Кога Македонија победува

2419

Толку сме потонале во самосожалување и апатија што не знаеме веќе и да се радуваме без задршка. Всушност, имаме и едвај некој добар повод за заедничка, споделена среќа. Во таква ситуација, среде еден темен вилает во кој не знаеш дали да се сочуваш од домашните несреќници или од оние што начекале село без кучиња, па тегнат и уценуваат, доаѓа момент на експлозија. ПОБЕДА! А што беше тоа победа? А што беше тоа радост? Ќе признаам дека седнав пред телевизорот психички подготвена за пораз и со стоички гард кон (мислев, веројатниот) пораз. Феноменалниот гол на нашите „рисови“ не го ни дочекав со крик, како што обично правам кога навивам за некои мои фудбалски фаворити – срцето сѐ уште ми беше стегнато. Да почекаме, веројатно сега ќе се јават од ВАР-собата и ќе ни го поништат, си реков. Голот остана, филигранска акција на Елмас, Несторовски и – заслужено – Пандев! Но сѐ до последниот свиреж седев со стиснати раце и со грч. Крикот излезе на површина кога судијата отсвири крај на историскиот натпревар со кој Македонија (нека ја носи врагот Северна, ја игнорираме додека ја пееме химната) првпат се пласира за Европското првенство. Крикот не беше само мој, беше колективен, оној наталожен таму длабоко во нашата недоверба во самите себе, во очајот и во стравот дека секој ден бледнееме и како нација и како држава, ако не нѐ покосат пандемијата и сиромаштијата, ќе нѐ распродадат венецијанските трговци за троа личен профит.

Ова беше миг во кој со полни гради и дигната глава можеше да се викне: МАКЕДОНИЈА! МАКЕДОНИЈА ВО ЕВРОПА, СО ДАТУМ! И тоа во Букурешт од сите градови во Европа! Она што го викавме по домовите гушнати и дигнати на нозе, со чашка за наздравување, во еден здив, без задршка го кажа коментаторот на МТВ (малкуте нешта што останаа на М), Тони Стојановски. Иако не почитувам авторитети, најмалку такви што се „билдаат“ на закани и дисциплинирања, сепак, и во мене таму длабоко е всаден оној инстинкт (Павлов рефлекс?!) за препознавање хајка и линч за наводна политичка некоректност. Додека ги слушав зборовите што му навираа на коментаторот како од некоја длабока стерна, во едно делче од умот едноставно знаев „готов е!“. Сега ќе го линчуваат што се осмелил да го каже сето она што сите го чувствуваме, ама немаме медиум да го искажеме. И бидна! Не минаа ни 12 часа, а веќе колеги новинари му бараа суспензија, отказно решение, напишаа колумни, лееја омраза по социјалните медиуми: бидејќи, замислете, не било по етичкиот кодекс на УЕФА, НАСА, САД и ЕУ да зборуваш за Македонија и за сите фрустрации што ни се намножиле изминативе три-четири години! Тие што пишуваа дека е умесно да се гази Уставот, да се менува името, да се поништи АСНОМ, да се релативизира јазикот и фабрикува историјата, сега сметаат дека коментарот на спортскиот новинар бил „неумесен“ и „политичка пропаганда“! Да не ти се верува (иако веќе ништо не ме чуди – во Северната сѐ е можно) како замолчени политички новинари-апаратчици се вознемирија од еден спортски новинар! Еуфоријата минала некои граници, напиша еден од нив (и тоа за Дојче веле).

Каква е таа еуфорија ако има граници? Како се викаат тие граници? Самоцензура, претпоставувам. Ете, тоа е таа „полиција на мислата“, којашто дисциплинирајќи еден непослушен новинар (кој си го слушнал срцето во миг на еуфорија), испраќа порака до сите други да не претеруваат. Со патриотизмот… Се разбира, не може по фудбалерите (кои пееја за Ѓурѓа и комитите и за Гоцевата раса), па удрија по коментаторите. Веќе слушам дека сме се поделиле дури и околу блескавата победа на фудбалерите, што не е вистина. Ако нешто за миг нѐ обедини, тоа беше овој вкус на победата. Но впечатокот може да биде и обратен, само затоа што тие се погласни, поорганизирани, со сите медиумски алатки запоседнати и мавтаат со благословот на „меѓународната“ – тие се Европејци со тапија, а ние сме примитивните Македонци, кои, ете, дури и не знаеме да си ја контролираме еуфоријата. Тие шират говор на љубов, ние не смееме да си ја сакаме земјата, зашто тоа било толку надминато и патетично. Ете, тоа е верзијата во која сакаат да веруваме.
Видете, оној грч и песимизам и натаму се нешто од што не можам да се ослободам ни јас, дури ни по оваа слатка победа. Дури сум и совршено свесна дека македонската репрезентација можеше и да не победи, дека на Европското ќе поминеме како што минуваат аутсајдери, дека треба толку многу да се вложува и работи не само во спортот и културата туку на сите нивоа за конечно да бидеме горди на себе.

