Зошто Западот сака автократи?

1754

Одговорот е едноставен: Западот сака автократи (иако понекогаш го затнува носот за да ја избегне смрдеата) затоа што тие се негови најдобри сојузници и бранители на геополитичките интереси. И затоа што во нив гледаат вљубено како Вучиќ во Трамп. Демократијата (слободниот избор на граѓаните) и плурализмот се непредвидливи, па затоа и опасни. Западот игра на сигурно, со властољупци што се подготвени на сè за да останат на власт, а од нив се бара само едно: на зборови да се демократи, а во практика да слушаат и постапуваат онака како што ќе им наложат од Вашингтон или од Брисел.
Наспроти мантрата дека прозападните елити се гарант на развојот и прогресот, во стварноста тие се само измеќари што им служат на туѓите интереси на шаховската табла, а за возврат добиваат дозвола да го ограбуваат народот по сопствена волја.

Ако треба и со стап (пендрек, поточно). Стабилитократијата во регионот е феномен што е само навидум нов. Неговите корени може да се следат од поодамна. Изреката на Рузвелт (1939) за никарагванскиот диктатор Сомоза, оној што го погуби револуционерот Сандино, гласи: тој е навистина кучкин син, но е наш кучкин син! И таа одѕвонува до денес. Ние постарите се сеќаваме како почна да се „стабилизира“ регионот по распадот на Југославија. Впрочем, приказната би можела да почне и со Тито, но во биполарен свет некој што ја одржуваше тампон-зоната беше „нивен човек“; замина од овој свет пред да стане непотребен, па го испратија на велелепен погреб. Моќта на Милошевиќ не беше резултат само на национализмот, популизмот и автократската машинерија на владеење; таа произлегуваше од поддршката на Западот. Долго време во него гледаа технократ (банкар), прозападно ориентиран и способен да ја одржи контролата на теренот. И кога нештата тргнаа во друга насока, Слобо беше гарант на Дејтонскиот договор (заедно со Туѓман и Изетбеговиќ). Дури и Додик на почетокот беше „човек на Западот“.

Оној момент кога диктаторот ќе им се извлече од контрола, или ќе се сменат околностите што бараат таков човек на власт, почнува смена на режимот – милом или силом, со бомбардирање, преврат или обоена револуција. Груевски и Курти се само мал дел од непотребните. Се сеќавате на сојузништвото на Садам и САД и начинот на кој заврши. Гадафи не им беше по волја, но констелациите беа такви што можеше да се толерира – додека не почна да води своја (економска и надворешна) политика. Либија мораше да се сотре под претекст на Арапската пролет. Толку фалената Египетска револуција, преку која беше симнат Мубарак, стана непожелна кога власта премина кај непосакуван избор – Морси беше осуден на смрт уште пред да го осознае тоа. Своевремено, ЕУ не ги признаваше изборите во Палестина на кои победи Хамас само затоа што ним не им беше по волја.
Тој модел на однесување на „империјата во одрекување“ е траен, да не се лажеме. Слободата на политичко самоопределување е приказна за мали деца: таа постои сè до границата на интересите на големите сили. Малите може да си играат демократија и избори, ама под услов да победат „прозападните сили“.

Оваа мачна, долга и многу крвава приказна е израз на колонијалното/империјалното владеење на Западот. Најнежниот вид на колонизирање е преку „инсталации“: компрадорските домашни елити се посредници меѓу колонизаторите и колонизираните, служејќи им на империјалните власти во замена за лукративни интереси и моќ на локален план. Ваквата елита има потреба од соодветна „интелектуална“ фела, т.е. од évolués. Овој назив потекнува од францускиот колонијализам, кој така ги нарекувал домородните жители што „еволуирале“ за да станат европеизирани, што обично се случувало по пат на асимилација или образование. Ваквата еволуција е видлива и во постјугословенскиот простор, владеен од клептократи (и наменски квазинационалисти), кои водат љубов со народот, ама ѝ се верни на т.н. меѓународна заедница. Историјата покажува дека ниту еден колонијализам не можел да биде успешен без поддршка од внатре, од оние што му давале легитимитет на системот во замена за лична полза. Компрадоријализмот денес има пофин, помек и поевропски шмек, па затоа потешко се забележува. За некои е прагматично и да се прифаќа (тоа се оние што веруваат во реалполитика и дека пркосењето е попусто).

