Зошто не е добра самотијата

766

Со подобрување на општите услови на живот (живеалиште, електрика, водовод, технолошки алатки, можност за патувања итн.), овозможено е несомнено продолжување на животниот век. Така, сѐ повеќе се соопштува за луѓе што доживеале над 100 години, и тоа не претставува некоја особена реткост. Сепак, овие старосни поместувања носат други проблеми. Истражувањата покажуваат дека над 75-та година од животот, осаменоста станува еден од тие големи проблеми. Нема јасни потврди дали оваа појава е посилно изразена сега или била во минатите периоди (на пример, кај генерациите наречени „беби бумерси“, родени во периодот 1946- 64).

Две големи студии на оваа тема опфатиле илјадници испитаници во периодите 1920 – 1947 и 1948 – 2016. Истражувани биле степенот на осаменост, нивото на образование, бројот на членови во семејствата, како и општото здравје. Заклучено е дека чувството на осаменост опаѓа во периодот од 65 до 75 години, но потоа започнува рапидно да расте. Ова се толкува со фактот дека во овој период повеќе од брачните парови остануваат сами, а здравјето и работните задачи значително се намалуваат. Притоа, не е покажана разлика на осаменоста помеѓу поранешните генерации и овие од современиот живот.

Она што е битно во ваквите истражувања е потврдата дека токму осаменоста силно влијае на имуниот систем кај луѓето. Потврдено е поголемо заболување од херпес-вирусите, како и зголемено ниво на инфламаторни протеини во крвта кај осамените луѓе, како резултат на акутниот стрес што го нема кај социјално активните личности. Хроничната инфламација е поврзана со здравствени проблеми од типот срцеви болести, тип 2 дијабетес, артритис или Алцхајмерова деменција. Сето наведено претставува ризик за предвремено умирање. Кај жени што биле оперирани од рак на дојка, осаменоста е значаен ризик за рецидив на болеста. Исто така, и кај овие субјекти било зголемено нивото на проинфламаторни протеини или цитокини (особено интерлеукин 6), како и тумор некрозирачки фактор-алфа (ТНФ) како одговор на стрес.

Уште една студија, која е посветена на осаменоста, направена во Универзитетот во Чикаго (2018), покажа дека таа е фактор на ризик за покачен крвен притисок. Имено, во возраста од 50 до 68 години, четири години на осаменост предизвикуваат зголемување на крвниот притисок. Притоа, крвниот притисок не бил последица од телесната тежина, пушењето, земање алкохол и самата возраст. Осаменоста се потврдила како единствен здравствен ризик. Меѓутоа, осаменоста доста тешко се открива. Луѓето може да имаат доста пријатели и да се вклучени во социјални мрежи, а сепак да се чувствуваат осамени. Тоа значи дека пријателствата не им биле многу значајни ниту им овозможувале некакво чувство на награда. Осамените луѓе имаат покачен крвен притисок за 14,5 мм живин столб повеќе од оние што не се осамени. Тоа значи дека осаменоста има токсичен ефект и затоа треба да се надминува.

Фото: Игор Бансколиев

Во слична насока е истражувањето, кое потврдува дека смртта на сопружникот кај повозрасната група на луѓе е ризична за општото здравје. Постои сигурна поврзаност помеѓу регулацијата на емоциите и здравјето, особено по губење или дури и прекин на некоја романтична врска. Сепак, губењето на сопружникот се смета како особено трауматично искуство.

Кај ваквите испитаници јасно се потврдило зголемување на нивото на инфламаторни клетки, а тоа од своја страна претставува ризик за добивање мозочен удар, срцев инфаркт итн. Затоа, основната препорака на научниците е емоциите да се покажат отворено, а не да се потиснуваат. Значи, да се плаче, да се обжалува без потискање. Потврдено е дека оние луѓе што веднаш по смртта на сопружникот јасно ги искажуваат емоциите имаат подобро физичко и ментално здравје.

Од друга страна, едно истражување направено во 2019 г. во универзитетот „Флорида“ покажало дека миленичињата, кои им биле некакво друштво по смртта на близок, можат да помогнат да се намали депресивноста или осаменоста кај постарите луѓе.
Истото е потврдено и кај луѓе независно од возраста, кои поминуваат низ процес на развод. И кај нив чувањето миленичиња ги намалува депресивноста и чувството на осаменост. Битно е да се знае дека во секојдневниот живот имањето маче/куче не ве прави поздрав. Но кога се соочувате со стресни настани, миленичето е добра поддршка. Можете да зборувате со него, да го галите или карате, сето тоа ги намалува депресијата и осаменоста.

Дека миленичињата имаат позитивен ефект врз менталното здравје е покажано и во примери на деца со аутизам, со невроразвојни проблеми и сл. Со миленичиња, ваквите деца покажуваат подобар напредок во сите сфери на развој. За напредокот на аутистичните деца многу добар одговор е добиен преку дружбите со коњ, чувањето куче/маче или некој друг миленик.

Со други зборови, осаменоста станува генерален проблем на постарите луѓе, но и на оние што не се толку стари. Веќе пишував дека современите технолошки алатки носат широка поврзаност помеѓу луѓето, но тоа не значи дека се превенција за осаменоста. Напротив, покажано е дека токму оние осамените и депресивните почесто комуницираат преку социјалните мрежи. Па сега имате можност за избор: да живеете долго, да сте здрави физички или да сте осамени. Секој самиот треба да одлучи каков правец ќе избере. Затоа постојат мрежи за дружење, помош, социјална заштита, а и поддршка од стручни тимови. Ако ништо друго, миленичињата се добар избор! Битно е секогаш кога ќе се почувствува осаменоста, да се бара решение.