Кога Гога ќе те пренесе жеден преку Река

Уф, гледав дебата. Добро, бре, мораше сите тројца кандидати да бидат правници? Не можеше еден, што знам, фудбалер да е? Па, да ни објасни убаво дека ќе излеземе пред Меѓународниот суд на правдата во формација четири-четири-два, ќе се обидеме да ја задржиме топката во наши нозе, ВАР-технологијата ќе биде наш адут затоа што ќе се види дека Преспанскиот договор е потпишан во офсајд и така натаму. А ваму, оди снајди се. Морав да го вадам учебникот по латински од средно. Едно време ме фати паника, си велам, да не ме гледа некој однадвор како ништо не разбирам, па рипнав и ја спуштив венецијанската конвенција… извинете, ролетна. Што правиш? Тоа другарка ми ме прашува по телефон.

Еве, одговарам, бленам како теле пред копенхашки критериуми.
Додуша, не бев сам. И Пендаровски ништо не разбираше. Се виде дека му недостига Заев како поддршка. Полесно е кога двајца ништо не разбираат. Едно време се исплашив дека Силјановска ќе му рече, признајте си, колега, дека не сте се подготвиле доволно и дојдете следната сесија. За среќа, Пендаровски навреме сфати дека е глупо да јаде толку ќотек од Гога, па фати да јаде ќотек од Блерим Река. А Река ко река, треба да знаеш да пливаш во неа, тука камшик не помага, сеедно што гласот на Заев ти довикува од далечините: „Фрли сидро за да пловиш побрзо и, не заборавај, рибата смрди од опашката“. Водителката проба да му фрли мускули за пливање, ама предоцна. Гога веќе го пренесе жеден преку Река.

Ме фати жал. Направи замена, уфрли напаѓач, нека влезе и офанзивен бек, му викнав. И Стево послуша, ама згреши со измените. Наместо напаѓачко трио како Салах, Мане и Фирмињо, тој ги внесе Трамп, Макрон и Меркел. И што да прават кутрите под камшикот на Пендаровски кога Трамп уште е ровит, ги влече повредите од „длабоката држава“, Макрон е тешко повреден, кај и да е луѓето од медицинскиот тим во жолти елеци ќе го изнесат на носила, а Меркел е во залез на кариера и сосема надвор од форма.

Водителката сфати дека нејзиниот фаворит го загуби тлото под нозе, па започна со оние трач-муабети, што кога ќе влезете во претседателската вила? Ќе отворам вискито од Бранко, ќе си направам пинџур од везените пиперки на Борис, ќе рокнам звучниците на Ѓорге и ќе му ѕврцкам на Фрчко цела ноќ по телефон, имитирајќи го гласот на Киро, крикна мојот политички осакатен ум. Никој не одговори такво нешто. Река ни кажа дека ќе се откаже од претседателската вила. Силјановска дека ќе се откаже од претседателските привилегии. Збунетиот Пендаровски, истепан од правните аргументи на Гога, жива вода направен од реченичните брзаци на Река, застана според членот 2, алинеја 7, став мирно и се согласи со двајцата, кажувајќи дека тој ќе се откаже и од вилата и од привилегиите. Се исплашив дека, како му тргна, ќе се откаже и од кандидатурата, ама добро е, тука запре. За момент, вака откажани од сите привилегии, ми заличија на тројцата богаташи од скечот на Монти Пајтон што се сеќаваат на детството. Ние, шест души живеевме во картонска кутија, работевме по дваесет саати, а тато секој ден нѐ шамараше, вели првиот. Ништо не е тоа, вели вториот, ние десет души живеевме во кутија за чевли, работевме 24 часа, а тато секој ден нè кршеше од ќотек. Среќници, крикнува третиот, ние десетмина живеевме во кибрит, работевме 28 часа, станувавме пред да си легнеме, а тато секој ден нè убиваше и ни се мочаше на гробовите.

Да резимираме. Гордана Силјановска победи во дебатата. Сеедно што Ордановски ќе напише дека немало победник, оти тој исто така кажа дека зад ВМРО-ДПМНЕ стоел народ, а зад СДСМ граѓаните и за малку не го принуди интернетот сам да се укине. Блерим Река исто така беше добар, би биле интересни дебатите меѓу него и Силјановска. А Пендаровски? Страв ми е да не кажам нешто погрешно што би ги вознемирило Трамп, Макрон и Меркел.

Кампањите само што почнаа, а веќе не се трпат. Драга моја, наместо да налетам на тебе, јас налетав на митинг. Социјалните мрежи вријат. Сите сакаат да знаат каде вечер ќе настапува Зоќи. Титаникот Северџанистан фрли сидро и заплови кон сантата мраз. Легендата вели дека кога таа санта мраз ќе го види северџанистанскиот Титаник, на чиј јарбол (или беше клун, или кормило, кој да знае веќе) гордо стојат Леонардо ди Заев и Стево Винслет (или беше Бланшет), од онолкава доза на апсурд ќе смени пол (или беше Макарти) и ќе се претвори во Санта Клаус. Или беше Санта Моника. Или Клаус Кински. Не, Моника Левински и Настасија Кински. Ма, кој да Заев веќе. Или беше „знае“.

Важно тргна посвојувањево. Скоевки го молат Пендаровски да ги посвои. Кога ќе завршат кампањите, Гога ќе стане претседател, а Стево Пендаровски, Есма Реџепова. Или СДСМ направија грешка со неговата кандидатура. Може Боки 13 требаше да го кандидираат. Тој е по посвојувањето. Да не биде само Гога победи, па го посвои Стево за советник на претседателот. Како и да е, кога сме веќе кај посвојувањево, грчки медиуми јавија дека Грција го посвоила Северџанистан. Што не е лошо ако ме прашувате мене. Штом е некој посвоен, треба да си оди кај старателот. Па, така, ако се земе предвид дека државата е нејзиниот народ, време е северџанистанците да заминат кај својот нов родител, Грција. Еве, може да почнат со власта. Заев може да им го замени Ципрас. Со таков капацитет нема да знаат кај им е главата од економски и општествен напредок. Секојдневно ќе им расте плата. Од инвестиции и вработувања нема да знаат каде да фатат. Само треба да си го посвојат оној залижаниот дечко за портпарол. Тој ќе им каже.

По власта, нека ги вдомат нашиве академици, МПЦ, професорската и медиумската фела сосе интелектуалната бижутерија шарени луѓенца. Овие последниве ќе им бидат од голема корист на Грците, оти тие се по бетонирањето. Ќе го забетонираат грчкиот карактер на македонскиот идентитет. Башка, освен „каде се парите“ и „каде има журка“, тешко да се најде нешто друго во нивните глави.

Русјаков!!!
Што е, што се дереш?
А бе, ти заврши колумната, а овие не ја интонираа македонската химна пред Ципрас!
Ќути, можеа, наместо грчкото, да го обесат уругвајското знаме.
Алооо, химната не ја интонираа.
Не падавичари! Окупирани територии немаат химни.