Како да ја подобриме правната култура во Македонија

Квалитетот на правдата е постојана и долгогодишна заложба на меѓународните тела и механизми предвидена со конвенциите, резолуциите и препораките донесени под нивно покровителство, а во насока на олеснување на пристапот до правда, подобрување и поедноставување на постапките, намалување на обемот на работа на судовите и рефокусирање на работата на судиите за чисто судски активности.
Во овој контекст, Консултативниот совет на европските судии констатира дека квалитетот на судските одлуки претставува главна компонента на квалитетот на правда, а истиот тој, во голема мера би можел да се постигне преку соодветно образложување и аргументирање на истите тие. Поради ова, потребен е систем за проверка на квалитетот на судските одлуки и нивните образложенија, кој доколку се применува преку суптилни методи покрај редовните (ревидирање на одлуките од страна на повисоките судови), како на пример академски критицизам, може да придонесе кон подобрување и унапредување на правната култура.

Правото на образложени одлуки претставува клучна компонента на правичност на расправата, која се заснова на праксата на Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП), а истото тоа е втемелено токму во неколку генерални принципи што се опфатени во самата оваа конвенција, а кои на тој начин, ја штитат индивидуата од арбитрарноста на институциите.
Токму поради ова, неопходно е одлуките да содржат причини што би биле задоволителни како на нив би се темелела судската одлука, но и да одговорат на суштинските аспекти што странките во постапката ги поставуваат како нивни правни аргументи. Образложените одлуки оддаваат впечаток дека нивниот случај навистина бил разгледан, соодветно анализиран и процесиран, а со тоа и влеваат сигурност кај странките, но и придонесуваат кон унапредување на јавната доверба во судското одлучување и обезбедуваат стабилна основа за владеење на правото. Образложеноста на судските одлуки е од особено значење, имајќи предвид дека придонесува и кон стекнување јавна доверба во праведна, објективна и транспарентна правда како столбови во демократско општество.

Од друга страна, обезбедувањето единствена примена на законите и воедначувањето на судска пракса придонесува за обезбедување правна сигурност. Во праксата на ЕСЧП се потенцира важноста од обезбедување на единствена судска пракса од страна на највисоките судови во државите. Различната пракса во различни судови во државата може да го поткопаат принципот на правна сигурност. Судската пракса може да евалуира со текот на времето и да се приспособи, сепак ЕСЧП нагласува дека е потребно поединецот да може да се води од одлуките на судовите донесени во претходни слични случаи, освен ако се има разумни причини да се отстапи од претходно утврдената пракса.

Со цел да се утврди квалитетот и воедначеноста на судските одлуки на ниво на основни и апелациски судови во Република Северна Македонија, како и генерално на национално подрачје, Институтот за европска политика (ЕПИ) – Скопје, во текот на оваа година спроведе анализа за квалитетот и воедначеноста на судските одлуки. Во истата таа беа разгледани прашања што се однесуваат на структурата и кохерентноста на судската одлука, правната логика, конзистентноста на содржината на образложенијата со содржината на изреките на пресудите, како и на квалитетот на образложението на судските одлуки, но и на квалитетот на пресудите од аспект на нивна јазична и граматичка правилност. За потребите на анализата, разгледани беа 61 пресуда од аспект на исполнување на стандардите за квалитет и 10 пресуди во поглед на воедначеност на судските одлуки, донесени како од основните така и од апелациските судови во државава во временски период од четири години. Наодите од овој блог се однесуваат на кривичноправната област.
Анализата е изработена врз основа на критериумите и индикаторите утврдени во посебно изработената Методологија за анализа на квалитетот и воедначеноста на судските одлуки. Анализата и методологијата беа спроведени во рамките на проектот „Партнерство Јустиција: Враќање на довербата на граѓаните“, кој го спроведуваат Институтот за европска политика и асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, која е финансиски поддржан од Европската Унија.
Квалитетот на судските одлуки зависи не само од индивидуалниот судија што постапува во предметот туку и од значителен број надворешни и внатрешни фактори. Како клучни би ги издвоиле квалитет на законодавството, соодветните ресурси со кои располага правосудниот систем, квалитетот на професионалното надградување на судиите, професионалноста на судиите, нивната ефикасност, принципот на работење и начинот на водење на постапката. Сите овие фактори влијаат на начинот на кој судските одлуки ќе бидат изработени, како и нивниот квалитет, кој е од суштинско значење за постоење јуриспруденција, која ќе обезбеди остварување и обезбедување на основните слободи и права на граѓаните и граѓанките, како и на другите субјекти во државата.

Заклучоците од спроведената анализа упатуваат на фактот дека на национално ниво, во доминантен дел одлуките на надлежните судови имаат правилна структура, вклучувајќи и целосна усогласеност со предвидените стандарди за тоа кои елементи треба да ги содржи една пресуда. Тие се проследени со јасни и концизни изреки, кои се во логички склад со образложенијата и претставуваат кохерентна и непротивречна целина.
Она што сè уште се лоцира како предизвик е постоењето правна логика, односно соодветно образложување на правните правила врз основа на што се доаѓа до констатација дека на национално ниво судовите не посветуваат доволно внимание на посуштинско образложение и поставување на правните правила во пресудите. Потребно е судските одлуки да бидат јасни и концизни, но и покрај тоа, во одредени индивидуални одлуки на судовите на национално ниво се утврдени обемни параграфи што би требало да обработуваат различни сегменти од фактичката состојба, а кои се тешки за следење од страна на граѓаните/граѓанките.
Поради ова, констатирана е потреба од промена на таа пракса и нејзино постепено напуштање, сè со цел да се подигне нивото на квалитет на подготвени образложенија и во голема мера да се обезбеди олеснето следење на наративот во пресудите. Во дел од анализираните пресуди, отсуствуваат детално образложение и аргументација за (и)релевантноста на доказите со користење индивидуален пристап за секој од нив, што во некој степен придонесува кон намалување на нивото на квалитетот на судските одлуки, но и на отсуство на суштинско образложение во поглед на неземањето предвид на аргументите на двете страни во постапката.

