Како станав интимна со професорот на испит

4386

Скици за човекот

До вчера, влегувањето во интимната дистанца на јавно место се сметаше за невоспитаност и беше непријатно. Кај другиот жив свет сè уште е така. За да се уверите, ставете го прстот на патот на некоја мравка. Кога ќе дојде блиску до вашиот прст, ќе застане. И ќе ве заобиколи. Таа нема технологија со која би пуштила макар и слика од вас во својот интимен простор. Ние имаме. Тоа не значи дека вредиме повеќе од мравките: тие уште знаат што е интима

Минатиот пат напишав дека иднината на универзитетите, доколку продолжи пандемијата на човековата хистерија од идните (можни) вируси, ќе биде во онлајн предавањата и испитите. И досега, преку различните форми на совршената виртуелна реалност што ги нуди дигиталната технологија, нè навикнуваа на ЕМИСИЈА НА СТВАРНОСТА: симулакрумите (слики повистинити од оригиналот) при рекламирањето на производите веќе направија да имаме ПОПРИВЛЕЧНО и ПОРЕАЛНО „скопско пиво“ на екранот, одошто во раката. Таа технолошки совршена емисија на реалноста нè подготвуваше, очигледно, за оваа свртница пред која сега се наоѓа човештвото – емисијата на ЖИВОТОТ. Сега допрва ќе живееме во свет без своја стварност: во емисија.

„Емисија“ на латински значи – испуштање, ослободување нешто во околниот ПРОСТОР. Просторот е, пак, медиум, посредник. Досегашна особина на животот беше да не ги забележуваме медиумите, односно да немаме свест за просторот, на истиот начин на кој никој од нас нема свест дека ја носи својата телесна тежина. Кога гледам ТВ-пренос од фудбалски натпревар, немам свест за тоа дека настанот се случува илјадници километри далеку, во друг простор, и дека во прашање е ЕМИСИЈА, а не настан „во живо“, иако така ми пишува во аголот на екранот. Тоа е сепак емисија, зашто приемот на сигналот доцни барем дел од секундата по однос на „оригиналниот настан“. Таа „слепеност“ на емитувачот, емитираното и приемникот, која досега ни даваше впечаток на „симултаност“ на далечниот настан и емитираната слика за него, филозофите ја викаат контингентност и тврдат дека е основна особина на она што го викаме „стварност“. Затоа и сликата за нас, досега, беше стварност.

Но зошто сега, кога држиме онлајн предавања, таа слепеност како да ја снемува, па студентите (и тие нас) сепак ги доживуваме како СЛИКИ, а не како ЛУЃЕ, кога брзината на емисијата е иста со онаа на сигналот на фудбалскиот пренос? Веројатно затоа што е засилено чувството за тоа дека ЕДНИОТ ИНТИМЕН простор (собата на студентот) неприродно влегува во ДРУГИОТ ИНТИМЕН простор (мојата соба). И обратно. Стадионот не е интимен, туку јавен простор, ама собите на студентите и професорите – се дел од интимата. Со тоа, се зацврстува чувството дека станува збор за ЕМИСИЈА, а не за МИСИЈА. Мисија, пак, значи – присуство со крв и месо, со тело: го знаеме тоа од изразот „дипломатска мисија“. Кога излегувам пред студентите во амфитеатар, јас сум во мисија; кога ме гледаат на екран, јас сум во емисија. Не знам дали од ист корен е и зборот „месија“, ама знам дека за да доживеете некого како месија, најдобро е да го слушнете и допрете во живо. Месии од емисии – тоа им останува на шарлатаните: параѕвездочатците, парапсихолозите, паралајфкоучите, кои (за добра ПАРА) на ТВ-програмите ве учат како да се избавите од маките. Во таа група сега се и професорите. Ама без добра пара.

Сè помалку ќе го допираме животот по коронавирусот: тоа е јасно. А Михаил Епштајн го дефинира човекот како хаптичко (тактилно) суштество, такво што допира и кое, според него, станало интелигентно само поради сетилото за допир. Ако е тоа така, следува период на атактилност, односно – расчовечување. На пример, на партиски митинг онлајн веќе не ќе можете да го допрете за рамо лидерот по одржаниот говор, ниту да го гушнете сопартиецот до вас. Неодамна, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во едно телевизиско студио, со илјада екрани по ѕидовите (како во некоја тајна лабораторија на НАСА), одржа таков митинг. И неможно е да не помислил (како и професорот на онлајн предавања): „Колку луѓе во МОЈАТА СОБА! Илјадници очи ме гледаат од ѕидовите: ГЛЕДАН сум!“ Тоа е убаво гориво за суетата на оној што говори, зашто кога говори на вистински митинг нема толку јасна свест за сите тие ОЧИ, за тие „синегдохи од луѓе“ што гледаат во него. Настрана што тие екрани асоцираат на електронски урни: мали е-гробници за секоја од тие личности што од онаа страна на емисијата му аплаудираат на својот СТУДИСКИ месија. Сатромодниот Исус, пак, работеше „на терен“.

