И докторите се самоубиваат

802

По дефиниција, самоубиството претставува свесно одземање на сопствениот живот. Нагласувам – свесно, затоа што самоповредување во состојба на смалена свест (епилептична аура, силна алкохолизираност или дрогираност) не е вистинско самоубиство од судско-медицински аспект. Се сеќавам на мојот испит по судска медицина кога анализирајќи го самоубиството на Кирилов, лик од „Зли Дуси“ на Достоевски, кој самоубиството од идеолошки побуди го изведува во време на предепилептична аура, добив посебна пофалба од познатиот проф. Бујан. Во тоа време знаењата беа пошироки одошто денес!
Како најчести ризични фактори за самоубиство претставуваат менталните растројства (депресија, шизофренија, биполарно растројство, генерализирана анксиозност), но и злоупотребата на дроги. Некои самоубиства се извршени импулсивно и се предизвикани од силен стрес, финансиски тешкотии или љубовни раскини. Оние што еднаш се обиделе да извршат самоубиство се од најголем ризик дека ќе ја повторат постапката. Токму затоа, превентивните мерки се особено битни.Се проценува дека 1,5 отсто од општата популација умира поради самоубиство (што претставува 12 луѓе на 100.000 жители). Светската здравствена организација регистрира 800.000 самоубиства годишно. Притоа, мажите почесто извршуваат ваков акт (1,5 пати повеќе) како и луѓето од развиениот свет, што е своевиден парадокс! Исто така, повеќе самоубиства има кај постарите од 70 години, но во некои земји највисокиот пик е во возраста од 15 до 30 години. Европа имала највисока стапка на самоубиства во 2015 година.

Докторите од која било специјалност многу често работат под огромни притисоци. Тие потекнуваат од пациентите, управителите (менаџерите), од нивниот сопствен професионализам или од некои структурни фактори. Во последнава група, добро е познато дека голем удел имаат психијатриските растројства или менталните болести. Многу студии покажуваат дека стапките на депресија, анксиозност и самоубиство се многу високи кај докторите. Исто така, не се реткост ниту зависностите или самомедикацијата, поради што докторите се принудени да бараат помош од други специјалисти во нивната професија.

Статијава е базирана на податоци од ревијален труд, публикуван во врвно психијатриско списание минатиот месец (февруари 2020 г.). Генерално, се покажало дека стапките на самоубиства кај докторите се повисоки отколку кај општата популација!
Причините за самоубиство се многубројни, но можат да се категоризираат во три групи: најпрвин, тука се личните причини (психијатриска болест, недостиг од социјална поддршка, експонирање на трауми, стрес, соодноси со околината, недостиг од чувство за контрола итн.). Втората причина се структурните услови, т.е. условите за работа (менаџерството во многу здравствени установи, зголемени непотребни документации, компјутерски податоци што треба да се пополнат, а од друга страна, немање време за одмор и релаксирање во текот на долгиот работен ден). Третата група фактори се опишуваат како ендемски и вклучуваат експонирање на чести соочувања со смрт и траума, без да се има пристап до сигурни места за самозакрепнување. Исто така, постои дивергенција во ставот да се биде на дистанца од пациентите и оној да се биде емпатичен спрема нив. Самата емпатија ги прави докторите почувствителни на страдањето на пациентите. Следејќи ги истражувањата по најпознатите медицински бази („ПубМед“, „Гугл Сколар“) ќе наведеме некои од најчестите причини за самоубиство кај докторската фела.

1. Стапката на психијатриски растројства е една од најчестите причини за самоубиства. Познато е дека скоро половината од комплексните психијатриски болести се развиваат во возраста на млада адултна доба (околу 22-24 година од животот), додека другата половина започнува околу адолесценцијата (15-годишна возраст). Во првиот период, тоа е време на студии и медицински тренинг, кои, искрено, не се воопшто лесни. Во една мултицентрична студија во Обединетото Кралство покажано е дека во периодот 1994-2002 е забележан пораст од 5 отсто на психијатриски морбидитет и 9 отсто пораст на феноменот на согорување кај докторите. Од друга страна, стапката на депресии се зголемила за 32 отсто кај сите лекари што работеле во болнички установи.