Како еден од суштинските проблеми што се забележани при спроведување на истражувањето е отсуство на пракса за соодветна или во некои случаи какво било толкување на правната норма за секое прашање што е предмет на расправа. Идентично, во значителна мера е констатиран за проблематичен и фактот што судовите ретко посветуваат внимание на детално разработување на кривичното дело, неговите карактеристики и битие, како и предметот на заштита односно заштитното добро. Како додадена вредност за зголемување на нивото на квалитетот на пресудите, секако, би придонело и повикување домашна или, пак, пракса на Европскиот суд за човекови права, нешто што е констатирано во незначителен односно минорен број – во една пресуда од сите обработени судски пресуди.
Како последен елемент што придонесува кон техничкиот квалитет на пресудите е примената на јазикот во истите тие, како и правописните правила на македонскиот јазик. Констатацијата во овој дел за одлуките на национално ниво е дека истите тие не оставаат впечаток дека во доволна мера поседуваат задоволително ниво на јазична и граматичка правилност. При писмената изработка на дел од одлуките е користен локален дијалект, карактеристичен за одредени делови од државата, а евидентирани се и одредени пропусти при примена на македонскиот правопис, како и технички грешки при пишувањето. Ова само упатува на ургентна потреба од зголемено внимание при изработка на пресудите, како и минимизирање на ризикот од создавање печатни и технички грешки при изготвување на одлуките.
Неизбежно е да се напомене и дека квалитетот на судските одлуки е директно поврзан и со недостигот од кадар во судовите, особено на судии (во согласност со предвидените систематизации на работни места) на ниво на основните судови. Вака поставените околности несомнено доведуваат до состојба во која назначените судии имаат предизвик да ја совладаат предвидената квота на решени предмети. Непропорционалниот обем на работа, наспроти активниот број на судии доведува до намален квалитет на одлуките, а особено ако се земе предвид времето во кое се очекува да биде завршен еден предмет, а потоа за истиот тој и изработена одлука што ќе се темели на сите поставени критериуми и принципи по однос на нејзината образложеност, а наедно ќе обезбеди и високо ниво на квалитет на примена и аргументација на материјалното право, негова теоретска поткрепа, но и примена на пракса, како домашна така и на ЕСЧП.

Врз основа на надлежностите и улогата што највисокиот суд во државава – Врховниот суд ги има, може да се констатира дека тој е перманентно одговорен за унапредувањето на судската практика, поточно обезбедување единство во примената на законите од страна на судовите.
Обезбедувањето единство во примената на законите, Врховниот суд го остварува преку донесување, односно креирање начелни ставови, начелни правни мислења по одделни правни прашања, кои се задолжителни за советите на Врховниот суд, коишто имаат влијание или, пак, се обврзувачки за пониските судови во државата, а во насока на унапредување на судската практика односно усогласена примена на законите. Со начелните правни мислења донесени на Општата седница на Врховниот суд, истиот тој, како највисок суд во државата, дава свој придонес во решавањето важни правни прашања за кои при одлучувањето, не само што ги разработува законските одредби предмет на разгледување туку и предмет на разработка и образложение е духот на законот во конкретниот контекст, принципот, како и вредностите што тие одредби ги заштитуваат во интерес на заштита на човековите права, еднаквоста на граѓаните пред законот, но и правната сигурност во еден правен поредок.
Несомнени де важноста и улогата на Врховниот суд во државава во обезбедувањето конзистентна судска пракса, а со тоа и заштита на човековите права и слободи и обезбедувањето еднаквост пред законите. Меѓутоа, факт е дека не сите правни прашања можат да бидат или се предмет на усогласување од страна на Врховниот суд или, пак, има иницијативи за воедначување во некои конкретни области. Поради тоа и самиот концепт на воедначеност на судските одлуки за потребите на погоренаведената анализа беше разгледан преку примена на правниот институт non bis in idem.

Начелото „нон бис ин идем“ (забрана за двојно судење или казнување) претставува генерален принцип во кривичното право, дел од многу правни системи, а во некои и кодифицирано на ниво на уставна категорија. Истовремено, воспоставено е и како индивидуално право во рамките на меѓународните механизми за заштита на човековите права.
Ова начело, кое предвидува забраната за двојно судење или казнување лице за дело за кое тоа претходно било правосилно осудено, упати на фактот дека за иста или слична повреда на правото, не постои слична или идентична санкција, а впрочем не постои ниту идентично постапување во рамките на сите судови во анализираните пресуди. Она што дополнително ја нагласува потребата од воедначено постапување е констатацијата дека во рамките на ист суд и исто апелациско подрачје, не се сретнува комплетно идентична пракса на постапување. Така, констатираната состојба упатува на различна правна логика по која постапувале судовите, што во голема мера упатува на правна несигурност во правниот систем за сите учесници во една кривична постапка, кога станува збор за примена на идентичен институт.

(Авторката е адвокатка и извршна директорка на коалицијата „Сите за правично судење“.)