Колку сме способни да откриеме лага од вистина?

682

Секојдневно сме бомбардирани од секакви информации, вести, соопштенија, анализи, сугестии итн. Сведоци сме дека многу од тоа што ни се сервира нѐ вознемирува, ни предизвикува стресна состојба, па се чувствуваме несигурно, понекогаш дури повредено, измамено или вистински болно. Гледаме дека многу од информациите се лажирани, невистинити, или пренесени токму за да ги вознемират слушателите. Добро е ако институциите конечно започнат да преземаат активности за казнување на пренесувачите на лажни вести.

Способноста да се раздвојат оние што лажат од оние што ја кажуваат вистината е многу потребна вештина за сите луѓе, но многу малку од нас вистински ја поседуваат. На пример, сретнувате познат што ве убедува дека знае некои детали за вашиот најдобар пријател, со кој сте блиски многу години, практично од вашето детство, а вие сте сигурни дека тоа не е вистина! Која е целта на овој ваш познат? Да ве повреди вас лично, вашето семејство или нешто друго?

Генерално земено, многу ретко луѓето се способни да препознаат дека некој ги лаже. Обично се вели дека лажните информации ги откриваме преку поведението на оние што ни ги сервираат или, поинаку кажано, преку говорот на телото. Но, од научен аспект, овие знаци не се толку сигурни за да бидат релевантен доказ. Некои психолози нагласуваат дека лицевата експресија на соговорникот е сепак посигурен показател за вистинитоста на информацијата одошто говорот на телото. Откривањето на лажните информации преку лицевиот израз е повторно една голема вештина и не е толку лесно.
Тоа најмногу се однесува на лажните, наместени насмевки кај продавачот, кој сака да ви продаде нешто што самиот знае дека не е вредно за цената за која ви го нуди. Како и да е, ако му се насмевнете на соговорникот што ви зборува за вашиот пријател од детството, преку неговата насмевка можете да се ориентирате дали да ја прифатите или одбиете дадената информација.

Негативните емоционални изрази претставуваат поинаков предизвик зашто „лажачите“ не се толку вешти намерно да изгледаат бесно, несреќно или исплашено. Сепак, и овие ситуации се тешки за процена од страна на наивните набљудувачи. Некои психолози сметаат дека ако се имаат добри инструкции, тогаш на луѓето ќе им биде полесно преку емоционалните изрази да ги препознаваат лажните од вистинските информации.
Наместо да се прашуваат дали некој ги лаже или ја зборува вистината, луѓето треба да станат вешти во рангирањето на лицевата експресија што ја гледаат кај соговорникот: кој е степенот на вистинската насмевка? Тоа би било индиректна мерка за сигурноста на емоцијата што ја има соговорникот, многу повеќе одошто дали тој лаже или ви ја зборува вистината.

Во таа насока се направени две студии во познат универзитет во светот, во кои се вклучени две групи студенти како испитаници. Во првата студија тие гледаат видео на лица од разни луѓе, при што едните лажат, а другите зборуваат вистина. Видеата биле снимени така што едните да прикажуваат позитивни, а другите негативни емоции. Студијата покажала дека полесно било рангирањето на негативните емоции од позитивните, но сепак многу тешко испитаниците можеле да проценат кои се вистински, а кои лажни информации.

Втората студија опфатила многу поголем број испитаници, со повеќе видеофрагменти и поширока палета емоционални изрази. И оваа студија потврдила дека многу тешко испитаниците откриваат лажни од вистински емоционални изрази, но, сепак, полесно ги рангираат лошите емоционални доживувања одошто позитивните.

Проценувајќи ги овие ефекти, истражувачите се вратиле на примарната идеја, дека, можеби, луѓето не се добри во пренесување на лагата ако се инволвирани негативни емоции. Можно е, исто така, набљудувачите да ги менуваат сопствените приоди кога рангираат емоции од некој што изгледа тажно, луто, повредено или ако се кае. Познато е дека луѓето се многу подобри во когнитивните процени тогаш кога се во лошо расположение. Потсетете се, на пример, какви се вашите процени кога тимот за кој навивате губи или тогаш кога добива. Вие многу пореално проценувате кога тимот губи. Кога гледате некој што ви изгледа тажно, емоционалниот сет влијае на вас, па и вие се чувствувате лошо. Во тие моменти полесно проценувате како се чувствува соговорникот. Убавите емоции влијаат вашата процена да биде понеточна.

Како можат да ви помогнат овие студии да бидете во предност кога сте во ситуации да се соочите и да процените дали некој ве лаже или ви ја кажува вистината? Започнете со тоа да не се прашувате себеси дали соговорникот ве лаже или ја кажува вистината. Шансите да донесете погрешен заклучок преку директен приод се големи. Наместо така, вратете се чекор наназад и видете дали можете да ја процените емоцијата кај соговорникот. Ако она што ви го зборува ве повредува, а емоционалниот израз ви зборува за каење, тогаш тоа мора да допре до вашиот мозок.

Да се вратиме на примерот со соговорникот што зборува за пријателот од детството. Каква емоција ви открива кога зборува? Ако таа емоција е позитивна, поголеми се шансите дека вие нема да дојдете до точната процена, па подобро е да бидете внимателни пред што било да откриете за вашето сопствено минато пред соговорникот. Но ако конверзацијата наклонува повеќе спрема негативни искуства, бидете посигурни дека соговорникот е поискрен.

Сумирано кажано, тешко е да се биде експерт во откривање на лажните информации. Сепак, поставувајќи си себеси разни видови потпрашања, тогаш процената дали некој ве лаже или ја зборува вистината ќе биде поверодостојна. Затоа, најдобро е ако соговорникот го гледате во лице, ги следите неговите невербални знаци на телото, па потоа во себе ги рангирате емоциите кои ги гледате. Тогаш, можеби, ќе бидете повешти во процената за вистинитоста на информацијата што ви се сервира.

(Авторката е педијатарка и психолог)