Долг вовед за да стигнам до Црна Гора. Во време кога Западот не ги признава изборите и ги поддржува протестите против Лукашенко во Белорусија, па осуда дојде дури и од еден Вучиќ (!?), во Црна Гора на мирни и демократски избори падна милиот Мило, конвертитот и шверцерот што ја приватизира власта, ама земјата ја внесе во НАТО и ги отвори сите поглавја во преговорите со ЕУ. Реакциите по падот на Дон Мило се најдобриот пример дека оние во Брисел уво не ги боли за реалните состојби, за мафијата и корупцијата, за (не)владеењето на правото, сè додека во критичкиот дел на еден геополитички јазол има „нивен човек“! Неверојатно е колку крокодилски солзи се пролеаја, жал за Мило пеат и западните и регионалните „еволуирани“ интелектуалци, кои дури и би се иселиле, зашто со Мило можат некако, ама без него не можат никако.

Види чудо! Одеднаш не е проблем Мило, туку опозицијата, таа била недемократска, просрпска, проруска, промарсовска – и затоа опасна. Мило игра со оган и провокации, зборува како прав националист (за наводно губење на црногорската независност) и не му е гајле за народниот суверенитет, опозицијата е претставена како збир на олош, националисти и клерикали. Замислете го тој ерес, имало таму луѓе што не биле за НАТО и за ЕУ, ама биле за демократска и зелена Црна Гора. Пропагандата и демонизацијата одат дотаму што ја оцрнуваат дури и најсветлата точка на опозицијата, Дритан Абазовиќ, харизматичниот лидер на движењето УРА со албанско потекло. Освен повиците дека бил „албански четник“, сите притисоци се насочени кон него (и неговите четворица пратеници) со емоционално/политички уцени од типот пасивно/агресивно, дека треба да му пристапи на Мило за да докаже дека е Европеец! Еден колега од странство забележува добро дека за Западот е подобро да го задржи capo dei capi, кој владее цели три децении (како Берлинскиот ѕид воопшто да не паднал), наместо волјата на народот изразена на избори, за кои дури и ОДИХР-мисијата укажа дека биле манипулирани од страна на владејачката ДПС.

Следејќи ја разноликата политичка сцена на Црна Гора, ме воодушеви Дритан. Додека го слушав во интервју на телевизија како јасно, елоквентно и борбено ги изложува ставовите на движењето УРА и неговите лични ставови, контрастот со Артан Груби беше уште поголем и помачен. Овој вториов е професионален Албанец, кој профитира со кимање пред Калето и од албанството, продлабочувајќи ги линиите на расцеп во општеството, ја етаблира квазипремиерската позиција така што се менува деловник (подзаконски акт), со што се кршат устав и закон. За тоа време, феноменот Дритан, како што ми вели еден пријател од Подгорица, е новиот Иво Лола Рибар, љубимец на многу Црногорци, а особено на младите. Тој вели: „Најлошо е кога националниот идентитет е единственото нешто што ја претставува вашата личност и единственото на што сте горди“. И додава дека е за граѓанска опција во која „црногорството“ би се изградило на реалните основи на законот. Ме потсетува на нашиот „црнокошуљаш“ и „фашист“ во парламентот. Иста генерација се, деца на транзицијата, образовани, и откако паметат за себе едни исти компрадорски елити се на власт. Сега им е доста, па се впуштаат во нерамноправна битка.

Се надевам дека опозицијата ќе успее да го обедини црногорското општество и да воспостави техничка влада заради првична нормализација на постмиловизмот (кој се чини решен да пролее и крв за да остане на власт). Нивната предност е што делбите не се вградени во уставниот модел, но се во општественото ткиво (кај нас ги има двете димензии, и не знаеш која е полоша, а закон нема). Суптилните и не-толку-суптилните притисоци од регионот и од Западот се фактор на кој мора да се смета при влегување во каква било политичка разврска со стариот закоравен режим. Битката нема да биде ни лесна ни кратка, но ако не се започне, тоа е капитулација пред најпримитивните „еволуирани“ и конвертирани Европејци. Дритан е свесен за тоа кога вели дека власта не се менува со фанфари, ружи и аплаузи, туку со борба. Општеството може да зрее и да се развива, елитите исто така, само во услови на слобода, а слободата не значи отсуство на предизвици и опасности – напротив, таа носи неизвесности, па и опасности од контрареволуција. Ослободувањето е само првиот чекор кон слободата. Најопасни се оние што велат: добро е што падна црногорскиот Лукашенко, ама… И во тоа АМА лежат сите (лажни) изговори за чување на статус квото и сето лицемерство зад наводниот европеизам. Со среќа, Црна Гора!