Зошто не го почитуваме изборот за живот без деца?

469

На жените им е дозволено да бидат успешни во професионалниот живот, но не на сметка на семејниот живот. Во спротивно, тие се карактеризирани како себични и егоисти. И овој прекор и незадоволство честопати се искажани од страна на други жени

Сите ние познаваме барем понекоја жена што нe чувствува желба да стане мајка. Или, ако не познаваме некоја одблизу, тогаш веројатно барем еднаш сме биле во друштво со жена што пред сите изјавила дека не планира да има деца. Причините за таа одлука се различни – можеби сака да се фокусира на образование и на градење кариера, можеби не верува дека успешно ќе се снајде во улогата на мајка, можеби не се одлучува поради финансиски причини или можеби едноставно не чувствува мајчински инстинкт и не е заинтересирана да воспитува и да расте деца.
Пред неколку години, и јас слушнав слична изјава од девојка што ја запознав на едно патување. Таа се одлучила да нема деца зашто светот бил пренаселен и немало потреба уште луѓе да се населуваат кога и така се соочуваме со многу проблеми и предизвици на оваа планета. Се сеќавам, нејзините размислувања ми звучеа многу банално и беа многу плитки, па посакав да ѝ викнам в лице: „Но што ако токму твојот син или ќерка се научници и пронајдат лек за некоја неизлечива болест?“ Или: „Што ако твоето дете стане иноватор и спаси од глад милиони луѓе?“ Имав да ѝ кажам милиони причини зошто треба да има дете. Но тие беа мои причини и колку и да ми се чинеше дека се правилни, не кажав ништо зашто знаев дека немам право да се вмешам во планирањето на нејзиниот живот. Кимнав со главата во одобрување и започнавме разговор на друга тема.

Многупати досега имам забележано дека секоја изјава на жена што не планира да има деца наидува на скептицизам и некако суптилно и стихијно сите околу неа се обидуваат да ја насочат да ја преиспита својата одлука. Па, така, нивната изјава изнудува коментари од типот дека ќе зажали и ќе се покае подоцна во животот за оваа одлука или дека никогаш нема да почувствува што значи вистинска љубов. Имам чуено дури како ѝвелат дека ќе нема кој да се грижи за неа во старост. Овие „добронамерни“ совети честопати се придружени од наметливи и досадни прашања, кои само ја поткопуваат нејзината моќ да одлучува за себе и својот живот.

Традиционалните норми и општествените очекувања создаваат голем притисок на жените. Од жените се очекува да се реализираат во улогата на мајка. Жените што се успешни во својата кариера и се лидери во своите организации или заедници се почитувани во општествените кругови единствено доколку се и мајки или барем планираат да имаат деца во некој период од животот. Колку и да се големи постигнувањата на една жена во професионалниот живот, никогаш нема да биде целосно прифатена од општеството доколку нема семеен живот. Колку и да е успешна директорка, докторка, адвокатка, попусто ѝ е ако не е мајка. Колку и да има инвестирано време и енергија во образование, кариера, посети на конференции, симпозиуми, семинари, попусто ѝ е ако не поминала време во превивање пелени. Имено, првата вест што се сподели кај нас кога неодамна жена се постави на висока раководна позиција е дека имала три деца. Споредна вест беа нејзиното образование и работно искуство.

Со други зборови, на жените им е дозволено да бидат успешни во професионалниот живот, но не на сметка на семејниот живот. Во спротивно, тие се карактеризирани како себични и егоисти. И овој прекор и незадоволство честопати се искажани од страна на други жени. Самите тие што се бореа и залагаа за поголема независност и можност жените да носат автономни одлуки, кога станува збор за планирање деца, настојуваат тие одлуки уште еднаш да се преиспитаат. Затоа неретко и многу жени се одлучуваат да станат мајки само зашто тоа се очекува од нив. Се одлучуваат на мајчинство за да не се чувствуваат изолирано или отфрлено од општеството. А за ова сите ќе се согласиме дека е една од најпогрешните причини за донесување важен животен избор.

Јас сум мајка на две деца. За мене мајчинството е основа на сѐ што правам во животот. Децата се центар на мојот универзум и најмногу уживам во улогата на мајка. Сепак, тоа не значи дека не ги почитувам одлуките на жените што се различни од моите. Треба да запомниме дека вистинскиот избор вклучува и прифаќање дека некои жени едноставно не сакаат да имаат деца. Тие имаат слобода да го живеат својот живот онака како што сакаат. А, најмалку што ние треба да сториме е да ги жалиме, критикуваме или отфрлиме заради нивниот избор.

Авторката е писателка и претседателка на граѓанската организација ТАКТ, Скопје