Има ли скратен пат до вита става и здраво тело?

196

Традиционално како што се наближува летото многумина бараат „скратен пат“ за брзо враќање во форма, па се подложуваат на разни диети, кои во основа носат краткорочни резултати, а честопати и штетни последици по нашето здравје и пред сѐ по нашата крвна слика, кожа, коса и нокти поради недоволен внес на клучни нутриенти

Не е тајна дека борбата за симнување килограми, одржувaње идеална тежина и за фино обликувано тело не се добива само со периодично вежбање и потење. Иако, како и за секоја друга здравствена проблематика, генетиката и возраста играат голема улога и во овој случај, сепак клучот е во „кујната“ т.е. континуираната балансирана и разновидна исхрана. Сепак, голем дел од нас тешко одолеваат на секојдневните „слатки и масни“ предизвици, а дополнително сите поминавме и низ повеќемесечен период на ограничено движење (кој се надевам е зад нас) и резултатот од ова кај многумина е вишок килограми и масни наслаги.
Традиционално како што се наближува летото многумина бараат „скратен пат“ за брзо враќање во форма, па се подложуваат на разни диети, кои во основа носат краткорочни резултати, а честопати и штетни последици по нашето здравје, пред сѐ, по нашата крвна слика, кожа, коса и нокти поради недоволен внес на клучни нутриенти. Драматичното намалување на внесот на калории води и кон хроничен замор, вртоглавици, несвестици и депресивни епизоди.

Затоа е многу важно да не се изгладнуваме, туку да почитуваме некои правила што ќе го забрзаат варењето на храната и ќе го стимулираат нашиот метаболизам. Во прв ред е важно да јадеме во исти термини секојдневно и да не се прејадуваме, туку да јадеме повеќе (3-5) мали оброци на ден, со што ќе избегнеме складирање непреработени калории како масти. Исхраната треба да се базира на непреработена храна (овошје и зеленчук), како и интегрални жита, чии компоненти содржат многу растителни влакна, кои се клучни за брза разградба на храната и за користење на клучните нутриенти. Задолжително вклучете појадок, а исклучете ја вечерата, која редовно завршува како вишок килограми. Пијте 2-3 литри вода дневно бидејќи водата е важна за сите метаболички процеси и го зголемува чувството на ситост.

Непријатели на вашата телесна тежина, и здравјето воопшто, се пржената храна, масните меса и конзервирана храна, белите печива и слатки, како и безалкохолните пијалаци и алкохолот, па затоа избегнувајте ги во овој период. Искористете го убавото време за секојдневни физички активности на отворено, од барем триесетина минути, за да ја намалите телесната тежина и да ги намалите масните наслаги. За дополнително да го забрзате метаболизмот и да постигнете здраво и одржливо слабеење на долг рок, корисна е секојдневна повеќемесечна примена на препарати на база на пробиотици, витамини од Б-групата како и јаболков оцет. Пробиотиците имаат широк спектар на дејство, кој се базира на воспоставување рамнотежа на цревната микрофлора со што се регулира целокупниот метаболизам и се превенираат голем број стомачни проблеми (надуеност, гасови, дијарeја, констипација итн).

Голем број истражувања покажале дека доколку се користат млечно киселински пробиотски бактерии во период од два месеца и повеќе, истите тие благотворно влијаат на здравјето на личноста со прекумерна телесна тежина. За да се оптимизира ефектот на пробиотиците тие се комбинираат со пребиотици, кои се нивна храна, а за да стигнат до тенкото црево каде што го манифестираат своето полезно дејство, истите тие се пакуваат во желудечно отпорни капсули, кои го зголемуваат степенот на нивно преживување.

Витамините од Б-групата, од своја страна, придонесуваат за нормален енергетски метаболизам и метаболизам на протеините и гликогенот. Јаболковиот оцет претставува богата комбинација на минерали, органски материи, ензими и природни киселини поради што може да игра суштинска улога во процесот на слабеење и регулирање на маснотиите во крвта. Овој ефект јаболковиот оцет го постигнува преку намалување на апсорпцијата на маснотии во тенкото црево и забрзување на метаболизмот, истовремено намалувајќи го апетитот.

Авторот е м-р по фармација и топедукатор