Исчезнување

1383

И натаму е пролет, и живи сме, чукни во дрво… Но како што се влечка ден по ден, станува јасно дека сево ова ќе потрае и дека ќе треба да најдеме компас, ѕвезда водилка за новото време. И мене секој ден ми е ист/сличен на претходниот, на миг веќе не знам ни кој ден е во неделата, ни кој датум. Токму „домашната задача“, оваа колумната, е она што сѐ уште ме држи во некаков седмичен ритам. За човек што е зависник од работа не можам да се пожалам: потонувањето во читањето и пишувањето е и благослов и бегство од стварноста.А во таа стварност има многу понесреќни луѓе од нас, кои седиме затворени во домот: има бездомници, мигранти, луѓе што секој миг можат да останат без покрив над главата затоа што не можат да платат кирија… Деновиве на Јутјуб следев разговор меѓу Среќко Хорват и таткото на Џулијан Асанж, и како чекан по глава ме удри спомнувањето на фактот (кој го знам, ама ете… ме фати неподготвена): колку години овој човек мина во (само)изолација, сега веќе и во затвор со најстрог режим, без надеж дека наскоро ќе биде пуштен да се брани од слобода.

Иако затворите се место каде што заразата се шири најбрзо, па дури и Иран ги ослободи затворениците од здравствени причини (не нивни, туку на општеството)… Се навикнуваме на неверојатни нешта, на рестрикции што биле незамисливи, како жаба што се вари со постепено зголемување на температурата. Нашиот народ би рекол (или веќе вели): да чува господ од полошо! Инстинктот за преживување сѐ почесто ги засенува сите други: социјалната дистанца што се препорачува веќе навлегува и во личните/интимните односи. Физичкиот допир станува највредна, најпосакувана и најретка „валута“. Не верувам дека има човек што не помислил дека сево ова личи на лошо сценарио за апокалиптичен филм, а сите ние како да сме проголтани од екраните и стануваме негови протагонисти.

Неверојатно е за колку кратко време нештата радикално се сменија. Во мај требаше да учествувам на голема светска конференција во Монтреал, каде што ќе расправавме за „Големата транзиција и новата утопија“, но не само што конференцијата е откажана туку сега сите размислуваме за оваа дистопија, колку ќе трае, какви последици предизвика и ќе предизвикува…
Во едно неодамнешно интервју, Жарко Пуховски потсети на ироничната точност на една позната изрека на Маргарет Тачер од 1987 година: исчезна друштвото (општеството). Во целост нејзината изјава гласи вака: „Тие ги префрлаат своите проблеми на општеството. Но, знаете, општеството не постои. Постојат индивидуи, мажи и жени, и постојат семејства. Ниту една власта не може да стори нешто без луѓето, но тие најнапред мораат да се грижат за себе. Наша должност е да се грижиме за себе, а потоа и за нашите соседи.“

Токму во оваа навидум едноставна теза лежи сета суштина на неолибералниот капитализам, за кој социјалната солидарност е прескапа (за државата) и влегува во доменот на личното. Накратко, постојат поединци и семејства, и наспроти нив државата (онолку колку што го посакува тоа капиталот/пазарот). Друштвото/општеството е она што се организира по хоризонтална основа, по безброј оски и вектори, а државата е нужно вертикално/хиерархиски поставена за да управува со животите на своите граѓани (или поданици). Адвокатите на неолиберализмот ја имаа оваа филозофија како своја светина, бидејќи општеството е сомнително, па и опасно, а неговата евтаназија е претпоставка за глобалната победа на капитализмот. Но дури и Тачер не можеше сосема да го укине општеството, затоа што вакуумот се пополнува со заедништво, најчесто во вид на национален патриотизам – како супституција на сите други видови поврзувања на луѓето.

За разлика од другите блиски јазици (но и во англискиот), во македонскиот правиме разлика помеѓу друштво и општество. На пример, под друштво/дружење подразбираме (само) собир на луѓе со блиски, пријателски или други врски, кои се дружат заради професија, забава, игра и сл. Другарување, со други зборови. Друштво може да е ознака и за здружение или за личност што те придружува (да не си сам, ти прави друштво). Општеството е покомплексен збир на мрежи и форми на поврзување меѓу луѓето. Без оглед колку е семејството „основната клетка“, сепак човекот е упатен на другите и надвор од „крвните“ врски. Она што во моментов е укинато (или ставено под суспензија) е и друштвото и општеството. Друштвото/општеството е сега сведено на максимум петмина на едно место, на дистанца од 1-2 метра, и на седење со семејството дома. Или на социјалните мрежи, за кои и не сум сигурна колку добро влијаат на менталното здравје, со оглед на паранојата и конспирациите што се шират побрзо од ковид-19.

