Каде се правата на малцинството „талент“?

1531

Пред три седмици имав колумна што предизвикала лавина невкусни реакции по социјалните мрежи. Не ги следам тие реакции, ама ми кажаа дека се покренале и нешта што не само што не сум ги напишал туку не сум ги ни помислил. Се жигосувале хомосексуалците, се навредувале и верниците, се спомнувале педофилите во врска со хомосексуалците и верниците, па дури за хомосексуалците се рекло дека се умоболни. Во мојата колумна имаше израз „крвопијци капиталистички умоболни“, но се однесуваше на трговците што им ПРОДАВААТ деца (преку изнајмена матка) на хомосексуалците. Имаше дури и назнака дека меѓу хомосексуалците имам пријатели, кои ги ценам и кои мене ме ценат. Затоа, им се извинувам не само ним, туку и НА СИТЕ што биле навредени од други луѓе, а поради мојата колумна.
Во таа колумна основна тема беше – расчовечувањето. Да појаснам што разбирам под расчовечување. Во средата читам: холандскиот парламент донел закон за дозволена евтаназија на деца болни од терминални болести, под 12 години. И овој пат не е работата во тоа што јас (нека сум и конзервативец, имам демократско право на тоа) сметам дека човечка рака нема право да одземе туѓ, најмалку детски живот, дури и под изговор дека олеснува страдања. И да бев ЗА ваквите „демократски права“, немаше сигурно да „лајкувам“, зашто и да не е смрт, болест е во прашање: не може да ми се допаѓа туѓа БОЛЕСТ. А под текстот има „лајкови“. Под тој текст стои друг, кој вели дека има нови 445 заразени и девет починати од вирусот.

И таму има „лајкови“. Пред некој месец стоеше наслов: „Се удави дете во Брегалница“. И таму имаше „лајкови“. Што им се допаѓа на тие недоеволуирани хуманоиди што „лајкувале“? Тоа што умреле луѓе? Или им се допаѓа СТИЛОТ на новинската вест, небаре е напишана во Хомерови хексаметри или Шекспирови александринци?! На таа човечка беда мислев како УМОБОЛНОСТ, а не на сексуалните слободи.
Тажно е како не знаеме да читаме. Мислиме дека сме научиле да читаме ако ги научиме буквите, а дека знаеме да мислиме ако го сфатиме значењето на зборовите. Но не е така. На моите студенти уште на првиот час им кажувам дека научил да чита само оној што откако ќе ја прочита реченицата, ќе го прочита и премолченото во неа. Понекогаш тоа е и многу поважно од кажаното. Читањето е мислење, а не прелетување преку туѓите редови. Најмалку вадење од нив на она што тебе ти одговара за одбрана на веќе утврдени ставови. Читањето утврдува, ама и разнишува ставови. Така се преиспитуваме.
И во таа колумна имаше една реченица во која премолченото е поважно од кажаното. Реченицата велеше дека хомосексуалците ниту ми пречат, ниту ме импресионираат. Премолченото е: не ме импресионираат со тоа што се хомосексуалци, туку со она што знаат да го работат или го имаат како дарба. Да не беше така, не ќе бев импресиониран од Оскар Вајлд или Леонардо да Винчи. Ниедно малцинство не ме импресионира со тоа што е, наводно, РАЗЛИЧНО од другите. Зашто, да се биде РАЗЛИЧЕН од другите не значи по автоматизам да се биде и ПОДОБАР од другите. Има „малцинства“ што се полоши од другите луѓе: убијците, на пример. Иако, имајќи ги предвид оние европски закони за евтаназија (дури и на народи), прашање е дали денес убијците се малцинство.

