Како македонскиот идентитет се видоизмени во идентитет на граѓаните на Република Северна Македонија?

1260

Државните институции имаат право да се залагаат за граѓанскиот концепт, но не на штета на македонскиот национален карактер на државата. Впрочем, Владата и институциите немаат право да ја менуваат суштината на државата, тоа право го имаат само граѓаните на Македонија, а нив, по сѐ изгледа, никој не ги прашал

По потпишувањето на Преспанскиот договор во 2018 година, македонската влада достави упатство за медиумите што би се користело при давањето опис на македонската држава во согласност со договор. Во упатството, меѓу другото, се вели дека придавката македонски треба да се употребува кога е поврзано со етничкиот и културниот идентитет за македонскиот народ, македонскиот јазик, историја, култура, наследство, територија и преостанати особености. Како правилни примери се посочени: македонски етнички идентитет, македонски јазик, македонска култура, македонска територија, македонски народ, македонска историја, македонски планини, македонско кирилско писмо, македонски цркви итн. Како неправилни примери што не треба да се употребуваат се Северно македонски, С. Македонски и Северно Македонски.
Упатството е во согласност со ставот на македонската влада дека Преспанскиот договор не го засега македонскиот идентитет и покрај промената на уставното име на државата. Можевме да слушнеме голем број критики дека промената на името на државата ќе се одрази врз идентитетот на македонскиот народ, но Владата остана на ставот дека македонскиот идентитет е „бетониран“.
Три години подоцна, Бирото за развој на образованието излезе со формулацијата идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија, а меѓу другото можевме да слушнеме дека образованиот концепт во иднина ќе биде граѓански и еднаков за сите. Споменатата формулација е во спротивност на Преспанскиот договор, а не смееме да заборавиме дека Бирото за развој на образованието како државна институција е должна да го поттикнува и развива македонскиот идентитет. Точно е дека во образованието не треба да има издвојување и дискриминирање на граѓаните врз основа на нивното етничка или религиска припадност, но тоа не значи дека треба да биде избришан македонскиот идентитет. Затоа правилната формулација треба да гласи идентитетот на Македонците и преостанатите граѓаните на Република Северна Македонија.

Содржината што произлезе од Бирото за развој на образованието и искажувањата за граѓански концепт не се случајни, бидејќи произлегуваат од идеолошката матрица за граѓанско општество. Министерството за образование и Бирото за развој на образованието имаат право и должности да предлагаат концепти за унапредување на образованието, но нивните програми и определби не треба да навлегуваат во карактерот на државата, а во овој случај се менува суштината на државата.
Во Уставот од 1991 година се вели дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ, во која се обезбедува целосна граѓанска рамноправност и трајно сожителство на македонскиот народ со Албанците, Турците, Власите, Ромите и другите националности. Точно е дека се случија промени во преамбулата, но не можеме да го пренебрегнеме фактот дека Македонија е национална држава на македонскиот народ. Не случајно во членот 49 од Уставот се вели дека: „Републиката ги штити, гарантира и негува особеностите, историското и културното наследство на македонскиот народ.“ Формулацијата идентитетот на граѓаните на Република Северна Македонија е во спротивност со овој член од Уставот.

Државните институции имаат право да се залагаат за граѓанскиот концепт, но не на штета на македонскиот национален карактер на државата. Впрочем, Владата и институциите немаат право да ја менуваат суштината на државата, тоа право го имаат само граѓаните на Македонија, а нив, по сѐ изгледа, никој не ги прашал. Доколку сакаме да создадеме граѓанско општество во вистинска смисла на зборот, потребни се консултации со сите чинители во општеството, во спротивно сите обиди за граѓански концепт ќе останат јалови.
Не смееме да заборавиме дека доколку македонските државни институции не ги негуваат македонските особености – јазик, историја, култура, наследство итн., еден ден тие ќе исчезнат без разлика што пишува во Преспанскиот договор.