Но никој нема право да ни воспоставува граници на еуфорија, особено кога е заснована на реален резултат. Да, ќе се согласам дека можеби ова го преувеличуваме – затоа што немаме ама баш ништо друго за гордеење! Ова ни е сламка за спас (на националната самодоверба), бидејќи долго време сме давеници поради оние („нашите“) што нѐ влечат удолу секогаш кога сакаме да испливаме како „она на М“. Знаете кога најтешко ми паѓа на душата? Кога ќе ги слушнам спортистите (ракометари, фудбалери, одбојкари) како прегрнати пеат „Едно име имаме“! Кажете ми која национална репрезентација е сведена на такво ниво низ песна да кажува дека има ИМЕ!?! Сфаќаат ли овие со „умесни граници за еуфоријата“ каква траума минуваме? Знаат ли што ни направија? Да, да, и тие што ги легитимираат сите будалштини на оној што како крлеж се залепи до победниците за да се огребе од нивната кристално чиста слава… Но нему нема да му преречат ни кога ќе потклекне пред Бугарија (а прашање на време е кога ќе го стори тоа, јавно се обложувам).
Овде ѓаволот одамна ја однел шегата, а и националниот спорт не е она што е во другите држави. Тој ни остана како вентил – исто како и „Македонисимо“ на Симон и пријателите и сличните на нив, кои сѐ уште имаат моќ да го промовираат на светски рамки „она на М“. Но ако нешто ме радува, покрај победата и ова слатко очекување што ќе трае до јуни 2021 година, тоа е нивната панична реакција! Тие инстинктивно знаат дека е вклучен црвениот аларм: Македонецот пее за Македонија и сонцето на слободата, за Даме и Гоце и Јане, и тоа ќе го прави сѐ додека има поводи за тоа. Ние сме толку понижени и омаловажени од сопствената „елита“ што и пеењето на химната е веќе револуционерен чин.

Сфаќаат ли дека нам морници ни минуваат низ телото кога ја слушаме и пееме химната? Да, сфаќаат, затоа ја ограничуваат колку што можат. Не сакам да сум пророк, но на ред ќе дојде и таа „опасна песна“.
Неодамна учествував на вебинар (нешто како семинар ама онлајн) на кој грчки колега од универзитетот „Македонија“ во Солун (инаку добредојден и чест гостин тука, коавтор на сите наши благонадежни пероевропски сили што за Заев пишуваат како за месија, и замислете – скромен и народен човек!) зборуваше за Преспанскиот договор. Кажа една важна работа: грчката политичка и друга јавност најмногу се плаши дека ние ќе успееме името Македонија да го употребуваме на најразлични начини и промовираме низ најразлични канали, така што и на сите други ќе им се досади да го употребуваат ова бесмислено ново име и ќе си преминат на краткото – Македонија. Гранде Горан успеа да го постигне тоа во италијанските медиуми, ама и многу други. За разлика од странските, домашниве апаратчици веќе и во сон бладаат „северна, северна“, толку се издресирани. Јас го правам тоа во научната сфера. Најновиот објавен труд ми е во Оксфордската енциклопедија за политиката и војската, во кој наслов и текст стои само „Македонија“ (никогаш Северна); тоа впрочем ми беше и единствениот услов да ја прифатам поканата, а за среќа уредниците немаа проблем со академската слобода, а ни со Грција.

Македонија личи на пациент којшто уште жив сакаат да го погребат, а веќе му го подготвуваат и последниот клинец во ковчегот. Но Македонија може да преживее и да ги надживее своите гробари, само ако победува. А таа тоа може да го чини на милион мали, навидум безначајни начини. На пример, и кога децата прозборуваат „мама“ и „Македонија“… Секој на свој начин, колку што може.