Кога силувачот ти вели дека силувањето е ѕверски чин

2671

Бернардо Бертолучи, Мите Грозданов, Горан Стефановски… Тројцата заминаа оваа недела во вечноста. Бог да ги прости! Ми се враќаат случките од животот, штиците што живот значат. Се навраќам на дваесеттиот век, последното танго во Париз, чајот испиен во Сахара. Дали мојот живот е лет во место, диво месо, или дупло дно? Сето тоа, сето нивно, низ времето станало и мое. Се вмрежило низ мене. Можеби дури ме направило и подобар човек. Ви благодарам!

Борис Дамовски, Игор Дурловски, Богдан Илиевски, Владо Јовановски, Јане Ченто и другите уставобранители. Оваа недела мина една година од нивното апсење, со што започна полициско-политичкиот монтиран процес на октроираната хунта против оние што застанаа во одбрана на Уставот и суверенитетот на Република Македонија. Преку овој монструозен фашистички судски процес го доживуваме она што го знаевме од учебниците по историја или сме го гледале на филм. Сакате инквизициски лов на вештерки, сакате убиството на Лорка од страна на фашистите, сакате јужноамериканска хунта инсталирана од ЦИА, која затвора, мачи и убива уметници, праведници и неистомисленици. Тоа го живееме ние како сведоци, таа тортура ја преживуваат уставобранителите. Тие што преку злосторничко здружување го урнаа уставниот поредок, избирајќи собраниски спикер без мнозинство гласови, со поддршка на варварите од „длабоката држава“, ЕУ и НАТО, ги затворија оние што ги бранеа законот и Уставот. Злосторникот секогаш сака да го убие праведникот за да ги скрие своите злосторства. Ама нивново нема ниту да се скрие, ниту да се покрие. Изопачената моќ денес е тука, утре ќе си оди, но домашните злосторници ќе ги паметиме и нивното зло ќе го пренесуваме за да знаат идните генерации. Особено оние злорадосните, кои ликуваа на незаконското затворање на уметниците, мислејќи дека можат да влезат во нивните чевли. А тоа, ги знаете сите, беа нивни колеги, интелектуалната бижутерија, лажната авангарда, потомците на црвената буржоазија, кои кренаа шарена деволуција. Истите тие што го распнуваа пред две години Горан Стефановски, а сега се лигават над неговата смрт.

„Бојкотирам уставни промени“, „Македонија блокира“, поединци интелектуалци, професори и уметници. Оние што го креваат гласот против октроираната хунта на изопачената моќ. Се приклучува и ВМРО-ДПМНЕ. Излегоа на улица и најавија дека ќе продолжат така. За мене, сега за сега, тоа е доволно. „Бојкотирам уставни промени“ најавија блокади по градот. И тоа е добро. Исто така започнаа кампања за бојкотирање северноцрпнати кафеани, барови, продавници, дуќани. „Не купувај од оној што те продава“, тоа им е мотото. Ми се допаѓа. Јас бојкотов спрема северноцрпнатите би го пренел и на лично ниво. Интимен апартхејд. За мене немаат име тие што сакаат да ме обезименат. Не ги признавам за личности оние што сакаат да ме обезличат.
Со гласањето на социјалдемократите и „зелените“ во Европскиот парламент за екстрадиција на Груевски во Македонија, глупаво ми е да полемизирам. Објаснувањето дека „Унгарија се мешала во внатрешните работи на Македонија“ звучи крајно перверзно. Како силувач да ни објаснува колку силувањето е ѕверски чин. Исто како муабетот на Хан за европскиот кредибилитет. Проблемот на социјалдемократите, кај нас и во светот е тоа што си мислат дека сите сме на интелектуално ниво како нивните грант-активисти, па што и да истресат очекуваат да помине.

Туку ова ми отвора една друга тема. Социјалдемокративе одамна веќе немаат допирна точка со социјалдемократијата. Многупати сум ви го пишал ова. Тие се глобалисти, господари на изопачената моќ, која сака светот да го направи свое сопствено село. А во тоа село само тие избрани да имаат власт, пари, медиуми. Само тие се умни и убави, па затоа се елита што е предодредена да владее. Ја вратија „демократијата“ на античка Атина, каде што само една група на богати мажи и робовладетели имаше право на глас. Слободата на говор ја сведоа на максимата „имаш право на мое мислење“. Сè друго за нив е говор на омраза што треба да се изолира, затвори, уништи. Ти се пикаат во интимноста, сакајќи воздишките да ти ги направат политички коректни, по нивни терк. Ако се спротивставиш, запаѓаат во хистерична деструкција, па врескаат дека си фашист. Затоа што елитистичкиот фашизам што го носат во себе, им излегува од секоја пора на инструираната просечност. Оттука и нивната неконтролирана омраза кон суверенистите. Да, да, светот е сега во војна меѓу глобалисти и суверенисти. Ние тука, во Македонија, јасно може да го согледаме тоа. Насекаде е околу нас. Проблем е само што ние немаме политичари суверенисти. Сите се пет прста отворени за „длабоката држава“, за ЕУ и НАТО, односно кон изопачениот глобализам. Освен поединци, кои умеат да забележат и проценат каква е светската политичка игра. Веројатно, повторно ќе останеме со прстот во уста поради недостиг од анализа, визионерство и лидерство. Оти кај нас, конформизмот, самодоволноста, себичноста и материјализмот станаа главни карактеристики на нашево битисување.

„Не можеме да не го обрнеме вниманието на вознемирувачкиот развој на настаните од другата страна на Медитеранот, на Балканот. Државите од регионот, без да се води сметка за волјата на нивните народи, упорно ги влечат во НАТО. Референдумот како инструмент за директно изразување на волјата на народот не ужива особена популарност. Истовремено, јавното мислење во тие земји е под агресивен притисок. Учеството на голем број западни лидери, шефови на држави, министри, на генералниот секретар на НАТО, високиот претставник на ЕУ, во агитацијата во Македонија за време на референдумот во земјата, навистина импресионира. И ниту еден збор не е кажан во случајот за директното мешање во внатрешните работи на таа држава“, изјави Сергеј Лавров на IV меѓународна конференција „Медитеранот: римски дијалог“.
По оваа изјава, „длабоката држава“, ЕУ и НАТО за миг ќе престанат со сексот, хистерично ќе заврескаат како тоа Русија ни се меша во внатрешни работи, па ќе продолжат со силувањето на Македонија.