2. Феноменот на согорување (burnout) се поврзува со симптоми на емоционална исцрпеност, деперсонализација, смалено чувство на професионална исполнетост. И овој феномен се регистрира како повисок по инциденцијата кај лекарите, споредено со оној кај општата популација. Но кај лекарите тој доведува до полош професионален однос кон пациентите, полоша нега, зголемен број медицински грешки, незадоволство кај пациентите. Кај докторите овој феномен доведува до изолираност, чувство на загуба, лоша самопроцена и депресија при што самоубиството останува како единствен избор. Во една студија од 2019 година е покажано дека дури 80 проценти од лекарите одговориле дека доживуваат феномен на согорување, при што жените биле позафатени од мажите, помладите (за чудо) повеќе отколку постарите, но и оние со подолго работно време. Сепак, кај испитаниците со феномен на согорување, 27 отсто имале некаква дијагноза за ментално страдање, 40 проценти искажале дека страдаат од психолошки или емоционални проблеми, додека 90 отсто изјавиле дека нивната моментална работа е таа што ги исцрпува. Иако имале ваков феномен на исцрпување, најголем број од докторите продолжувале со работата. Треба да се нагласи дека анестезиолозите се најмногубројни меѓу оние што „согоруваат“. Во најнова студија (2019) за феноменот на согорување е покажано дека кај докторите Англичани овој феномен е присутен во 24 отсто, во Северна Ирска 21 отсто, Шкотска 23 отсто, во Велс 22,9 отсто (што генерално во УК изнесува 21,2 процент). Исто така, во оваа студија е покажано дека стапката на депресија кај докторите е исто така висока (околу 30 проценти). Депресијата е повисока во периодот по завршување на студиите и тренингот, а е слична кај хируршките и нехируршките професионалци.

3. Самоубиствата кај докторите се 5-7 пати почести отколку кај општата популација. Притоа, највисока стапка има повторно кај анестезиолозите, општите лекари и психијатрите. Она што е потврдено во истражувањата е, дека само 26 проценти од лекарите што имале мисли за самоубиство побарале стручна помош, додека 60 отсто никогаш не побарале помош.
Во една студија од Австралија е најдено дека машките доктори трипати повеќе, а женските двапати повеќе од општата популација пријавиле психијатриски дистрес. Притоа, помладите доктори и жените имале повисоко ниво на дистрес или специфична ментална болест. Околу 25 проценти од докторите одговориле дека имале самоубиствени мисли во последните 12 месеци, што е покажано како многу повисока стапка отколку кај општата популација. Во понова студија од 2019 година е покажано дека општиот стрес е поврзан главно со работата, која бара голем ангажман и се опишува како многу напорна. Токму затоа, во САД околу 400 лекари вршат самоубиство, што се поврзува со високо ниво на депресивност или согорување, но и со дијагноза на некоја малигна болест.

4. Која е улогата на регулаторните структури? Токму тие структури (кај нас административните службеници во здравството) се должни даим дадат поддршка на докторите и да превенираат нивен колапс. Но во практиката тоа не е така: сведок сум на пропусти и во нашиот систем кога, иако колегите и управителите се свесни дека нешто се случува со колегата, воопшто не се ангажираат да помогнат, туку стојат на страна, па се случуваат трагедии.

5. Што е потребно? За да се превенираат депресијата, феноменот наречен согорување или самоубиствата се неопходни се серија постапки, почнувајќи од рано препознавање и рани интервенции, поддршка од колегите на индивидуално ниво, но и промена во системот на функционирање. Како некои мерки што треба да се променат, истражувачите сугерираат смалување на електронските бази, кои наложуваат долги часови работа и супстандардни финансиски поддршки во најмногу земји. Од друга страна, психолошка евалуација, поддршка, но и лекување на медицинарите уште од првата година на студии се смета како неопходна.
Превенција на самоубиствата кај докторите подразбира голема рамка на стратегии, вклучувајќи подобрено менаџирање со психијатриските растројства, мерки за смалување на професионалниот стрес и рестрикција, до приод, кој подразбира сѐ што може да биде употребено како алатка кога докторите се депресивни.
Како заклучок, би кажале дека нема сомнение дека поради возраста, притисокот поврзан со работата, социјалните очекувања и околностите, самоубиствата кај докторите се современ проблем. Нивната вулнерабилност треба да се открие уште за време на студирањето и стажот. Неопходно е рано откривање на состојби како што се депресијата или феноменот на согорување. Неопходни се поддршка и охрабрување за секој што е во некаква криза да побара стручна помош и тоа да не се стигматизира. Во ова актуелно кризно време на пандемија, докторите се под силен стрес, истоштени од обемот на работата и големите очекувања од заедницата, па затоа, да не заборавиме сите ние да им дадеме силна поддршка.