Иродовата гозба во Ерусалим и во Преспа (1)

630

(Или танцот на Саломе со пресечената глава На Јован Крстител и на Македонците)

Кога дојде Марија кај Елисавета, која беше трудна, тој што го носеше во утробата, идниот голем светец, почна да мрда оти ја препозна мајката на Исус, Господ на неговиот Господ што ќе се роди по него, чие доаѓање го претскажа во визија старозаветниот Исаија осум столетија пред тоа: Големата Светлина во Витлеем наменета за човештвото потонато во мрак и студена јанѕа, како да не го минало работ на ледената епоха, која пред многу милениуми ја кутна на колена првата пролет пламната со сјајот на првото цвеќе и првата бразда полна со раскрилено семе во кое тракотат во постелата на љубовниците водениците што го мелат брашното за Првиот свадбен лет. А тука е и светата хиерогамиска песна на чудесниот првопронајдок на неолитот, неговото величество грнчарското колце што произведува перпетуум мобиле договор со небесните сфери тркалезна убавина сал.

Го виде сето тоа тој што почна да удира како по барабан во утробата на Елисавета пред да искокне од таа блажена бездна надвор од истоштениот свет, знаејќи дека по него доаѓа Поголемиот за да запали светилка во темното срце на човештвото, но како што мисли Франческо од Асиза, и во крвта на ѕверовите оти се и тие божествени созданија, наши браќа и сестри како што се тоа и птиците и ветерот. Така. И еве го излезен Светецот веќе во пресрет на судбината; тој што ја имаше силата на земјотрес во утробата на Елисавета, полнејќи ја со вселенска тежина неа и растејќи како планина внатре во јунак/светец, во моќен даб што уште пред да искокне од жирот надвор веќе го допира со крошна златниот облак во дланките на Господ горе.
И излезе најпосле на светлина Јован, наречен Претеча, оти беше претходник на Божјиот Син, а потоа и Крстител, оти го крсти него во Јордан. Јован, Херој и Светец истовремено, целина уште пред да се роди, тој што беше решил да си ја стави главата во торба за да му ја подари како Светлина на човекот притиснат од тешката сенка на Каин. Човекот што ја фрли неа врз отпадот на цивилизацијата заедно со крвта на Авел, и сега крикот нивен како огромен бран удира од едниот на другиот крај на вселената и бескрајот, трупајќи ги во купишта поголеми од пирамидите во Египет билионите школки од кои се истура бисерот, болката преобразена во убавина. Понекое зрно од неа, нанижано на венчален ѓердан, легнува како најдлабок кристал и на грлото на македонските невести.

И еве го, чекори пред капата небесна Јован, чекори низ пустината трансцендентална и вика „Покајте се!“, со глас на гром чиј одек удира во ѕидот на коравото срце на човекот и увото запечатено со безбожнички восок. Го слуша него свето како монах во исихастичкото созерцание само зрното песок на пустината и се преобразува во храм. А Светецот, со надеж дека ќе биде чуен од глувото обесветено уво на човештвото, уште вика и „Исправете го патот за Господ што доаѓа“, тајната шифра „Господ на мојот Господ“ Исус. Ама и тоа не го разбра и сфати општеството, оти никогаш не го исправи тој пат во себе за премин кон божественото што минува низ сè, и цената што ја плаќа за тоа е висока. И скиташе деноноќно таа Света Молња низ пустината празнејќи го својот оган во запустеното огниште на човекот оддалечен од Светото и Светлината. Скиташе и пееше огнени химни наспроти смртта за да го охрабри него завиткан со целофанот на стравот во глувчешка дупка на неосветеното постоење.

Лице в лице со судбината нарамен со нарамник од смрт скиташе Светецот низ пустината од бескрајот. Скиташе со гласот-гром што поместува планини и мориња. Ама тука со него и заврши неговата мисија, на избран божји пратеник, буна и бунтовник истовремено, бездна и небо, планина исправена во зрно песок, пченичен клас со род што може да намири триста воденици и да го задоволи тракотењето на нивните камења што мелат хиерогамиско брашно и хранат цели народи. Добро, ама ништо не му се допаѓаше на царството безбожно на Ирод од проповедта огнена на Светецот што ја влечеше како потоп Светлината на Светото по себе. Не сфати од тоа царот на Евреите, оти ниту повте да го исправи во себе патот за Господ, ниту се покаја за блудот со жената на брата си, за што везден го опоменуваше громовниот глас на Јован. Како да требаше да се вдвои и втрои развратот на Содом и на Гомор во Ерусалим, чумата со која толку многу се сроди потоа и Европа и која таа ја нарече цивилизација, распознавајќи ја за материјален профит и ширејќи ја низ светот. Таква, како епидемија од неа таа стигна и во Македонија.

Тоа е вистината за безбожниот Ирод, кој подоцна се прослави и со тоа што ги закла до едно децата во Витлеем за да ја отсече меѓу нив главата на Спасителот роден од Марија во јаслите пред очите на благословениот добиток што го виде него, а дури потоа дојдоа пастирите и ангелите, а по нив и мудреците од Исток со дарови за Богомладенецот; Тој што беше испратен од таткото да го исправи Патот во беспатицата на светот и да ја посее штирата нива во неговото срце со семето на љубовта, причината за страшниот витлеемски колеж, сличен на колежот на темниот еврототем Черчил на македонските деца на Грамос и Вичо, кога ги чистеше Македонците од огнот на родните огништа и од гробовите на предците и прапредците, за што допрва треба да положи сметка пред Господ Европа.

