Зоља во бостанот

642

Не знам зошто мене би ме загрижувала состојбата во селското стопанство или во Министерството за земјоделство. Луѓето од град во малиот прст треба да го имаат градот и да се справат со градските проблеми. Луѓето од село, со дипломи добиени во град, во малиот прст треба да го имаат селото и да се справат со селските проблеми. Си има државата луѓе, учеле за селско стопанство, и сега се уредно и високопоставени во градската и државната администрација, за високи плати, и тие нека нишаат врати и земаат плати. Во социјализмот нѐ сотреа со лозунги: нема леб со политика, туку само со мотика. Дојде демократијата, сега нема леб со мотика, туку само со политика. Јас сум (бев) од туризмот, сега не нишам врата, ама земам пензија, бидејќи 43 години (!) сум авансирал за неа. Но поради некои карактерни особини, натрупано животно и туристичко искуство, не можам да се одлепам од туризмот. И точно пред една година, новинарот Илија Петревски од редакцијата на ТВ 21 повика тројца компетентни туристички работници да коментираат за туризмот во тогаш претстојната туристичка 2017 година. Морам да признаам дека коментарите беа солидни, конкретни и, за жал, веќе кажани по 1.006-ти пат, бидејќи нештата во туризмот, особено во државата, се повторуваат, се рециклираат безброј пати, но повторувањата-рециклажата се само ноторно штетни. И така секоја година. Еден мој пријател што ги гледа и чита моите коментари еднаш ми рече: „Па, ти ова го имаш кажано и минатата година и пред неколку години исто така“. Па, што да правам кога посочените грешки ги повторуваме безброј пати, ни станаа животно мото „перпетуум мобиле“. Гумена лента што се врти, на која ние настојчиво трчаме – во место. Мојот коментар од пред една година беше: скромниот туристички девизен прилив од транзитните патници, кој секоја година, во невидена бројка (за нас), ја поминува и одминува Р. Македонија со голема брзина, небаре владеат овчи сипаници на теренот. Во јули-август, не сметајќи ја претсезоната јуни-септември по магистралата север-југ, Куманово – Гевгелија, минуваат по два милиони патници. На враќање уште толку, тоа се четири милиони патници. Освен драматичните наплатни станици на кои пишува „само готовина“, на кои многумина се потсмеваат, бидејќи „само кеш“ во западниот свет е причина за корупција и далавера.

Ретко што, освен полициска контрола или бензинска пумпа, би ги запрело на патеката од 210 километри низ Република Македонија. Тогаш предложив дека таа патека е прекрасен терен за зелен, кванташки пазар, каде што секој, а особено од оние земјоделски плодородните краеви, може да ја изнесе својата продукција на организиран кванташки пазар, по кој ќе ја паметат земјата на плодородието и зеленчуците. Росоман нема да стигне да фрла гајби со праски и домати, во вид на протест, пред Министерството на земјоделство или пред Владата. Замислете, кој не би купил по 1 лубеница + 1 диња гратис, онака бонус кон лубеницата, за 5 евра од парче. Да ви помножам, 4 милиони патници Х 5 евра се 20 милиони евра. Нема кој не би купил и биено сирење и домати и ајвар и врел бурек и ладно кисело млеко. Пазарот би работел 24/7 цели 60-70 дена, а остатокот од годината исто така е употреблив за пласман на земјоделски производи и домашни пити со тикви, праз, коприва и сѐ друго што никнува на оваа плодна, засега Република Македонија. Ние со Република Македонија не знаеме што да правиме, па ја менуваме за Република Северна Македонија, онака, заради разнообразие. Не од безобразие. Да ти дојдат-пројдат 4 милиони гости, патници и ти да не знаеш како да ги пречекаш и испратиш, туку протестираш од незнаење што би правел со бостанот и зеленчукот и да молиш Република Косово да го купи или, ако не го купи, да им се закануваш со – санкции.

