Игрите околу претседателот Иванов

938

Во сегашната политичка ситуација во Македонија мошне интересна за објективно новинарско набљудување е позицијата на претседателот на државата Ѓорѓе Иванов, иако тој не е популарен и омилен во поголем дел од медиумите. Осамен на формалниот врв на пирамидата од уставната власт и одговорности, изолиран од актуелната владејачка гарнитура по клучните државни прашања, напуштен од сегашната опозиција, а сепак стабилен во однос на својот претседателски статус. Фигуративно објаснето, неговата фотелја по сите критики на негова сметка е можеби растресена, но, суштински гледано, не е расклатена како што некому на прв поглед му изгледа.

Иако со ретко низок рејтинг и по сите промени што не му одеа во прилог, особено по падот на ВМРО-ДПМНЕ, партијата со која беше во нераскинлива спрега, останува во најголем дел на своите изречени ставови. Сигурно го тангираат многубројните забелешки од владините и собраниски кабинети, но немаат сериозно влијание за поместување или промена на неговите ставови. Најочигледен пример за тоа е Законот за употреба на јазиците, изгласан во Собранието уште во јануари годинава, но до денеска необјавен во „Службен весник“, односно невлезен во сила. Иванов ги издржа сите критики, навреди, омаловажувања, што од политичари, што од новинари, но законот не го потпишал.

Не дадоа плод ниту заканите, ниту навестуваните црни сценарија за Македонија доколку не го стави својот потпис. Ниту, пак, некој друг најде сили да го потпише и спроведе со игнорирање и прескокнување на потписот, како што се најавуваше. Ставот на претседателот по ова прашање, како и многу други ставови различни од власта, некому, лаички гледано, му личи на терање инает од негова страна. Но гледано уставно-правно, во тој инает сигурно има и дел од чување принципи и законски процедури, обврски на кои тој е должен да се придржува. Актуелната власт, откако не успеа да го придобие на заканувачки начин, сега му испраќа замолница тоа да го стори, посредно признавајќи му дека делумно бил во право и дека во крајна линија спроведувањето на законот зависи и од него.

Нема сомневање дека во голем дел критиките и забелешките за неговото однесување и за неговите постапки се оправдани, но меѓу нив некои претерани, дури и примитивни. Не може да се сфатат како добронамерни понижувањата на кои е изложуван од една политичко-жолтожурналистичка антинационална дружина, од новинари што се познати по тоа што биле во „административен брак“ со домашните тајни служби, чии инсталации сѐ уште се присутни во медиумите. Ниту, пак, да се прифатат како позитивни или да се оправдаат постапките со палењето на неговата таканаречена „народна канцеларија“, во која очигледно не влегува никој заинтересиран. Во таква констелација секоја објективна оценка на ставовите и дејностите на претседателот Иванов се чини одвишна и однапред осудена на неуспех.
Од друга страна, како придонес во градењето на општата негативна слика не може да се исклучи неговата несмасност во формулирањето на изјавите и соопштенијата, неселективниот избор каде и кога да присуствува, несигурноста во одлуките што ги донесува. Врв на неговото несоодветно политичко дејствување беше какофонијата што ја создаде со помилувањата за стотици обвиненија на челниците на ВМРО-ДПМНЕ, но, како што минува времето излегува на видело дека и во тоа безредие најверојатно имало некој систем, кој, во некакви околности, би се покажал поволен за обвинетите.

За неговата посебна и зачудувачки сѐ уште стабилна позиција говори еден факт што речиси и не се спомнува. Имено, во телефонските разговори што ги доби Зоран Заев, претседател на СДСМ и тогашен водач на здружените опозициски партии, речиси никаде не беше споменато и употребено името на Иванов. Од целата прволигашка вмровска гарнитура, само тој не е предмет на Специјалното јавно обвинителство, ниту на кој било друг орган од таков вид. Наивно е да се мисли дека не бил прислушуван меѓу тие илјадамина личности и дека нема прислушувани разговори за него, од него или со него. Ноторен факт е дека само тој и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се поштедени во телефонскиот политички потоп, иако за вториот имаше громогласни најави за објавување.

Затоа интересна е дилемата дали Заев намерно го штедел Иванов или бил советуван од странските актери во аферата него да не го чепка, да не отвора поголем фронт. Во прилог на тезата дека Иванов има некаква заштита од западните дипломати или служби е што беше, барем привремено, запрена лавината од напади, а омекна и острината на јазикот на критиките од политичарите. Во истиот период се покажа дека и Иванов не е толку наивен колку што изгледа, дека знае да тера инает, знае да чека и да врати со иста, ако не и со поголема мера. Политичар мора да има некои скриени адути во ракавот што му даваат одредена храброст и сигурност за да може така да постапува и да се противставува на мнозинското мислење и расположение.