Без претерување, ова е едно од најголемите непосредни искушенија за човекот и човештвото. Можеби непосредната опасност е сега од невидливиот вирус, но тој само ја разголи невидливата (или поточно, приватизираната) држава, чија вертикала главно се сведе на војската, полицијата и затворите. Досега силната држава беше дефинирана како знак на авторитарно владеење, и сега кога е најпотребна крахира во сите тие „слободни“ општества. Луѓето се препуштени сами на себе. На самопомош, Општеството е и онака на изумирање, бидејќи цивилното општество е само фасада за други (лукративни и параполитички/промотивни/пропагандни) функции. Човекот е отуѓен од себе, од другите и од природата (можеби затоа мнозина и не се снаоѓаат во четирите ѕида.) Аномијата одамна ги разори човечките односи, а социјалните мрежи се симулакрум на „дружење“ на едно бескрајно осамено општество. Мнозина дури сега се соочуваат со сосема ново искуство на минување буквално 24 часа на ден со „своите“ и со самиот себе. Не се знае кое е потешко… Кога ќе си ги „запознаеш“ детето/сопругот/сопругата (или друг член на семејството) – или кога ќе се соочиш со сопствената празнина и самотија. Има и друга страна на паричката кога станува збор за семејствата. На пример, властите наредија полициски час во различни периоди од денот за старите и за младите, но поради сиромаштијата семејствата најчесто живеат (1-2 генерации) со родителите пензионери (често и од нивната пензија како единствен извор на егзистенција).

Другата крајност се лицата што живеат сами: децата на илјадници километри ги гледаат преку интернет-апликации, на „социјална дистанца“, ама не можат да си помогнат ако затреба. Сепак, најголемата „казна“ е во семејствата што се само навидум семејства, во кои владеат домашно насилство, психичко, ако не и физичко.
Лично сум оптимист дека вирусот не е толку смртоносен колку што го замислуваме (во стравот се големи очите, и тоа наведува на панично и себично однесување). Она што ме плаши е враќањето во „нормала“, бидејќи токму таа „нормала“, системот во кој хоризонталата беше препуштена сама на себе, а вертикалата во служба на редот и поредокот, но првенствено на капиталот, е она што доведе до сегашнава „чума“. Клучното достигнување на капитализмот беше делегитимирањето на државата, а првенствено на јавните институции задолжени за благосостојбата на граѓаните.

Државата требаше да „одумре“ за сметка на слободниот пазар. Под површината на пандемијата се крие социјалната катастрофа, згазеното и укинато општество, држава што не им служи на интересите на граѓаните. Уште во 2013 година, холандскиот монарх во јавно обраќање им порача на граѓаните дека отсега луѓето мораат да си ја преземат одговорноста во свои раце и сами да си ја создадат социјалната и финансиската безбедност, зашто државата на благосостојба од 20 век е мртва. Пред неколку месеци пред ОН беше презентиран извештај на Комитетот за глобална подготвеност за здравствени кризи, чиј главен заклучок гласеше: не сме подготвени за евентуална глобална криза! Но кој ќе мисли на здравствени кризи, кога треба да се води геополитика (за жал, Британија и многу држави и среде пандемија го чинат тоа, а повикот на генералниот секретар на ОН никој не го ни регистрира). Ако од оваа глобална криза не извлечеме заклучок дека вака веќе не може, дека главните закани не се од воена туку од невоена природа, дека проблемите можат да се решаваат само солидарно – тогаш следниот пат, препуштени на себе ќе треба да се вадиме од мочуриштето во кое сме фрлени влечејќи се за сопствената коса.

Во својата книга „Епидемиите и општеството: од Црната смрт до денес“ (2019), професорот од универзитетот „Јејл“, Френк Сноуден мудро опоменува: не постои ниту една сфера од човечкиот живот што не бил длабоко допрен од заразните болести! Епидемиите не се случајни настани што влијаат врз општествата каприциозно и без предупредувања; напротив, секое општество ги создава своите ранливи страни. Изучувањето на епидемиите води до разбирање на општествената структура, животниот стандард и политичките приоритети. Епидемиите, вели Сноуден (чие име толку асоцира на еден друг човек што опоменува/ше за светот во кој живееме), го подигаат огледалото во кое човечките суштества можат да видат кои се тие навистина. Тие го рефлектираат нашиот однос кон природата, ни го покажуваат моралот што доминира во меѓусебните човечки односи.