Ова не е зољја во главата туку, селски речено, во тиквата. А, нештата не се повторуваат. Замислете, се случуваат само еднаш. Само еднаш беше 2017 година. Само еднаш ќе се случи 2018 година. Светското првенство во фудбал 2018, на Русија ѝ донесе 1,35 милијарда евра, за еден месец, само од туристичкиот промет, сместување, храна, превоз. Авторски и ТВ-права и други лиценци – немам податок. Но туристичкиот промет е 1,35 милијарда евра. Но каде е туризмот со прометот во околните земји, ќе дознаеме наскоро, со завршување на летната сезона. Во соседна Република Бугарија, само на една отсечка од петнаесетина километри на ривиерата Сончев Брег, Несебар- Влас има 200.000 легла, најмногу луксузни од 4 и 5 ѕвезди. Тоа значи барем 500.000 кафиња и пива на ден, без скара. Нема да претворам колку ѓевреци и евра е тоа на ден. Светот се движи, со космичка брзина, без да ја чека Република Македонија. Првиот космички хотел ќе ги прими првите гости во 2022 година, тоа е за четири години, или 1.460 дена, по овој број на весникот, јавија од Си-ен-ен. Космичкиот хотел „Аврора“ ќе обиколува на орбита околу Земјата и ќе сместува до шест патници истовремено, од кои двајца ќе бидат екипаж, соопштуваат од американската компанија „Орион спан“, чиј проект е хотелот. По содржина, „Аврора“ ќе биде космичка станица.

Неколку проекти за космички хотели останаа неостварени, но „Орион спан“ дури го објави датумот на отворањето, 5 април 2022 година. Компанијата ветува дека космичките патувања ќе ги направи и поевтини, минималниот престој од шест дена првите клиенти ќе ги чини по 10 милиони долари. Пакетот е 12-дневен, вклучува тримесечна подготовка и транспорт. Дел од економијата, за толку евтин престој, доаѓа од економијата и кратење на подготовките, бидејќи таа при обичните космички мисии трае и по две години. Создавачите на „Аврора“ ветуваат „автентични космички доживувања“. Освен тренинг-програмата, на бродот посетителите ќе можат да учествуваат во експерименти, како на пример одгледување зеленчуци при нула гравитација (а не во идеални услови, како во Струмица и во Росоман), ќе се насладуваат на 16 изгреви и зајдисонца на ден, тврди Си-ен-ен. Хотелот ќе обиколува на растојание од 322 км од површината на Земјата. Една обиколка на Земјата ќе трае околу 90 минути. Компанијата „Орион спан“ веќе запишува, со аконтација од 80.000 долари. Една жилверновска амбиција: кога ќе можеме да им доставуваме зеленчуци на туристите во вселената? Во 3018 или 3019 година, можеби? Знаете, сепак сум градско дете од 1968 години, зашто јас да размислувам за зеленчуците, наместо за туристите.

За добра трговија и успешен бизнис, народот рекол: „Треба и Тоше и ќоше“. Демек, дуќанот да е на ачик (тур. отворено) место. Подобро ќоше и поачик од тоа низ кое поминуваат 4 милиони транзитни туристи, во двата правци за 60 дена, не може ни Господ да подари. Една поговорка вели ,,господ дава, ама не во кошницата“ (паричникот). Значи, производството треба да се изнесе прво на сопствената тезга, а штетата од празната тезга долга 221 километар нема кој и зошто да ја пополни, ниту да ја обесштети. Употребете ја тука таблата „кеш онли“. Со паушален данок и закуп на тезгите, државата ќе обезбеди и пласман и спокојство од земјоделците. Затоа, немојте да му се заканувате на Косово со контрамерки и од нив да барате обесштетување, имајќи свој пазар под носот и гладни транзитни купувачи. Може да биде контрапродуктивно. Не сме дораснале да се инаетиме со Косово, сепак тврд орев е за нас. Не доживувајте го ова како зољја кон нашиот бостан. Не се ни тие во подобра состојба. Не сакам да размислувам за нивните грижи, секој си има свои и свое решение, за своите проблеми. Решението на РМ не е зависноста на Косово од македонски зеленчуци.