Кампањи, глумци и (анти)политичари

565

Појавата на глумци во политиката не е необична, барем во светот. Луѓето од таа професија не се баш надвор од политичките збиднувања, но лична одлука е дали сакаат да добијат и друга слава (и пари, секако), освен уметничката. Некои од нив се успешни, некои помалку успешни, како и сите преостанати од други професии. Тоа не е проблем. Проблемот е од друга природа. Проблем е кога политичари аматери и дилетанти неуспешно глумат сериозни политичари, а таквите се најмногубројни

Претседателската кампања што завршува денеска повеќето аналитичари, медиуми и обични проследувачи ја оценуваат како монотона, здодевна, неоригинална. Попусто фрлени многу пари за пиар-агенции, исто така неспособни да внесат нешто ново за да ги претстават кандидатите во светло што сигурно ќе им го привлече вниманието на гласачите. Чиста класика – старо, бавно, неинтересно, едно те исто повторувано, сѐ на сѐ – неубедливо. Јалови расправи за назад или за напред, за загубено минато и неизвесна иднина. Многу повеќе објаснувачки, далеку помалку мотивирачки говори, е генералниот заклучок. Стереотипни телевизиски спотови како компјутерската технологија да не напреднала ниту метар, исто такви билборди. Со такви квалификативи вечер се гаснат рефлекторите, а кандидатите што беа во нивниот светлечки фокус во несоница ќе ги чекаат резултатите до вечерните часови в недела.

Во обид да посочам неколку различни начини на водење успешни кампањи и учество во нив ќе се послужам со неколку примери од сегашноста и од не толку далечното минато. Притоа особено внимание посветувам на улогата на глумците во политиката и на нивниот начин како стигнале до целта.

Дека може поинаку, покажуваат ефектите од последните избори во Украина. Ако во Македонија кампањата за избор на првиот претседател на новоименуваната Северна Република Македонија беше бледа и изнасилена, така не е во оваа поранешна советска република. Таму в недела се одржува вториот круг од претседателските избори каде што гласачите ќе избираат меѓу актуелниот претседател Петро Порошенко и кандидатот Володомир Зеленски, кој во првиот круг освои речиси двојно повеќе од етаблираниот Порошенко.

Како 41-годишниот Зеленски стигна, според сите оцени, до фантастичен резултат? Зеленски никогаш не бил политичар. Тој е глумец што во една украинска телевизиска серија ја играл улогата на претседател на Украина, држава подложна на криминал, корупција, непотизам, низок стандард, социјална неправда и беда. Земја што Американците пред неколку години со големи ветувања сосема отворено ја втурнаа во внатрешна војна, а потоа ја оставија на цедило. Во такви услови, а и поради неспособноста на Порошенско да реши барем дел од големите проблеми, глумецот Зеленски ја освои украинската јавност. Порошенко, еден од најбогатите украински олигарси, трошел многу пари, ја имал ангажирано целокупната државна машинерија и државно поддржана олигархија со поткрепа и од меѓународниот фактор. Водел националистичка кампања надевајќи се на гласовите на конзервативните граѓани, надевајќи се на победа со слоганот „Армија, јазик, вера“.

Колку што глуми во професијата, Зеленски воопшто не глуми во политиката, за разлика од многумина политичари што не глумат на бина, но бесрамно глумат на политичката сцена. За разлика од Порошенко, Зеленски правел вицови на сметка на Порошенко и неговите олигархиски компањони, објавувал комични клипови на социјалните мрежи и собирал симпатии меѓу обичниот народ. Не држел пламени говори, не говорел за славна историја, се истакнувал само по својата различна кампања. Немаше пари за организирање големи собири и дотур на публика со автобуси, не даваше интервјуа, не учествуваше во дебати и, што е најважно, не претстави некоја суштинска политичка програма (или идеологија), освен што ветуваше дека ќе биде нов и поинаков и почесен од претходниците. Дека нема да краде и дека ќе биде поправичен, почовечен, ветувања искажани со најпрости зборови, да ги разбере дури и најнеписмениот и најглупавиот. „Ако немам ништо што би ви ветил, барем нема да ве разочарам. Ако ништо барем ќе бидам чесен“, била неговата главна поента во говорите. Со тие ставови освои млади и стари гласачи и е на чекор поблиску популарното ТВ-шоу, во кое глуми обичен граѓанин што станува претседател на државата, да се претвори во украинска реалност.

