Зошто спортот е важен за девојчињата?

914

Силвија Митевска


Многу истражувања реализирани на глобално ниво укажуваат дека над 70 проценти од децата се откажуваат од организирани спортови пред да наполнат тринаесет години. Овој податок е особено алармантен за девојчињата бидејќи стапката на откажување од спорт кај нив е далеку поголема од стапката на откажување кај момчињата. Според истражувањето спроведено во Македонија, 64 проценти од момчињата спортуваат наспроти 36 проценти девојчиња. Од друга страна, пак, потврдено е дека девојките што се занимаваат со спорт имаат многубројни здравствени придобивки, подобри социјални и когнитивни вештини, имаат подобар академски успех, степен на образование и перформанс во работната сфера. Имено, дури 84 проценти од успешните деловни жени што се на раководни функции во младоста тренирале спорт, а повеќе од половина и се натпреварувале во некој спорт што укажува на силна корелација помеѓу нивниот успех во спортот и нивниот успех во бизнис-секторот. Земајќи ги предвид овие придобивки, вознемирувачки е фактот што укажува дека откажувањето од спорт на рана возраст има негативен долгорочен ефект, па оттаму итно мора да се најдат мерки за девојчињата да продолжат да спортуваат.
Која е корелацијата помеѓу спортувањето и успехот во работата?

Сите овие истражувања и статистики ме предизвикаа да размислам за моето искуство како млада спортистка, и за мојот подем во спортот. Имено, имам дваесетгодишно спортско искуство, долго време професионално се занимавав со параглајдерство, а аматерски се имам занимавано со уште многу други спортови. Почнав да летам со параглајдери на петнаесетгодишна возраст, период што важи за бунтовнички и полн со предизвици. И иако практикував воздухопловен спорт, се сеќавам дека спортот во тој период ме ,,приземји“ и ми овозможи да ги видам работите од друга перспектива.
Од бунтовничка и незаинтересирана студентка, која неквалитетно го исполнуваше своето слободно време, трошејќи ја енергијата на непотребни па дури и штетни нешта, спортот ја имаше моќта да ме трансформира и да ме насочи кон амбиции дотогаш непознати за мене. Преку спортот го научив значењето на дисциплина односно самодисциплина, самоорганизираност и менаџирање на сопственото време. Знаев дека ако сакам да летам тој ден, не смеам да доцнам на тренинг. Мојата самодисциплина и одговорност од спортскиот терен се преслика и на училиштето (не доцнев повеќе на наставата), а подоцна и на работното место. Научив навремено и ефикасно да ги завршам сите училишни обврски за да можам да појдам на тренинг, односно успешно да го распоредам времето, завршувајќи ги зададените задачи (оваа вештина е многу потребна подоцна, кога треба да се најде баланс помеѓу работата, семејството и рекреативните активности).

Покрај стекнување со овие карактеристики, спортот е одлична алатка за зајакнување на девојките и одличен стимуланс за поттикнување на самодовербата и на самопочитта. Како и речиси секоја адолесцентна девојка, која е несигурна во себе и незадоволна од физичкиот изглед, откако почнав активно да спортувам, се развив во сигурна, задоволна и остварена личност, со силна доверба во себеси, во сопствените можности и способности.
Спортот ми беше најдобар учител во животот. Безмилосно ме научи да прифаќам порази и да губам, но истовремено ме научи дека никогаш не треба да се откажам од поставената цел. Уште на рана возраст научив дека патот за да се стигне до победа мора да биде поплочен со упорност, борбеност и со одлучност. На своја кожа го почувствував горчливиот вкус на поразот, кој и покрај негативниот ефект, ме научи како треба да се надминат недостатоците и грешките. И набрзо по првите натпревари сфатив дека победа не може да се постигне без самопожртвуваност и истрајност. Длабокото задоволство и среќата што ги носи победата следуваат само по напорен и по исцрпен тренинг и работа.
Оценувајќи го моето спортско искуство од оваа перспектива, ценам дека беше пресудно за мојот успех и лидерството во работното опкружување. Процесот на отелотворувањето на искуството не само за победа туку и за критичкото искуство за губење, односно за надминување на пречките што ја градат довербата е неверојатно корисна основа за лидерство. Лидер е синоним за храброст, посветеност, чесност, почит и емпатија. За да го научите ова не ви се потребни книги ниту посебни упатства. Доволно е само да почнете да спортувате.
Оттаму, моја препорака и совет до сите родители е да ги охрабрат своите деца, особено девојчињата да спортуваат уште од најрана возраст. Охрабрете ги да се зачленат во спортски клуб, изложете ги на различни спортови и бидете нивна поткрепа кога ќе се соочат со првите порази. Спортот гради лидерки, девојки што прераснуваат во сигурни и храбри жени, зрачејќи со самодоверба, енергичност и борбеност. Подоцна, тие жени се подготвени да преземат иницијативи и да се справат со предизвиците што ги носи животот.

(Aвторката е претседателка
на граѓанската организација ТАКТ)