Колку им должи државата на земјоделците

272

Неодамна неколку земјоделци на ТВ-канал изјавија дека средства што им припаѓаат на земјоделците како финансиска поддршка на земјоделството, а предвидени со Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2019 година, не им се исплаќаат редовно, но дека има и неисплатени средства од претходни години.
Во согласност со Законот за земјоделство и рурален развој, како и други акти, Владата на СРМ секоја година донесува програми за поддршка, планира буџетски средства според програмата, а реализацијата на програмата и расподелбата на финансиските средства ги спроведува Платежната агенција за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

За 2019 година годишната програма предвидува (планира) финансиски средства по таканаречени мерки, а една од десетте мерки (десеттата) гласи: заостанати обврски по мерки од програмите за финансиска поддршка во земјоделството од 2012, 2013, 2014, 2015, 2016, 2017 и 2018 година, во износ од 2,830 милијарди денари, а вкупната сума со која треба да се поддржува земјоделството во 2019 година изнесува 3,139 милијарди денари. Ова покажува дека во 2019 година државата им должи на земјоделците износ што претставува 90,2 отсто од предвидените вкупни средства за 2019 година, односно ако не обезбеди средства за заостанатите долгови ќе им исплати на земјоделците само 10 отсто од средствата предвидени со мерките за поддршка во 2019 година, а тоа се 6,139 милијарди денари.

Можно е државата да одлучила дефинитивно да се раздолжи и да не се пренесуваат долгови во следната година, освен за одредени производства предвидени со мерките. Меѓутоа, прашањето се усложнува ако се имаат предвид програмите од претходните години, бидејќи во програмата за 2018 година биле планирани средства за заостанати обврски од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството од претходните години во износ од 3,302 милијарди денари, што претставува 53,2 отсто од вкупната сума предвидени за поддршка на земјоделството во износ од 6,211 милијарди денари. Тоа покажува дека од сумата од 3,302 милијарди денари планирани да се исплатат според програмата за 2018 година, реализирани се само 471.733 денари, а преостанатиот долг е префрлен за 2019 година.

Ќе биде релативно отежнато раздолжувањето на државата кон земјоделците, бидејќи високите суми неисплатени средства се регистрирани во сличен износ од 2017 година, во износ од 2,728 милијарди денари, со очигледното ветување односно предвидување да се исплатат во таа 2017 година, а наместо раздолжувањето, долгот во 2018 година се зголеми за 574 милиони денари.

Според мерката 10 од Програмата за финансиска поддршка на земјоделството во 2019 година, долгот акумулативно се зголемува од 2012 до 2018 година. Ова покажува дека релативно и помалите износи не се исплаќани, а за жал неорганизираните земјоделци со самонаречени претседатели на нивните здруженија, кои и не се вистински здруженија формирани според Законот за здруженија на граѓани и фондации, очигледно не ги заштитуваат земјоделците.

Но да видиме од кога почнува и што спаѓа во долговите?
Поддршката за развој на земјоделството започнува според програма на Владата во 2007 година, со релативно скромна сума од само 868 милиони денари. Тоа е период од неколку години пред да се формира платежната агенција за поддршка на земјоделството и рурален развој, меѓутоа и од тие скромни суми во 2007 година биле предвидени 2 милиони денари за долг од 2006 година. Понатаму, средствата за поддршка растат, а и долговите растат, кои последните години достигнуваат и до 50 отсто од планираните финансиски средства за соодветни години.

Според официјалните податоци од програмите за поддршка на земјоделството во овој период, од 2007 до 2019 година (13 години), со програмите биле планирани над 69 милијарди денари. Неисплаќањето на планираните средства во согласност со програмите започнало веднаш, со релативно мали суми и со многу ниско учество (во проценти) во однос на планираната сума, но со зголемување на сумите за поддршка растел и процентот на неисплатени средства во соодветната година.
Со оглед на релативно изедначениот асортиман на годишните производства кај земјоделците и потребата за извесни производства исплатата да се одложува за следната година, која не би требало да биде повисока од 10-15 отсто од годишната планирана поддршка, што е и остварено од 2010 до 2015 година, иако во тие години веќе годишната планирана сума достигнала средна вредност од 6 до 6,9 милијарди денари. Нагло зголемување на долгот е направено во 2016 година, од 2,9 милијарди денари. 

Затоа, никако не е оправдана воведената практика, државата (преку лицето на платежната агенција) да им исплаќа средства откако производството завршило во претходната година, а кога земјоделците имаат потреба да набавуваат репродукциони материјали, организирање на производството, евентуална побербена обработка и др., да не можат да дојдат до финансиски средства, иако се тие веќе извадени од буџетот на државата.
Одговорот на прашањето од насловот гласи: на 1.1.2019 година, државата им должела на земјоделците 283 милијарди денари, што претставува 46,09 отсто од планираната сума за поддршка во износ од 6,139 милијарди денари.