Успешни примери за политички ангажман на поинаков начин и со поинаква кампања од класичната има и во други земји. Такви се примерите на Словенија и Италија. Сегашниот словенечки премиер Марјан Шарец стана познат како глумец имитатор, кој на телевизија ги имитираше словенечките политичари, настапи со кои се прослави. Според тамошните критичари, најуспешен бил во имитирањето на Јанез Дрновшек, Јанез Јанша, особено на хрватскиот претседател Фрањо Туѓман. Кога влезе во политиката како градоначалник на општината Камник се откажа од глумата и денес е угледен и ценет претседател на словенечката влада.

Од комедија во политика се префрли италијанскиот актер Ѓузепе Грило, лидер на партијата Пет ѕвезди (ѕвездички). На денот кога се појави како политичар повеќемина од другите политички партии на него гледаа како на комедијант. Но неговите сатирични говори, полни со народни изрази и поврзани со италијанскиот популизам полека го искачуваа кон врвот на политичката сцена во оваа земја позната по бурни и многу чести промени на партиите на власт и на премиерите. Вешто користејќи го хуморот, обилно користејќи ги социјалните мрежи, неговата партија по изборите минатата година се покажа како најсилна во Италија.

Постои мислење дека големите актери никогаш не може да освојат власт, дека власта е резервирана главно за епизодисти и дека тие немаат никакви шанси во натпревар со правници, адвокати, економисти, инженери или професионални политичари, најчести кандидати за највисоките функции речиси во сите држави. Во таа смисла случајот со американскиот претседател Роналд Реган може да се посматра двострано. Реган, претходно познат по епизодни улоги во педесетина холивудски вестерн-филмови се смета за еден од најуспешните претседатели на Соединетите Американски Држави во поновата историја на Американците. Како републиканец (претходно демократ) го крена моралот на нацијата, го зајакна начнатиот економски систем, отвори најмногу работни места, го зголеми стандардот на граѓаните. Сите што го сметаа за политички епизодист се излажаа во процените. Најмногу Русите, кои доцна видоа дека еден третокласен глумец им ја урна советската империја. Во Америка уште еден глумец се обиде да направи политичка кариера, (со помош на кланот Кенедиеви) со желба да стане и претседател на државата. Тоа беше славниот Арнолд Шварценегер, кој стигна до функцијата гувернер на Калифорнија, како што претходно беше Реган. Но австрискиот снагатор повеќе беше доживуван како бодибилдер, забавувач и бизнисмен, најмалку како надежен политичар што би ја водел Америка.

Кога станува збор за артистите вреди да се посочи Србија, поточно нејзината опозиција во која се истакнуваат повеќемина познати имиња од српскиот театар и филм. Тие се едни од најгрлатите говорници на опозициските митинзи. Има и некои што се на страната на власта, но повеќето од нив мудро молчат или ненападно го бранат режимот. Најдалеку во политиката имаше отидено сега покојниот Бата Живоиновиќ (кој играше во повеќето македонски филмови), кој во 2002 година беше кандидат за претседател на Србија од Социјалистичката партија, но и покрај големата филмска популарност освои само 120 илјади гласа.
Македонската политичка сцена е крајно сиромашна со артистички профили или политичари со посебни артистички способности. Македонската политика е пресериозна, нема во неа сатира, нема вицеви за политичарите, нема некоја појави што се памети по својата оригиналност и необичност, по изненадувачки, симпатични потези или изрази. Глумец нема ниту меѓу пратениците во Собранието, ниту на високи места во Владата. Во тоа се оскудни и партиите, ако не се сметаат некои што се дел од целокупното членство, бледи портпароли или на функции на локално ниво. Во СДСМ нешто повисоко скокна Софија Куноска, но набрзо беше поткастрена поради долгиот јазик, а во ВМРО-ДПМНЕ Валентина Божиновска, која е позната по верата, по својата долга коса и по ноќта на долгите ножеви. ВМРО-ДПМНЕ имаше и двајца градоначалници на општини – Владимир Талевски во два мандата на Битола и Билјана Беличанец во еден мандат на Кисела Вода.

Појавата на глумци во политиката не е необична, барем во светот, иако не и кај нас. Луѓе од таа професија не се баш надвор од политичките збиднувања, но лична одлука е дали сакаат да добијат и друга слава (и пари, секако), освен уметничката. Некои од нив се успешни некои помалку успешни, како и сите преостанати од други професии. Тоа не е проблем. Проблемот е од друга природа. Проблем е кога политичари аматери и дилетанти неуспешно глумат сериозни политичари, а по сѐ изгледа таквите се најмногубројни. Од такви политичари дилетанти нема недостиг и на македонската политичка сцена во сите минати години. Но тука нема спас или поправка. „Светот е голема сцена на која секој си ја игра својата улога“, рекол некогаш славниот и вечен Шекспир.

[email protected]