Зошто е избран американскиот изборен вторник?

654

Уводот на текстов, почитувани читатели, е многу прост. На 3 ноември Американците ќе избираат иден претседател. Дали ќе гласаат за Доналд Трамп или за Џо Бајден, ќе зависи од тоа каков е нивниот став по однос на справувањето со пандемијата, поделеноста околу правото на абортус и други внатрешни клучни прашања, но, секако, и за судбината на светот. По изборот, на победникот, откако ќе му помине опиеноста од успехот, можеби некое рано утро или пред заспивање ќе му текне дека негде на југот на Европа, има некое државиче што се вика Северна Македонија и дека треба нешто со неа да се стори. Ако не заборави, поради склерозата или маката од бабулето, ќе реши и ќе нареди што да биде со неа, дали ќе ја биде или нема да ја биде.
Американските претседателски избори имаат долга и богата историја, исполнета со низа интересности, оригиналности и уникатности, со живописни кандидати што станале водачи на државата. Не сум некој американолог, иако е прашање дали во Македонија воопшто има некој таков персонален политички експерт – профил, било како аналитичар – фриленсер, било како советник на претседателот на државата или на Владата. Не ги сметам за такви оние што светската политика кон Македонија ја расправаат на високо ниво со филџан кафе во некоја отворена бистро-тераса или со пиво пред селската задруга. Како оправдување, да додадам дека во мојата долгогодишна новинарска кариера не сум се занимавал со надворешна (светска) политика, за која некои мои возрасни пријатели ги боли глава и немаат сон од страв што ќе каже Америка (и Европа) за Македонија. Се вжештува јазикот од горливата дебата кој треба да победи за македонското подобро утре – дали Трамп или Бајден. Има такви неизлечиви луѓе и во високата македонска политичка номенклатура што во Америка се колнат како христијаните во Господ, а муслиманите во Алах, без разлика дали Америка се вика Америка или носи име НАТО – НАШ БАТО.

Бидејќи не поседувам визионерски дарби господови, не се занимавам со дилемата кој ќе победи. Значи немам способност да ја видам или претскажам иднината. Но затоа, како утешителна компензација, на читателите сакам да им пренесам една американска сторија од минатото поврзана со гласањето за избор на претседател на Соединетите Американски Држави. Имено, сакам да објаснам зошто тие секогаш се одржуваат во ноември, односно во првиот вторник по првиот понеделник во ноември, на секои четири години. Ова го правам и покрај критиките од некои пријатели дека во моите текстови често се навраќам на минатото наместо да гледам во иднината, која е светла и неверојатно перспективна, особено за нас што сме наполниле 70 и кусур години, кандидати за заминување на оној свет. Но се надевам дека, како читатели, пред себе имате интересно четиво, колку информативно, толку едукативно и рекреативно. Навистина, зошто во Америка, за која е речено дека „небото и земјата никогаш не се согласиле подобро да оградат место за живеење на човекот“, е избран за главни избори првиот вторник по првиот понеделник во ноември? Во денешно време изгледа малку чудно да се одреди таков фиксен ден за гласање, избор што не бил практикуван во европските земји што го полнеа новиот континент Северна Америка, ниту пак е познато дека го има во некоја држава денес. Но тогаш имало и смисла и причини и потреба за такво решение.

Необичната одлука од властите била донесена колку поради политичките, толку и поради природните и верските околности.
Имено, уште по изборот на Џорџ Вашингтон за прв претседател постоело шаренило во термините за избори. Според раните закони, во неколку држави изборите на електоратите (не на обичните гласачи) се одржувале во првата среда во декември, а според законот што бил донесен во 1792 година изборите на кои ќе гласаат гласачите требало да се одржуваат во рок од 34 дена пред тој датум. Но таа практика не била применувана. Затоа, во 1840 година Конгресот донел одлука да го стандардизира денот, а во 1845 година бил донесен законот со кој е фиксиран денот на изборите, не датумот. Денот е секогаш вторник, датумот е различен и се движи во распонот од 2 до 7 ноември, на секои четири години. Првите избори по тој закон биле одржани на 7 ноември 1848 година, кога победил кандидатот на Демократската партија.
Кои биле причините и околностите да се избере првиот вторник по првиот понеделник во ноември? Како што е напишано, а необјаснето погоре, дел биле политички дел верски. Политичките биле поврзани најмногу со слабиот одзив на гласачи, а неполитичките имале поинаков карактер. Америка во тие години била ретко населена, типично земјоделска земја, со мали расфрлени гратчиња, фарми, ранчови и осамени куќи оддалечени со километри една од друга.

