Интелигенцијата на Македонците

2066

По шеговитиот поглед на проблемот, барем на прв поглед, изгледа дека нискиот коефициент на интелигенција мора да е резултат на тоа што истражувачите како примерок ја зеле владејачката елита: премиер, вицепремиер, ген-сеци, специјални обвинителки и слично

На маргините на бранот на секојдневни скандали, извинувања, закани и ветувања, проструи и една кратка информација што создаде (уште еден) бран на самосожалување и национален мазохизам. Медиумите пренесоа кратка информација за некакво научно истражување, според која нашиот национален просек на интелигенција изнесувал IQ 82 и бил „најнизок во регионот“. Тоа како да беше последната капка во чашата чемер во која се дави Македонецот. Изворот на информацијата бил во книгата „Интелигенцијата на нациите“ (2019) од Ричард Лин и Дејвид Бекер од Улстершкиот институт за општествени истражувања. Ете, дури и оние од Запад, „научно“ докажале дека сме глупави и недоветни! Тоа е таа тешко разбирлива манифестација на национален мазохизам и патетика, кои преминуваат во ламентирање над сопствената безнадежност и неспособност.
Кај „новинарите“ желни за сензации, особено ако одат на наша штета (ние сме последни во регионот, иако и Албанија има ист коефициент, а и светскиот е тука некаде), нема ни трошка сомнеж. Нема прашање кој е институтот, истражувачите, по која методологија дошле до резултатите и, конечно, што воопшто значи „интелигенција на нациите“. Сенсот за истражувачко новинарство не постои, но затоа се вреска на цел глас за „фејк њуз“ и „хејт спич“ кога некој ќе (им) ги подбере лажливата влада и нејзините Потемкинови села.

За почеток да појасниме: „институтот“ за кој станува збор е повеќе од сомнителен. Авторите се претставници на „белите супремационисти“ (или со обични зборови кажано – расисти, луѓе што сметаат дека белата/ариевска раса е супериорна над сите други). Доволно е да ја видите IQ-мапата на светот, на која африканските нации се обоени со црвена и темноцрвена боја, за комплетни (полу)идиоти. Лин (89) е бивш универзитетски професор по психологија, кој ја заговара тезата не само за расни ами и родови и социјално детерминирани разлики во интелигенцијата, а кому титулата „емеритус“ му е одземена минатата година токму од универзитетот на Улстер. Меѓу другото, тој е застапник на теоријата на „студените зими“, односно еволуцијата на човечката интелигенција ја поврзува со климатските услови: студената клима го поттикнала повисокиот развојот на интелигенцијата кај северните народи. Ако Лин и неговите соработници воопшто имаат некаква заслуга во науката, таа треба да се бара во провокацијата во однос на прашања што современата наука одамна ги надминала како расистички и ненаучни. Расизмот, фашизмот и некои други зла не исчезнале сосема… Она што Лин и компанија го пропагираат „научно“, некои го применуваат практично. На пример, во практиката на Европскиот суд за човекови права има случаи на деца од ромско потекло (од Чешка и од Словачка) што биле испратени во специјални училишта затоа што училишните власти „откриле“ дека имаат премногу низок коефициент на интелигенција. Со други зборови, интелигенцијата може да биде основа за дискриминација, дури и тогаш кога интелектуален дефицит нема. Не обидувајќи се да бидам експерт по прашања што не се од мојот домен, сепак јасно е дека мерењето на интелигенцијата (на поединци) е сложена работа, бидејќи зависи од видот на тестот и методологијата. Мерење интелигенција на колективитети е нонсенс, особено во ера на глобализација, миграции, мешање етницитети и раси, т.е. ситуација во која ниту една нација не е „чиста“, ни северна, ни јужна. Без намера суштински да навлегувам во оваа тема, ми падна в очи мазохистичкиот нагон што се разбуди овде, но и злорадоста кај некои, кои како едвај да дочекаа да „докажат“ зошто не нѐ бива како држава и нација. Мнозина го прифатија рефренот и уште очајуваат… По шеговитиот поглед на проблемот, барем на прв поглед, изгледа дека нискиот коефициент на интелигенција мора да е резултат на тоа што истражувачите како примерок ја зеле владејачката елита: премиер, вицепремиер, ген-сеци, специјални обвинителки и слично.