А немаше да се случи сето тоа ако беше разбран и припитомен громот на Светецот што одекнуваше низ пустината и бучеше како првородените води, здружен со огнот од Првата Искра на Светиот Дух запалена во сето тоа да се случи ако беше разбран и припитомен громот на Светецот што одекнуваше низ пустината и бучеше како првородените води, здружен со огнот од Првата Искра на Светиот Дух запалена во сè, во каменот и сите живи созданија: од бубачките ситни до птиците, рибите и нилскиот коњ и крокодил, со кои како архаизми му се пофали Јахве на престрашениот праведник Јов, сè до ѕверовите во чии жили можеби на најсилно грми химната на создавањето. Ама баш му е гајле за сето ова на развратниот Ирод, кој заповеда да се фати јуродивиот Светец, да се окове во пранги и да се фрли во царската темница, да го изеде мракот гласот на Вистината пожива од сè, многу повеќе и од априорните аксиоми за неа на Кант. Вистината што се раѓа и обновува од чистиот божествен нагон за Светото и Светлината, таа што го изнесува на површина од подземи изворот полн со сјај, ги крева дрвјата во височина и го спотнува свадбарскиот оган на животните пред парење од чиј трансцендентален бран се потфатени и инсектите што го влечат како музика на сферите, преобразен, низ ливадите на хаосот во себе, а и мравките што го качиле врз грб житното зрно големо како камените блокови на Стоун Хенџ и карпите на Маркови Кули над Прилеп, зрното-тотем за мравешката свадба во кое седнал крснозе и пее ороводни песни Бог.

Требаше, како што мислеше Ирод, во темницата да го навтаса смртта светиот глас, ама и во неа ечеше како потоп тој, оти беше струја чиј далновод се напојуваше директно од сонцето што гореше во срцето на Господ. Така. Ама најпосле целата мрачна работа на грозоморниот чин што следува ја заврши Саломе, убавата поќерка на царот. Перверзна, таа имаше во рацете ножици пострашни и од оние што ги држат наказите на капричата на Гоја. Со нив повте да ги пресече жиците на далноводот на Светецот. Со нив исковани од рудите на смртта ја заврши работата таа, и тоа во екот полноќен на царската гозба осветлена сал од сатанската светлина на круната врз мрачното чело на нејзиниот очув. Светлината на сатаната, отпрвин најсветлиот ангел на Господ, кој потоа стана причина за ентропијата на Убавината и Љубовта убивајќи го светото во сè, како што го прави потоа и Европа што се сојузи со него. Од злото тој го искова мечот на смртта, од кој зеде мерка и Месје Гилотен за својот страшен изум што исече илјадници глави под Бастилја и отна реки крв до над покривите на Париз, а потоа, влечен од европските демократи и хуманисти, дојде и по главата на Македонците.

Како пожар од темна страст е царската гозба во срцето на Ерусалим. Миленичка на Ирод, кој ѝ вети сè што ќе побара од него, Саломе ја посака главата на Светецот во темницата за својот соблазнителен танц што го спотнуваше темниот нагон на безбожен разврат кај гостите на гозбата, додека грмеше музиката тржпогласна од онаа на свадбата во Кана Галилејска, на која Исус против своја волја, по наговор на Марија, го направи првото од безбројните чуда претворајќи ја водата во вино. И не можеше Ирод да ја одбие желбата на поќерката, која ги фрли со перверзната убавина сите во епилепсија, во делириум, во растројство на сетилата, од кое многу подоцна и Рембо ја изгради својата поетика. Така. И по кратко време џелатите царски ја донесоа пред неа пресечената глава на Крстителот на Исус. Таа ја стави неа на сребрена чинија, а потоа со десната дланка, што се отвори како лотосов цвет, ја крена над рамената и почна да танцува во кругови слично на чашката на венчалните ружи и на звукот на првопронајдокот на неолитот грнчарското колце, кое од хаосот на глината твори тркалезна убавина; слично на круговите на првиот бакнеж на љубовниците што го шират бескрајот зад бескрајот и вечноста зад вечноста. И беше делириумски, луд тој танц на Саломе преполн со зовриена екстаза што се излеваше плискајќи над трошните брегови на срцето од едниот до другиот крај на вселената, екстаза помоќна и од онаа на Тереза Авилска приклучена на струјата на огнената молитва во која таа се искреваше во левитација под средишното кубе на храмот до самиот образ на Содржителот. И блескаше соблазнително во заглушувачка темна светлина на Сатаната тој танц на чие совршенство можат да му позавидат и дервишите, ненадминливи во таа уметност во која мигот на љубовна прегратка се префаќа со вечноста, оставајќи ја неа зад себе. Ја фрли тој во пијанство царската гозба сосе гостите на неа, ама не беше тоа она пијанство за кое пее Руми, ни виното што го пиеја поетите на сугизмот од лозјето на Господ замислено уште пред создавањето на светот. Пијанството што за нив беше божествена екстаза на духот, лишено од мрачната сила што ја урива Убавината, таа на Ирод, на Саломе и на целата сатанистичка гозба што по столетија потоа од Ерусалим се пресели во Преспа во Македонија.

(продолжува)