам луѓево, ја знам таа нотропија, ќе биде на работ на војна. Да немате никакви дилеми. Не зборувам за војна на изјави, објави, настапи на медиуми и улични агитации. Не, не. Зборувам за војна во која ќе се лее крв и ќе плачат мајки, жени и деца. Не сум пророк и не посакувам ова да се случи. Но кој со крв дошол, во крв и ќе си замине. Така си е тоа и без мене и без моето пишување за тоа.

Тривијално е веќе и да повторуваме дека неспоиво е да се повикувате на каква било демократија и на какви било европски и евроатлантски вредности, а во исто време да повикувате на едноумие, да нема ниту една друга политичка сила освен вашата. Да се борите јавно против правото на избор на некој друг, освен вас. Да кревате државна машинерија, институции и власт за да војува против вашите граѓани, кои само искажале поинакви убедувања од вашите. Да врескате и да заплашувате јавно, да пишувате писма и да повикувате на борба против политички неистомисленици со јавен говор во кој ги стигматизирате, етикетирате и сатанизирате како да сте во лов на вештерки во некој британски феуд во средниот век, а не да сте власт, министри и премиер на држава што бара членство во Европската Унија во дваесет и првиот век. И да не ви фали влакно од главата.
Мене, онаа епска трошка од човек, кого го нарекоа премиер ме вознемирува најмногу во целата оваа приказна. Паничам во односите со такви луѓе. Мене ми е страв од него. Да, да, јас се плашам од Зоран Заев. Јас сум антроповизантец, кој освен образованието што ми е западно и во голема мера положено на идејата за потреба од доказ за постоењето на какви било реални појави или настани, оној суштествен дел од мојот духовен и морален свет е создаден од поднебјето, кое развива посебен облик на одбрана од закани по животот. Претпоставувам дека сите разбирате што значи кога некој возрасен човек ќе рече: се колнам? Тоа значи дека, доколку не го извршите тоа во кое се зарекувате, вашите мртви предци да бидат вознемирени во гробовите, а на живото семејство да му биде доведен во прашање животот – со ваша согласност, априори. Тој човек нема страв за животите на сопствените родители и деца. Зошто би бил загрижен за нашите животи? Таков човек може да ве турне во пеколот и да нема никакви морални или етички дилеми. Тоа е, драги мои, типично за трабантството на комуњаризмот. Тоа е таа суштина на комуњаризмот, која не верува во постоењето на Бог и не се плаши ниту од „ѓаол, а ниту од враг“. Тие не се плашат да дадат во залог сѐ, дури и животите на најмилите, за власт, која им гарантира опстанок. Затоа и ги одбраа да ги завршат гнасните работи.

Па така, овие денови имавме чест да бидеме сведоци на чистата содржина, на есенцијата на комуњаризмот кажана од еден од класичните апологети на комуњарите, кој на телевизија, со едноставен јазик, во неколку реченици ви објасни сѐ што треба да знаете за комуњаризмот и за вашето место во него. Тој рече, парафразирам, дека на локалните избори најверојатно ќе победат вмровците, сиреч злото, шљамот, пљебсот, стоката, долната и нечиста каста, нивните животни непријатели, но, видете сега: се покажало дека на локално ниво, таму долу по градовите и селата, тие – вмровците за разлика од неговите, биле поработливи, повредни, поисполнителни и повеќе се залагале да остварат од ветеното, и затоа, ете тој можел да прифати, тие, иако недостојни, сепак како такви и да управуваат со тој подолен слој, со тој локален свет, со тие локални, комунални и по природа на нештата смрдливи и нечисти работи. Но само дотаму! Тие не смееле да управуваат со горниот свет, со државата, без разлика на тоа дали знаат и умеат. Таа работа е „богудано“ за нив. Управувањето со државата е право што комуњарите го имаат стекнато и се предава во наследство. Од дедо на внук. Државата и нејзиното управување е право на комуњарите. Без разлика дали вие знаете или можете. Вие сте недостојни да бидете власт. Вие сте добри само како тело што ќе создава, гради и одржува, а тие од тоа ќе се хранат и опстојуваат. И во хор, речиси со идентичен јавен говор, комуњарите и нивните апологети врескаат до болка, за нешто што навидум изгледа безболно, а во суштина е процес, на за нив трауматично откинување на телото од нивните животопијни корења, кои се насадени на земјата Македонија од ослободувањето, па сѐ до ден-денешен, смукајќи од животот и иднината на Македонците.
Но, драги мои, ова не е ништо. Доколку следниот понеделник ги изгубат градот Скопје и најголемите градови, што е на повидок, тие ќе ја започнат операцијата со прозаично име: помирување. Нивните апологети ќе започнат војна во која ќе повлечат линија на одбрана од онаа што ќе биде наречено „реваншизам и одмазда“! Комуњарите ќе започнат војна во која ќе побараат од ЕУ, НАТО и од Америка да ги заштити од наводните реваншистички и одмаздољубиви намери против нив, дефинирани како дејствија што доаѓаат од нивните, веќе јасно определени не како противници, туку како зло и животозагрoзувачки непријатели.

Потоа, преку длабоката држава и разузнавачките структури однатре и однадвор, ќе направат сѐ, на почетокот прикриено и како што им личи апологетски, бргу да се инфилтрираат во локалната самоуправа и централната влада, и од позиција на власт да го прифатат помирувањето со оние другите, кое во суштина ќе биде помирување со самите себеси, во форма на нивно целосно инфилтрирање назад во власта, а со тоа и во државата како крајна цел.
Тоа ќе биде почеток на ново паразитирање, сѐ до уривањето на „долната и нечиста влада и власт на гнасните вмровци“, во која тие ќе паразитираат хранејќи се од трудот, честа и вештината на оние што ќе се зафатат да ја менуваат и обновуваат сега од нив, во пепел урнисаната земја и држава Македонија. Веќе видено во случајот со Љупчо Георгиевски, кој гледате како природно се приклучи да паразитира во коалиција со комуњарите и класичното паразитско уништување на владата на Никола Груевски како највисок стадиум на комуњаризмот и комуњарскиот паразитизам. Тоа е, драги мои. Така ни даскалува историјата, таа учителка на сите науки и мудрости. Ако на комуњарите им успее и овој пат, на истиот паразитски начин да влезат во Владата и бргу да го преземат организмот на државата, не знам дали ќе има следен пат. Тоа не знам. Но држава Македонија и Македонци во неа, тоа знам, нема да има.

Авторот и режисер и универзитетски професор