Зоран Заев ослободува три синџири робје

1531

Манихејската политика не е новина за Зоран Заев. Тој, впрочем, така дојде и на власт, ветувајќи конечна пресметка со злото, победа на напредокот против зачмаеноста, триумф на просветителството, на Европа, на глобализмот против злите сили ирационалното, Балканот, национализмот, уназадувањето. „Зоран Заев ослободува три синџири робје“ беше епот на Шарената револуција. И тој еп сега само може да се најде на гробиштата на пропаднатите политички идеи, некаде до СЈО, а боите на Шарената револуција одамна избледеа и сега е јасно дека целата таа претстава беше со една и единствена цел – промена на името на Македонија по грчки диктат

Кому му се заканува Зоран Заев? „Борбата се обединува, прогресот продолжува, бидејќи злото се заканува!“ Со овие зборови актуелниот премиер ја најави борбата за вториот круг од градоначалничките избори на 31 октомври. Ова беше кулминација на една бесрамна вечер во изборниот штаб на владејачката партија, којашто уште долго ќе остане во политичкото сеќавање.
Најмалку битно таа вечер беше лажењето и манипулирањето со бројките, нешто што со децении не се случувало во Македонија. Изборната вечер, во секоја демократија, има обединувачка улога. Тогаш се согледува судот на народот, па заедницата повторно се обединува во институциите, а поразениот признавајќи ја загубата на изборите го востоличува победникот и му го дава легитимитетот да владее. Нормално, тоа не му паѓа на памет на Зоран Заев, затоа што тој е свесен дека неговото останување на власт најмалку зависи од демократската волја на македонскиот народ.
Многу позначаен беше нескриениот бес на Зоран Заев и на Љупчо Николовски, зачинет со бескрајна надменост и овој запенавен повик за изборен џихад, за конечна пресметка со злото, којашто Заев ја упати на крајот на вечерта.
Јас сум еден од најголемите противници на вмешувањето на индивидуалната психологија во политичката анализа, но овој речник и оваа манихејска реторика на Зоран Заев го вознемирија граѓаните на Македонија. Што се случува во главите на Заев и на неговите следбеници? Во кој свет живеат овие луѓе? Против кое зло тргнал да се бори Зоран Заев?

Јас можам да го разберам беспоштедниот бој против злото во епските песни, испеани низ гуслите на балканските бардови, од Хомер до Филип Вишњиќ, Авдо Меѓедовиќ и Салих Угљанин. Исто така, забавна е и епската фантастика од „Господарот на прстените“, па до „Играта на троновите“. Но и епската поезија на древните гуслари и современата епска фантастика се одигруваат во вештачки светови, плод на човековата фантазија, во првиот случај произлезени од потребата на поробениот Балканец да си даде надеж за подобро утре и за ослободување од туѓинскиот јарем, а во вториот случај од поривот на современиот човек да си додаде малку магија во својот хиперрационален свет и предвидливо секојдневие.
Но никогаш нема место за борба против злото во услови на демократска политика. Борбата против злото е беспоштедна и битките не завршуваат сè до целосното искоренување и сотирање на злото. Токму тука е најголемиот проблем со реториката на Заев. Кого тој го жигосува со печатот на злото? Кого го осудува на смрт или на вечен прогон во неговата борба против злото?
Воедно, против какво тоа зло се бори Зоран Заев на локалните избори? Колку што јас се разбирам во политика, сега се избираат домаќини на нашите општини, луѓе коишто ќе го исчистат и полеат зеленилото, ќе ги регулираат сообраќајот и јавниот превоз, ќе ни овозможат повеќе и подобри културни настани, ќе ни ја одзатнат (некаде и изградат) канализацијата, ќе најдат начин да се испорача енергија до сите наши домови, ќе ни уредат поубави шеталишта за нашите миленичиња, ќе изградат културни центри, плоштади, места за дружење, домови за згрижување на најстарите, ќе ги осовременат училиштата, ќе ни отворат повеќе места во градинките, ќе донесат физичка, човекова и дигитална инфраструктура, ќе ни ги уредат патеките по ридовите и планините. Каде е тогаш тука местото за борбата против злото? Што, всушност, зборува овој човек?

Манихејската политика не е новина за Зоран Заев. Тој, впрочем, така дојде и на власт, ветувајќи конечна пресметка со злото, победа на напредокот против зачмаеноста, триумф на просветителството, на Европа, на глобализмот против злите сили ирационалното, Балканот, национализмот, уназадувањето. „Зоран Заев ослободува три синџири робје“ беше епот на Шарената револуција. И тој еп сега само може да се најде на гробиштата на пропаднатите политички идеи, некаде до СЈО, а боите на Шарената револуција одамна избледеа и сега е јасно дека целата таа претстава беше со една и единствена цел – промена на името на Македонија по грчки диктат. Но Заев и следбениците малку се заиграа, па си поверуваа на сопствените лаги. За возврат, граѓаните добија невидена ароганција, криминал, корупција, непотизам, прекршување на сите законски норми и страшен неморал. Многу ми е интересно што многумина околу мене „по првпат“ виделе безобразлук од Заев, како она покажување лакт во Аеродром, а некои и дури сега „премиерно“ виделе како „едно евро оди за мене, а едно за Вицето“. Исто така, се сеќавате како тој се подзанесе во оваа режирана претстава, па едно време ја очекуваше Нобеловата награда за мир и беше видливо разочаран затоа што не му беше доделена. Иако, за волја на вистината, Бранко Тричковски и Нано Ружин го номинираа за Нобеловата награда за мир. Нашите соседи, Србите, имаат прекрасна поговорка за опис на вакви играрии „по свецу и тропар“, односно по номинирачот и лауреатот би дошло.
На оваа религиозна реторика ѝ нема место не само во политиката туку и општо во јавниот говор. „Борбата се обединува, прогресот продолжува, бидејќи злото се заканува“ е реченица којашто се чини дека излегла од прошталното писмо на некој фанатизиран бомбаш-самоубиец, но никако и на политичар во една демократска земја. Поточно, никако и на политичар во која било земја.

Затоа, добро е што на овие избори почна враќањето на Македонија кон граѓанските вредности, прво кон елементарната пристојност. Улогата на врвните политичари не е само да бидат грижливи раководители на институциите туку да бидат и пример за општеството, морален и граѓански урнек за добро и примерно однесување. Политичарите се најприсутните општественици во јавниот простор, па нивната реторика го определува и степенот на културата во едно општество. Со Зоран Заев и неговата „борба против злото“ се вративме години наназад, некаде во хајките на болшевиците од 1948 година. Претходно забораваме како во изборната кампања ги нарече Мицкоски и Села „варвари“, нечуена и непримерна терминологија за дваесет и првиот век. Не само тоа туку имаше голем број обиди целата кампања да се сведе на препелкање во калта и на евтини трикови околу меѓуетничките прашања и други контроверзни теми… но никој не им ја прифати играта. Голема зрелост покажа целата опозиција во Македонија, но и новите движења коишто се закануваат да му го одземат целокупното гласачко тело на Заев.
Најголема зрелост, пак, покажаа граѓаните на Македонија и само ќе ја потврдат во вториот круг од изборите.