Уште повидлив е факот што ДУИ и Али Ахмети, иако не го признаваат за претседател, не добиле од своите меѓународни патрони директива или дозвола за да поведат „посебна“ акција, која би послужила како иницијална каписла за посериозна пресметка со него. Во тој меѓународен контекст името на Иванов често се посочува како врска и потпора во остварување на руските интереси во Македонија, контра НАТО и ЕУ. Тоа не е исклучено, но неколку факти, негови средби и изјави упатуваат дека може да се тврди и спротивното. Претседателот на државата, како и претседателот на Владата, освен со јавни личности од странство, несомнено имаат посебни врски со странски тајни служби и со тајни канали преку кои нешто функционира и се договара, но тие ретко или никогаш не се откриваат и не се обелоденуваат во јавноста.

Ако се прави некаква споредба на позицијата на претседателот сега таа е постабилна отколку една година порано, особено по настаните од 27 април лани, кога масата демонстранти влезе во Собранието. Иако неговото име беше доведувано во врска со тие насилнички упади, засега е надвор од обвинение, но не може да се исклучи дека е под долга опсервација. Сепак, тоа не го колеба да држи и тврдоглаво да ги повторува своите ставови, кои не се во согласност со волјата на владејачкото мнозинство во Собранието, ниту кореспондираат со ставовите на Владата предводена од СДСМ и ДУИ.
Особено забележлива е разликата околу името и преговорите со Грција. Додека претседателот на Владата и министерот за надворешни работи го игнорираат и го имаат исклучено од процесот на преговорите, Иванов упорно изразува несогласување не само со начинот на преговарање туку и со неговата суштина. Поконкретно, додека првите двајца прифатија ново име со ерга омнес употреба, со промена на Уставот, вториот се противи и смета дека е тоа историски погрешен чекор, чин низ кој Македонците, со текот на времето, ќе го изгубат својот национален идентитет. Тука нема навестување за некаква идна кохабитација, иако и Иванов тврди дека се залага за влез во НАТО и во ЕУ, но не со име во кое нема да се препознава македонскиот народ.

Како што беше исфрлен од игра за договорот со Бугарија, надвор од игра е и сега во утрото на договорот со Грција. Но, тука има сериозна разлика на која треба да се укаже, а која може да се толкува дека периодот што доаѓа ќе биде во прилог на претседателот. Имено, договорот со Бугарија не бара, барем засега, уставни или законски измени. Таквите барања би произлегле по дебатите на комисиите што ќе разговараат за подетално пеглање на односите. Но, според сите сегашни информации, договорот со Грција ќе содржи одредби што македонскиот устав ќе го свртат сосема наопаку од досегашниот. Отворањето дебата за Уставот по грчките услови несомнено ќе биде отворање на пандорината кутија во македонските внатрепартиски и меѓунационални односи. Тоа нема да биде плукни-залепи и готова работа. Власта и народот допрва ќе ја почувствуваат тежината на тој непромислено преземен товар.
За сите промени треба да се носат посебни закони. Секој донесен закон во Собранието го потпишува претседателот на државата. Првпат, вторпат или никогаш, како во случајот со законот за албанскиот јазик. Не е за верување, но не и за исклучување можноста дека претседателот нема да потпише ниту еден закон за кого лично ќе оцени дека оди на штета на државата и на нацијата. Хипотетички тоа може да си го дозволи без око да му трепне. Има мандат уште нецела година, а нема интерес, ниту законско право, да се кандидира уште еднаш. Има имунитет, командант е на вооружените сили, раководи со Советот за безбедност. Има и други овластувања.
Од друга страна, Собранието нема мнозинство да му изгласа недоверба (импичмент), Уставниот суд нема елементи по кои може да поведе постапка за негово разрешување. Владата нема легален инструмент да го отстрани од функцијата. Доколку самиот „не се разболи“ и не поднесе оставка од здравствени причини, може да биде сменет само во заеднички организирана, домашно-меѓународно продуцирана хајка, да му се измисли некоја афера, да доживее сообраќајка или атентат, кампањи и акти, кои не се непознати за претседателите на Македонија од денот на нејзината независност. Со евентуален таков чин Македонија би се вовлекла во уште поголема криза, чиј крај би бил далеку понеизвесен од сегашниот.
За доброто на Македонија и на нејзините граѓани претседателот Иванов, таков каков што е, со сите негови маани, ќе им треба на Владата и на Собранието. Како што на претседателот на државата во наредните десет месеци ќе му треба добра соработка со законодавната и извршната власт. Се разбира, ако и од едната и од другата страна ѝ мислат добро на државата.