Збор-два за синдромот burnout

912

Многу често денес ќе сретнете реченица во која за некого велат: тој напросто согоре на работата! Ова секогаш има некаква доза на сожалување, зашто ваков текст се составува или на погреб, на комеморација или ако некој добил отказ, па во некоја смисла го сожалуваме…

Burnout (феномен на согорување) претставува психолошки синдром, кој во современиот живот е многу чест, а најмногу е опишуван кај луѓето со медицинска професија. Се состои од три главни манифестации: емоционално исцрпување, деперсонализација и намалени лични постигнувања.

Како специфичен феномен е истражуван во многу научни проекти, а и доста статии се посветени токму за него. Во таа насока, преку систематско истражување, со употреба на метаанализа спроведена во март 2018 година, користејќи ги базите на податоци познати како „Ембејс“, „Пабмед“, „Веб оф сајанс“, „Гугл сколар енд скопус“, може да се најдат околу 3.600 студии посветени на овој феномен. По финално прочистување, се издвојуваат 26 поспецифични статии посветени на феноменот на согорување.
Како општ заклучок од овие статии се извлекува податокот дека феноменот на согорување е најмногу присутен кај хирурзите и кај оние што работат на ургентни одделенија, многу повеќе отколку кај клиничките специјалисти од другите области на медицината. Општата преваленца кај сите специјалисти изнесува 35,7 отсто.
Поточно, кај општите хирурзи, анестезиолози, гинеколози и ортопеди е присутен во 40,8 проценти, кај оние од интернистичките гранки, пластичните хирурзи и педијатрите во 30 проценти, кај отоларинголозите и невролози 15,4 отсто.

Феноменот на согорување првпат е опишан во 1974 година како психолошки синдром што се јавува како одговор на континуиран, хроничен интерперсонален стресор на работното место. Генеричкиот опис на согорувањето го дефинира како „состојба на физичка и ментална исцрпеност поврзана со активностите на работното место“. Како стрес – врзан проблем со работата, согорувањето кај здравствените професионалци станува сериозен здравствен проблем поврзан и со светската економија. Согорувањето кај здравствените работници во последно време зазема дури епидемиски размери, а средната инциденца се движи околу 50 проценти. А бидејќи денес сѐ е поврзано со парите, тоа значи изгубени работни денови, изгубени пари за лекување, боледувања и сл.

Состојбата на емоционална исцрпеност и иритабилност во работната средина може да доведе до развиток на психијатриски проблеми, деперсонализација и намалени лични постигнувања (помала работна ефективност).
Последиците од „burnout“ се голема потенцијална опасност за оние што даваат здравствена грижа во здравствени институции и вклучуваат ризик од медицински грешки, депресија и негативни ефекти по сигурноста на пациентите. Синдромот ги погодува и очекувањата и задоволствата кај пациентот во текот на лекувањето.
За процена на синдромот на согорување денес се користат неколку психометриски инструменти што по пат на скорирање на одговорите од испитаниците ги пресметуваат субдимензиите содржани во оваа состојба, како и нивниот интензитет.

Преку анализа на достапните студии се добива информација дека феноменот на согорување секаде е дефиниран како професионална ексцесивна реакција на стресот поврзан со професионалната средина. Со други зборови, тој е еден вид психосоматска состојба. Се манифестира со чувство на силна емоционална и физичка исцрпеност заедно со чувство на фрустрираност и неспособност.

Ако се анализира по специјалности, се добива податок дека хирурзите и специјалистите по опстетриција и гинекологија се со највисока преваленца на согорување, што сугерира дека тие најтешко ги доживуваат работните ангажмани. Објаснувањето би било дека тие секојдневно се соочени со животозагрозувачки ситуации. Од друга страна, оториноларинголозите, пластичните хирурзи и невролозите многу помалку се соочени со ургентни ситуации, па затоа најверојатно помалку манифестираат феномен на согорување.

Во однос на субдимензиите, опстетричарите и гинеколозите имаат најмногу феномен на деперсонализација. Кај кардиолозите исто така е најдена висока преваленца на овој симптом (деперсонализација), додека тој е доста низок кај пластичните хирурзи, кај кои и општиот синдром на согорување е релативно понизок во споредба со другите хирурзи. Кај кардиолозите исто така е висок феноменот на емоционална исцрпеност и покрај релативно понискиот општ феномен на согорување.

Со овие сознанија феноменот на согорување станува мултидимензионален: има разни субдимензии и нивна различна застапеност. Исто така, постои разлика во индивидуалниот ризик за развој на феноменот, иако медицинските работници се под највисок ризик во однос на сите други професии. Се смета дека секојдневниот ангажман поврзан со болката кај пациентите и нивните семејства е особено провокативен фактор. Од друга страна, големата посветеност кон пациентите и потиснувањето на приватниот живот наспроти професионалниот се дополнителни фактори на ризик.

Во една систематска студија од 2018-та и од 13 објавени статии како стратегии против развивање на согорувањето и негово лекување ги сумира во: потреба од особен тренинг, почнувајќи уште од времето на студирање медицина, развивање копинг-стратегии, интерперсонални вештини, менаџирање на негативните емоции и разни релаксациски техники.

Во заклучок на написов би кажала дека синдромот burnout најверојатно и кај нас има највисока преваленца кај специјалистите хирурзи и оние на ургентните одделенија, но не е проблем само на овие специјалности. Ги зафаќа сите медицински работници, но со различни манифестации и интензитет. Тој станува значаен здравствен проблем, кој доведува до штета по самите пациенти, а има и големи финансиски последици. Метаанализата на објавените статии покажува дека некои специјалности се поризични од други и кај нив треба да се обрне посебно внимание за превенирање и рано лекување. Во таа насока намалување на работното време, посебен тренинг поддржан од специјализирани психијатри и формирани групи за самопомош заедно со користење релаксациски техники можат да бидат од голема помош во надминување на проблемот.

Во нашата земја досега, според мое сознание, нема посебно посветени студии на овој феномен. Но работејќи како здравствен работник, имам лични сознанија дека е присутен и кај нашите професионалци. Тоа доведува до рано пензионирање, одење често на боледување и менување на работните места. Феноменот е особено присутен во приватните институции, каде што се бараат максимални ангажмани од страна на вработените. Поради тоа, на сите вработени треба да им се овозможат услови работата да носи задоволство и доволно време за одмор, релаксација и за приватен живот за да не дојде до овој синдром. Кратки паузи со физичка активност, прошетка, слушање музика и други моменти би биле исто така од помош.

Авторката е педијатарка и психолог