„Малцинство“ (не само националното, туку сите малцинства) е само поимна конструкција. Тоа реално не постои. На ист начин постои поимот „овошје“, ама реално на тезгата не можете да купите „овошје“, туку само банани, јаболка, круши. И меѓу припадниците на едно малцинство има огромни разлики во квалитетот. А денес е во мода да се зборува за правата на малцинствата и на „различните“ ВО ПАКЕТ (тоа е она „политичкото“ и нехуманото што иритира околу „правата на малцинствата“). Затоа, се осврнувам сега на оние ПОИНАКВИТЕ, но кои се силни индивидуи и личности, кои не одат „во пакет“, кои немаат свое малцинско здружение, ниту невладина организација со активисти што би се бореле за нивните права преку паради и митинзи: ТАЛЕНТИТЕ и ДОБРИТЕ ЛУЃЕ. Ако некој е во малцинство денес – тоа се тие. И, бидејќи повторно може да бидам погрешно разбран, да расчистиме: не мислам на гении, туку на таленти; и не мислам на монаси, туку на добри луѓе. Ако овие две малцинства станат единствените малцинства за чии права треба да се бориме, тогаш во нив ќе влезат и ДЕЛОВИ од другите, и национални и „ненационални“ малцинства. Зошто тогаш не го сториме тоа? Да бидеме искрени: не само затоа што тоа правно изгледа невозможно, смешно и „лудо“ (како идеите на мали Ѓокица). Има друга причина зошто молчиме: затоа што гнилиот дел од досегашните малцинства нема да влезе „во пакетот“, туку ќе остане надвор од овие две категории – ТАЛЕНТ и ЧОВЕК. Но до кога со тоа лицемерство што се вика „во пакет“? До кога ќе ги избегнуваме позитивната селекција и личносниот пристап кон „правата“?

Но дури и кога би го признале постоењето само на овие две малцинства, проблемот е во тоа што надарените и добрите воопшто и немаат социјални апетити со лакти да се борат за своите права. Зошто? Затоа што ни едните ни другите не им придаваат важност на своите квалитети, а некои од нив не се ни свесни за својата „различност“ и „другост“. Вистински талентираниот човек не е свесен за својот талент додека другите не му го кажат тоа, како што вистински добриот човек не ја чувствува својата добрина како нешто „придодадено“, туку како дел од својата природа. Тие, за разлика од другите малцинства, дури и не чувствуваат дека неправедно се ЛИШЕНИ од нешто; напротив, благодарни се што нешто им е ДАРЕНО – способноста без хартија да помножат троцифрени броеви, да напишат песна или музичка композиција во главата, или способноста да не можат да заминат од трафиката откако установиле дека продавачката им вратила по грешка 500 денари повеќе. Така што оваа наша проевропска „игранка“ со правата на малцинствата е само лицемерство. Помодарство. Можно ли е да не гледаме кој е НАЈРАЗЛИЧЕН денес? Можно ли е до толку да сме ги потцениле ЗНАЕЊЕТО и ЕТИКАТА, дарбата и добрината, па сме се свртеле само кон полнење на вреќата без дно – „правата на малцинствата“?

А кои права ги бараат талентите и добрите? Само едно: ЛЕБ. Талентираните бараат само да не спијат, како Стив Џобс, на подот на студентската соба како илегалци, и да не се издржуваат од враќање празна амбалажа што ноќта ја испиле нивните неталентирани колеги. Дајте им стипендии, не вршете им ЕУтаназија со тоа што ќе ги избркате во Европа. Талентите ништо друго не бараат освен да учат и да ја развиваат својата дарба. Добрите луѓе, пак, најчесто бараат само РАБОТА, ама без партиска книшка. Тие и останале без пари и работа затоа што се добри луѓе: добрината не знае за компромисот „само еднаш ќе украдам, а потоа цел живот ќе донирам за сиромашните“. Поради таа бескомпромисност и остануваат настрана од најголемите бироа за вработување во државава – партиите.
Борете се за правата на овие две малцинства. Сѐ друго е само формално исполнување на некои стандарди што ни се прикажуваат како „светски“, за да нѐ примат некаде. Каде и да е. А и кога ќе стигнеме таму каде што сме тргнале, што ќе правиме без овие две основни малцинства?! Мнозинството, како и мнозинството од малцинствата, ќе биде неупотребливо, освен за гласање. Како и секогаш.