Зошто бебињата умираат ненадејно?

529

Секој родител најмногу стравува од тоа дали ќе биде способен да ја сочува безбедноста на сопственото дете додека тоа да стане способно самото да се грижи за себе. Сѐ уште мистериозната состојба наречена ненадејна доенечка смрт (СИДС = саден инфант дет синдром) е сосема доволна да ги држи родителите будни во текот на целата ноќ, токму поради овој страв.

Синдромот се карактеризира со ненадејна смрт на инаку сосема здраво доенче, кое заспива и веќе никогаш повеќе не се разбудува. Синдромот во учебниците по педијатрија е опишуван од многу стари времиња и притоа е нагласено дека причината е непозната. Меѓутоа, поновите соопштенија во научните списанија покажуваат дека СИДС, но и други форми на ненадејна смрт, кај луѓе од разни возрасни групи, а кои се јавуваат без никакви претходни знаци за предупредување, всушност имаат невролошка причина.

Кај некои луѓе, склони кон синдромот на ненадејна смрт, најдени се невролошки разлики кои може да бидат фатални кога за тоа има вистински услови. Всушност, се работи за проблем во дел од мозокот кој ги контролира дишењето и будноста во текот на ноќта.

Кај случаите на ненадејна смрт се мисли дека воздушните патишта некако се блокираат во време на сон, било тоа да е од перницата, од некаква ситна играчка или од лошата постелнина или облека. Но е прашање зошто бебињата/луѓето во вакви ситуации не се разбудуваат и едноставно не си го разрешат самите овој проблем, или кога се работи за деца со плачење да алармираат за помош? Научникот Гордон Бјукенан (од Универзитетот во Ajова) смета дека луѓето кои умираат ненадејно имаат најверојатно малфункција на рецепторите на серотонин во нивниот мозок. Овие рецептори се дел од нашиот мозок кој може да го опишеме како некаков „аларм за задушување“, и тие помагаат да се одржат нивоата на кислород и јагленороден диоксид во здрави вредности. Но кај некои луѓе мозокот не е во состојба да ги открие ваквите алармантни вредности на јагленороден диоксид, кои се, всушност, аларм дека настапува задушување. И, наместо да се разбудат како многу други здрави луѓе, оние со ваквиот дефицит остануваат заспани и се беспомошни за она што им се случува. Сличен на овој СИДС претставува и СУДЕП, ненадејна смрт поради епилепсија, кој има најверојатно слична причина.

Недостигот од серотонински рецептори во мозочното стебло веќе е потврден кај бебиња кои умреле ненадејно. Слични патоанатомски наоди се идентифицирани и кај луѓе кои умреле од СУДЕП.
Синдромот на ненадејна доенечка смрт е водечка причина за смртност кај доенчињата, и во САД се јавува во инциденција од близу 3.000 бебиња годишно, сите на возраст до една година. И во случајот на епилепсија, смртта не е резултат од конвулзивен напад туку поради високата концентрација на ЦО2, слично како кај СИДС. Со тоа, двата синдрома се многу слични и не се ограничени само на доенчињата туку на сите возрасни групи. Починатите обично ги наоѓаат в кревет (или во лулката) дури наутро, без претходно да имало каков било предупредувачки знак. Вообичаено, нема знаци за каква било траума ниту, пак, постои некаков сведок за настанот. Сепак, досега нема откриени сигурни биолошки маркери за овие синдроми, па дијагнозата се поставува преку исклучување на други можни фактори.

Бидејќи постои голем интерес за наоѓање на причината на ваквите ненадејни умирања, се поставува прашањето дали постои генетска мутација која би била одговорна? Некои научници се усредоточени на истражување на гени кои ги регулираат респираторните мускули. Други научници сметаат дека пушење на само една цигара на ден за време на бременоста го удвојува ризикот за ненадејна доенечка смрт. Засега нема можност оваа последна претпоставка да се потврди. Гордон Бјукенан предлага луѓето кои се под ризик од ваквиот синдром (оние со епилепсија и родителите на доенчињата) само да ги следат превентивните мерки. Така, бебињата треба да се ставаат да спијат на грб, да се редуцираат какви било кадифени играчки, перници, ќебенца и лабава облека во креветчињата. Слично треба да се преземе и кај оние со епилепсија: да спијат на грб, да користат сензорен аларм или монитор кој ќе ја предупреди фамилијата за можен конвулзивен напад во текот на ноќта.

Иако кај двата синдрома (СИДС и СУДЕП) постојат доста медицински сличности, вистинските физиолошки причини сѐ уште се слабо разбрани. Сепак, објаснувањето дадено од Бјукенан и објавено на 21 мај 2019 година во списанието „Невронаука“, кој ги објаснува како резултат од нефункционален неврален рефлекс за високото ниво на јаглероден диоксид, е доста убедливо. Зошто оној кој има високо ниво на ЦО2 не се буди, најверојатно се должи на малфункција на серотонинските рецептори во мозокот.
Серотонинските неврони се наоѓаат во продолжениот мозок и го регулираат дишењето, додека оние во средниот мозок се одговорни за способноста да се разбудиме. Во случај на СИДС и СУДЕП аутопсиите откриваат дека постојат абнормалности во серотонинскиот систем во мозокот кај умрените. Вакви потврди засега се наоѓаат само преку аутопсија и не постојат скрининг методи. Овие наоди се многу важни поради тоа што даваат насоки за можни идни третмани.

Засега остануваат горенаведените превентивни мерки од страна на родителите кон бебињата, или, пак, дежурање на смени преку целата ноќ во првата година од животот. Родителството е многу одговорна улога за сите нас. Затоа, родителите треба да се во тек со најновите сознанија за најнепознатата причина за ненадејна смрт кај едно сосема здраво доенче.