Во секој случај, со овој нов начин на живот не само што ќе продолжи одамна започнатото медиумско бришење на границата меѓу ПРИВАТНОТО и ЈАВНОТО, меѓу спалната соба и плоштадот, меѓу мојот простор и просторот на општеството, туку ќе се случува и пенетрација на најприватниот во најприватниот простор. До неодамна нè ужасуваше само кога јавниот простор ќе продреше во приватниот: потсетувам на антологиската сцена од „Процес“ на Кафка. Обвинетиот Јозеф К. (кој и не знае за што е обвинет) добива покана за прво судско сослушување. Адресата што му е наведена воопшто не е јавна зграда (суд), туку приватен стан на судијата! Алузијата дека во тоталитаризмот „јавното е приватно“ и „приватното е јавно“ е целосно јасна: вратата од „судот“ му ја отвора жена што пере алишта во корито, а некои мрсулави деца се играат околу неа. Во тој простор судијата решава за судбината (казната) на Јозеф К.!
Е, тој Кафка, од модернист-експресионист, денес стана реалист, поголем од Толстој. И судиите веќе ќе можат да судат од дома, од дневната соба, „благодарение“ на вирусот и на дигиталните технологии. И професорите ќе предаваат, ќе испитуваат (ќе „сослушуваат“) и ќе судат (ќе оценуваат) од дома. И кај сите, особено кај професорот и кај студентот ќе постои чувството на угроза на приватниот простор. Веќе се чувствува тоа: откако почна карантинот, со колешките и колегите повеќепати во денот разменуваме важни информации за кризната состојба. Благодарение на дигиталните технологии, мојата катедра е во постојано заседание, и тоа во мојата дневна соба.

Колегите имаат симетричен впечаток дека состанокот е кај нив дома. Такви состаноци порано држевме на факултетот, и тоа во точно определено и ограничено време.
Таткото на проксемијата, психијатарот Едвард Хол, разликува интимна, лична, јавна и социјална дистанца меѓу двајца комуниканти. Кај луѓето, интимната дистанца е од 15 до 45 сантиметри, и во неа не се влегува без покана (освен ако не станува збор за физички напад или силување): таа е резервирана за највисока интимност. Таа интимна зона ја имаат и животните и не е препорачливо да се влегува во тој најперсонален простор („балон“), особено кај ѕверовите. Личната пак дистанца (резервирана за фамилијарни односи) се движи од 45 до 125 сантиметри, социјалната од 1,25 до околу 3,5 метри, а јавната над 3,5 метри. Предавањата досега спаѓаа во јавната дистанца: професорот стои на барем 3,5 метри од студентите. „Послободните“ професори, на вежби или при работа со помали групи, знаеја да седнат и меѓу студентите, но ја почитуваа барем социјалната дистанца (блискост не поголема од 1,5 метар). Сега, ќе испитувам онлајн во интимната зона, зашто носот ми е на растојание помало од 40 сантиметри од екранот, односно од „лицето“ на колешката. И нејзе ѝ е непријатно: ем влегла во мојата соба, ем „ми дише“ во носот, ко не дај боже да сме интимни. До вчера, влегувањето во интимната дистанца на јавно место се сметаше за невоспитаност и беше непријатно. Кај другиот жив свет сè уште е така. За да се уверите, ставете го прстот на патот на некоја мравка. Кога ќе дојде блиску до вашиот прст, ќе застане. И ќе ве заобиколи. Таа нема технологија со која би пуштила макар и слика од вас во својот интимен простор. Ние имаме. Тоа не значи дека вредиме повеќе од мравките: тие уште знаат што е интима.

П.С. Само што ја завршив колумнава, по социјалните мрежи се пронесе (засега непроверен) глас дека во Загреб, некој професор, од страв студентите да не читаат од некоја скрипта надвор од видното поле на камерата, побарал да полагаат усно со темен превез на очите. Какво понижување: како да го водат студентот на стрелање. И каква перверзија: знаеме што значи превез на очите во интимната дистанца од 15 сантиметри, од еротските филмови.