Навистина, често секому му паѓа мрак на очи или проработува црвот на сомнежот: како ги заслуживме овие „повторувачи“ (дури и кога имале петки или во биографиите за премиери и министри им пишува какви таленти покажувале во основно училиште, па дури и „интернет експлорер“ познавале)? Зарем зборот „елита“ не се врзува за најспособните, најдобрите? Зарем само кај нас најлошите се на врвот? Тоа е доста наивен поглед, бидејќи „корисните“ идиоти не се случајност, туку имаат важно место во големата шема на нештата. Лепење етикети на цели нации, раси, пол, социјални слоеви ѝ е својствено само на филозофијата на поедноставување на нештата заради политички и други цели. Кога ќе ве скршат, ќе ве убедат дека сте неспособни и никакви, со тоа ви ја одземаат потенцијата да смените нешто. Тоа е најефикасен начин на кој се пацифицира и пасивизира мноштвото. Она што ме вџашува (одново и одново) е фактот што, без отпор, целата власт им ја предаваме на оние што се полоши (и понеморални и понеинтелигентни). И притоа, успеваат да ни го всадат чувството на некадарност и да нѐ лишат од чувството на дигнитет, самопочитување и верба дека можеме да изградиме пристојно општество. Во целата слика немаат улога само квазинаучните студии туку и мерењата на „функционална (не)писменост“ и „невработливост“, кои пазарот и капиталот ги ставаат на позиција на врховни арбитри за тоа кого го бива, а кого не. Од друга страна, не можеме да бегаме ни од тажната вистина дека со сите деформации во „пустината на постсоцијализмот“ и неуспешната транзиција во европската периферија, се создаде модел на „успешен човек“, кого не го красат никакви вредности, освен лажни пердуви. Најопасен е ликот на полуинтелектуалецот. Ги среќавам и во најблиската средина, па гледајќи го нивниот пат кон „ѕвездите“ ги нарекувам „херои на нашето време“: фолиранти, селски итреци, опортунисти, кои без многу труд (или интелигенција) постигнале врвни позиции, одличија, награди, биографии со по четириесетина книги – а не излегле подалеку од Табановце, ниту знаат странски јазик и ниту се измешале со странски колеги. Тоа се јунаците од нашето „село“ неспособни да се споредат со „градот“ (со различните и подобрите од себе). Сите знаеме дека царот е гол, а дека меѓу кориците на книгата има амбис, едно големо ништо, но пристојно молчиме, климаме во одобрување и аплаудираме (особено во присуство на државниот врв). Е, од такви „великани“, најдобрите студенти бегаат од земјава. Деновиве дипломира едно исклучително интелигентно момче, на кое успеавме да му го убиеме ентузијазмот: почна со одлични оценки, а сега само гледа да ја грабне дипломата и да збрише подалеку. Друг извонреден студент дипломирањето со највисоки оценки го доживува како казна (на судбината): сам со братот, поради дипломата ќе ја загуби пензијата од починатата мајка и не може ни да напредува (иако има исклучителни капацитети) ниту да се вработи. Сето ова се случува во време кога „елитите“ ронат крокодилски солзи и се извинуваат за сѐ и сешто, и кога ќе сторат криминал и кога нема да го видат (или ќе нѐ убедуваат дека тоа што сме го виделе и чуле никогаш не се случило, кога не само што нѐ лишија од чувството на дигнитет туку и нѐ обвинуваат дека тоа е националистичко зло, кога нѐ срамат по светот секогаш кога ќе отворат уста (data/date, хоризонтално/вертикално – исто им се фаќа), кога понекогаш стварноста се чини нестварна, животот се клацка помеѓу циркус и лудница, веројатно и лесно е да поверуваме во тоа дека ние сме мороните во приказната, а не тие.

Шоуто мора да продолжи – и ќе продолжи. Она што најмногу треба да нѐ загрижи е прашањето на алтернативата: дали има излез од ѓаволскиот куртомуртовски круг во кој сме фатени? Особено ние што знаевме дека Шарената револуција е шарена лажга, дека едниве мора да заминат, ама дека проблемот е кој треба и може да го скрши кругот, повторно се соочуваме со сопствената безидејност и пасивност. Што е сторено во меѓувреме? Коефициентот IQ 33 (или дури и 3.3) нема да издржи долго дури ни во редовите на неговата партија, ама на дното од дното одѕвонува ехото: каде е алтернативата? Кој е излезот? Ги гледам Грците и ги жалам, ама и се самосожалувам: тие имаа (надеж), па ја изгубија, за да се вратат на почетната точка на периферијата и во должничкото ропство. Животот на обичниот Грк не се смени, ама Македонија исчезна (и бледнее дури и во химната) – и тоа е најголемото постигнување на еден лажен левичар како Ципрас и еден човек со коефициент на интелигенција што секојдневно нѐ потсeтува дека сме идиоти (idiotes).