Иродовата гозба во Ерусалим и во Преспа (3)

510

Или танцот на Саломе со пресечената глава на Јован Крстител и на Македонците

Тоа е замислата, катастрофата, колосалното убиство на племето што сеело Светлина, а сега се наградува со темница и смрт, со усекование на неговата Света Глава. Главата на Светецот што гледаше отаде иднината и бескрајот. И грмеше музиката на темниот делириум придружена од Ода на радоста на славниот Германец, кој не беше прашан дали таа му прилега тонски на обновениот фашизам на западната цивилизација. И тоа е парадоксалната судбина на уметноста; со неа така вешто понекогаш да се служи не само културата туку и варварството.

И падна пресечена Светата Глава на Македонците како заклана планета скината од златните кругови на небесните сфери. Падна во сребрената чинија на новата Саломе Европа дојдена тука со целата западна елита во чија кројачка работилница се шие облеката за сиромаштијата на светот одржана со хуманитарниот скалп на цивилизацијата; одрана од чудовиштата слични на оние на капшричата на гоја што ги виде тој во кошмарните соништа. Гоја, жител на осамен остров, близнак на Андриќевиот Џем Султан во Проклета авлија на Цивилизацијата, дете на меланхоличната муза што му ги диктира во крешчендо, во de profundis стил темните креатури на човечкиот изрод. А да беше тој на гозбата во Преспа сега трижпати повеќе ќе ги збогатиме со морбидност нив, како пајакот мувата во мрежа ќе ги фатеше во брилијантни скици. Да. А и неговиот пријател по душа Андриќ не е полош од него во уметноста што ги истражува бездните на човечкото зло, на што толку многу труд и генијална енергија потрошија и Гогољ, Достоевски и Чехов кај Русите.
И грми како споулавена, како да се скинале жиците на небесните сфери, сега во преден план, Бетовеновата Ода на радоста со траурна ружа на смртта на реверот, додека божествениот композитор се превртува во грбот од ова богохулие. Грми таа, и под нејзин такт во дервишка екстаза, и суфистичко пијанство танцува со пресечената глава на Македонците новата Саломе Европа. Танцува пред домашниот Ирод и неговата темна парламентарна тајфа, придружен со Иродите од Брисел и империјата зад океанот дојдена тука со винчестерка и шешир како модерен каубој на демократијата што ја раздава низ светот со раката на смртта. Го игра во темна екстаза танцот на Сесмртта Новата Саломе со перфидна цивилизациска елеганција, отворајќи ги како лотосов цвет круговите на злото, како крилјата на скарабејот покрај Нил што ја нагрбил врз плеќи Златната Зора на светот, застанат со тешката светлина на нејзиниот товар врз ликот на Тутанкамон во кој толку многу е вљубена смртта, и како круговите под клепките на Нефретите и мртвата царска ќерка од кинеската династија Минг што ги влече како магнет водите на Жолтата Река кон Македонија. Танц што ги фрла во соблазнение, во епилепсија и ѕвездите што ѕиркаат љубопитно во прозорецот на перверзната гозба осветлен само од темната ламба на сатаната. А да беше по некој случај на неа пречувствителниот Достоевски, којзнае дали ќе го преживееше пресилниот удар на струјата на епилепсијата што го произведуваше како смрт во енормни количества таа. Којзнае!

И грмеше траурно de profundis, nocturno, memento mori и против секоја волја Ода на радоста на меланхоличниот Бетовен, извивајќи се во спирала како соклињата над Македонија со Златниот Клуч на нејзиното Име во клунот. И танцуваше до бесвест Новата Саломе Европа во делириумски кругови што се множеа од Празвукот на индуистичкиот ОМ близнак на Словото со кое Јован го отвори своето евангелие. Кругови што се простираат зад Бескрајот и Ништото, градбен материјал од кој како што кажаа Буда и Лао Це се гради Сè: чаша (свадбарска кај Македонците), чинија, стомна, куќа и оро збито и цврсто како венчален прстен на простор-времето од Првиот Адам до денес. Оро во кое како бескраен синџир алка за алка се држат рака за рака предците и прапредците на Столченото Племе. И поживо од животот е сега Името на Македонците ставено во мртовечка урна, од кое се отвора огнено Ружата на Вселената со Господ седнат крснозе среде неа што ја држи во дланка пресечената македонска глава и пее химни со гласот на првородените води, велејќи му на Столченото Племе: Издржи го тој колеж и не заборавај го твојот свадбарски пракрик И-и-и-их! во кого горат електроните на твојата екстаза. Оти тој има моќ да ја фати за рака и да ја изведе и Евридика од подземјето на смртта во надземјето на животот и да се фати во пламнатото оро на твојот род, подвигот што повте да го стори Орфеј, син на Лин Македонецот, ама не успеа.