Ноември бил избран затоа што дотогаш биле завршувани големите земјоделски, сточарски и трговски дејности. Сѐ што било посеано и посадено било ожнеано и собрано, можеле да здивнат од работа пред да почне зимата. Искуството што се имало од првобитното решение изборите да се одржуваат во декември покажало дека многу од гласачите, и да сакале, не можеле да стигнат до местата одредени за гласање поради непроодните, завеани патишта и големите снегови и студови, особено во северните држави. А се движеле колони од коли, коњи и луѓе, слика што често се споредувала со библискиот опис при одењето на попис на родителите на Исус од Назарет до Витлеем каде што се родил Богочовекот, но со многу повеќе мажи, зашто американските жени немале право на глас. Другата причина била верата. Жителите на новонаселуваните држави, на пустите пространства од Исток кон Запад, меѓу Атлантски и Тихи Океан, биле европски колонисти, во најголем дел претерано, дури фанатично, посветени на својата религија, иако неписмени за да ја читаат Библијата. Одредувањето изборите да бидат првиот вторник по првиот понеделник било сигурност дека тие никогаш не може да се одржат на 1 Ноември, Денот на сите светци, кога се слават сите светци што црквата службено ги прогласила и оние за кои се верува дека се свети. Црквата има околу седум илјади признаени светци или лица, кандидати што чекаат да бидат во тоа својство ставени во календарот.

Тој ден во Католичката, во Англиканската и во многуте евангелистички и други цркви со кои е прошарана Америка, е еден од поголемите празници, а во многу држави и во денешно време е државен празник и неработен ден. Се одбележува со одење на гробишта и оддавање почит на мртвите, но тоа обично се прави на 2 ноември. Значи, вторникот е избран за да може луѓето саботата и неделата да ги испочитуваат своите заминати на оној свет, да ги направат обичаите, во понеделник да тргнат на пат, а во вторник да стигнат да гласаат на одреденото избирачко место и да ја исполнат својата света граѓанско-политичка, но и законска должност. (Ако некого го интересира да направи споредба, во православната вера сличен е празникот Духовден, еден од 12-те најголеми православни празници, кој се одбележува педесет дена по Исусовото воскресение, секогаш во сабота, но со променлив датум).
Во врска со изборниот термин постои и легенда дека во тој политички дил свои прсти замешале и тогашните трговци, богатите фармери, педантните книговодители, скржавите производители. Тие во ноември ги правеле завршните сметки и ги изнесувале плановите и договорите за наредната година, што значи биле зафатени со многу работа и барале денот на изборите да не се совпаѓа со нивната ангажираност.

Така било во првите години, подоцна, со воведувањето на поштата и железницата, процесот станувал сѐ поорганизиран, гласачите не морале долго да пешачат, броењето на гласовите било забрзано, записниците поекспресно се пренесувале до соодветните одредишта, а по телеграфот се скратило и времето на чекање на резултатот да се дознае кој ќе биде на чело на државата што економски, технолошки и финансиски рапидно напредувала.
Традицијата на гласање за претседател на државата на секои четири години во првиот вторник по првиот понеделник во ноември е одржана до денес, без прекин. Од времето кога кандидатите качени на дрво или на коњ држеле говори пред избирачите, до добата на освојување на вселената, од времето кога речиси цела нација била неписмена до денес, кога владее дигиталната ера почната токму во истата Америка.

Но, колку и да се менувале времињата, колку и да напредувале демократската свест и демократијата воопшто, изборните процеси не секогаш минувале мазно. Во неретки случаи имало поплаки за злоупотреба, за правење фалсификати и за изнесување лажни податоци, жалби, тужби и вплеткување на главниот суд. Слично е и при овие избори, кога се гласа и преку пошта и кога двајцата кандидати не само што навестуваат туку и очекуваат евентуални нерегуларности и фалсификати. Ете, тоа е еден факт што ја зближува Македонија до Америка и што го овозможува правото да се тврди дека Македонија по демократија е на рамна нога со Соединетите Американски Држави.

[email protected]