Епилог

И тридни и три ноќи во кои се згуснати столетијата во кванти сал како под микроскоп на Бор и Хајзенберг траеше гозбата мрачна во Преспа, и танцуваше во делириум новата Саломе пијана во пранагонот за зло, од смртта што ја донесе и остави, небаре свадбен поклон, во Македонија. Смртта што ги брише сите македонски архисимболи и знаци, празнејќи ги од огнот на животот и ставајќи ги спепелени во мртовечка урна. Танцуваше до бесвест со обновена мрачна моќ по Ерусалим Иродовата ќерка во Преспа со главата пресечена на Македонците, злато на златото и светлина на светлината. И чудно, таа света глава сега толку многу наликуваше на главата на апостол Павле веќе повторно, испратен од Господ, иташе кон Троада каде пак го чекаше Македонецот со молбен глас: „Дојди во Македонија и помогни ни“. Од Троада тој чекореше кон Преспа да го охрабри малото Племе со пресечена глава, чиј свет имот до последниот Господов атом е опустошен и разграбен. Оти и во Преспа сега беше истата страшна слика, истото помрачение на Цивилизацијата како тогаш на Иродовата гозба во Ерусалим со пресечената глава на Крстителот; помрачение тешко како она напладне на Голгота кога го распнаа Спасителот, што траеше цели три часа до крајните рабови на вселената, а потоа пак стигна светлината за да го покаже во јасна присутност злосторството на крвниците. Да ја осветли закланата убавина, која и според Достоевски има задача на спасение на светот. Онаа што им ја наменил, како што вели во посланијата и Павле, Господ на Македонците „Синови на светлината“ во „расипаниот род“ на човештвото. Така. Ама Светлината што беше сотворена првиот ден од создавањето на светот ја избербати и силува Цивилизацијата од запад на Иродовата гозба во Преспа. Беа тука силувани од неа и сите ангели што беа испратени од небото онаа ноќ во домот на праведникот Лот во Содом да ја зачуваат од развратот неа, а тој ги спаси од бесрамната содомска толпа што сакаше да блудничи со нив, понудувајќи им ги во замена своите прекрасни ќерки. И ги спаси.
Така беше тоа во Содом тогаш, ама сега во Преспа заедно со Македонците беа обесчестени и заклани и Ангелите и Лот и Неговите ќерки. Топтан, оти ништо не ѝ е свето на Вавилонската Ороспија и на нејзиниот искусен во мачењето велеучител Маркиз де Сад со црна ружа на смртта на реверот. И сврши како свршетокот на светот најпосле таа мрачна гозба на европските и балканските канибали. Но по неа не си заминаа по дома џелатите што ја подготвија во неа во кујната на Цивилизацијата и не беше кренато од место мачилиштето со неговите пеколни изуми за смрт на посветените во Светото. А Македонците го поседуваа во изобилство како имот Него, како меморија без брегови на срцето и духот, златната нишка што минува со Името низ страниците на Светото писмо. Името што никогаш не го напушти искрата на Светиот Дух, која сега во Преспа требаше целосно да се угаси и спепелена да се заклучи со оној морбиден Северен Катанец во кујната на смртта, а потоа како редок артефакт да се однесе во музејот на злото на Цивилизацијата со горд префикс Западна. Патот до таму, пак, по кој патува и пресечената глава на Македонците, е замислен како свечена погребна процесија на која на закопот на Столченото Племе сатрапите од Запад, природно, ги придружува и домашниот Ирод од смуртеното село со својот палеолитски надворешен министер, Владата, парламентот и плус оние осумтемина додадени убијци како услов да се оствари злосторството, а по нив се влечеа потемни од најтемната ноќ и околните балкански хиени и канибали.
Страшна погребна процесија, перверзно претставена од Цивилизацијата и домашните јуди за свадба, арно ама на неа беа во смртен молк, завиени во траур македонските зурли, труби, кавали, тамбури и тапани што го тресат и небото и подземјето. На нивно место стапи, ама малодушно, иако има космички звук, Ода на радоста на германскиот гениј, кој кога слушна како и за што се узурпира неговото дело трипати се преврте во гробот, ја проколна Европа и ослепе во смртта да не го гледа од неа ова злосторство.

(продолжува)