Збогум на рајот, се враќаме во нормала

738

Македонија воздивна. Ах, ах. Не заврши вонредната состојба, ама заврши полицискиот час. Епидемијата не поминала, но опасноста од зараза станала помала. Движете се слободно, но не доближувајте се до познати и непознати на помалку од два метра. Чувајте се, носете маски. Сфатете ја сериозно заканата од болеста. Не бидете си сами на себе душман, како што не можете да си бидете сами на себе лекар. Бидете слободни, уживајте во новиот живот, но со усул, со дикат, што се вели народски. Не е ова – помина зимата, фрли ја гуната. Што покажаа изминатите 66 дена поминати во масовен, државотворен, уставотворен, принуден, полудомашен притвор.

Тие истовремено беа и дар и опомена. За некого рај, за некого пекол, иако деновите на полицискиот час не беа 666. Имаше часови кога владееше рајска тишина. Однадвор те бомбардираат со информации за специјална војна, а ти дома седиш во блажен мир. Време кога народот стискаше, а државата делеше со широка рака, знаејќи ја поговорката „владата што дава не се суши“. Само во рајот и во дебелите теории за комунизмот се делат богатства, се делат пари и кога седиш дома и не работиш ништо, заработуваш префрлајќи се од фотелја на кауч и обратно (ако ги имаш, се разбира).

Додека гледаш на телевизија преглупави филмови, турски серии или пинкови брлавици, што наводно бесплатно ти ги нудат провајдерите, ти стигнуваат пари, плати, дивиденди, социјална помош, поволни кредити, како да си бил учесник во НОБ или припадник на УЧК. Постигнат е и експресен биоцивилизациски напредок – пензионерите или ќе се научат да плаќаат онлајн и со дебитни картички или ќе умрат. Сигурно дека во таа понуда, мнозинство ќе се определат за првиот избор, макар и по цена на животот, зашто нема живот ако не си ги намириш сметките. По почетниот хаос, чекајќи ред пред маркетите, научивме што е ред и дисциплина. Се покажа дека воведувањето ред и дисциплина во државата може да биде најдобрата странска инвестиција за да се поправи домашната економија.

Од друга страна, тешко на оние што беа во пеколот, оние што беа заболени и на нивните семејства позитивни на коронавирусот. Пекол им стана на оние што останаа без работа, што затворија дуќани, фирми, бизниси, кафетерии, слаткарници, бурекчилници. Овој вирус уште еднаш ја потврди теоријата на апсурдот: колку што си позитивен толку повеќе си негативен. Ако си позитивен, си загрозен, ако си негативен, немај гајле. Негативното мнозинство го победи позитивното малцинство, што всушност не е апсурд, туку е реален феномен во секојдневниот живот. И дека медалот на животот има две страни, две лица – ако од едната страна е рајот, од другата е пеколот. Само прашање е во кое време, на кое место и на која страна ќе се најде поединецот, тоа едно зрно песок на светските океани, на една преспанска или охридско-струшка плажа.

Што да се каже за поминатите денови во изолација, за временскиот период кога кучињата имаа поголеми човекови и законски права и слободи од луѓето? Добивме вишок слободно време, кое не можевме слободно да го искористиме. Додека траеја, се чинеше како да се цела вечност, по неколку дена ќе ни изгледа како никогаш да не биле. Ако до вчера се прашувавме дали ако потрае подолго пандемијата, психички ќе нѐ измести, отсега натаму ќе се прашуваме дали нѐ опамети. Научивме ли нешто ново во животот или ќе тераме по старо? Новиот старт брзо ќе покаже дали сме сфатиле нешто или ќе се занесуваме со мислите дека откако поминавме извесна катарза, сѐ ќе биде подобро од порано.

Вклучувајќи нѐ и нас, луѓето, и нашите меѓусебни односи.
Светската какофонија околу прашањето каков е вирусот, вештачки или природен, од лилјак или од воена лабораторија, различните претпоставки за неговото ширење и траење, енигмите околу лековите и респираторите префрлени и на македонски терен, исто така, ја покажуваа настанатата конфузија. Стравот од непознатото, колку што беше човечки, уште повеќе беше медицински.

Ама не случајно рекле – на маката се познаваат јунаците. Во овој случај и овде ги има повеќе, нивните докторски имиња допрва ќе ги запознаваме. Политичките ѕвезди, колку и да се трудеа да бидат високо на небото, беа засенети од нови докторски проблесоци. Инфектолози, виролози, пулмолози, нефролози, анестезиолози, кардиолози, дигестивци, абдоминалци, торакалци и други титулирања, медицински сестри и лаборанти се популарните звања раширени низ медиумите, луѓето на кои треба да им се оддаде посебно признание. Браво за нив.

Мене лично особен впечаток ми оставија новите телевизиски ѕвезди. Овој пат не се политичарите, дебатните галамџии, естрадни уметници, фолк-пејачи или твитерџии, како што обично бидува. Пандемијата беше можност за вистинска промоција на некои лица што дејствуваат зад сцената, на кои ретко кој им обрнува внимание, лица што станаа неизбежна алка, не само декор, на многубројните конференции за печат. Тоа се оние знаковни толкувачи (се извинувам што не го знам името на нивната наука), кои зад главниот говорник на нем јазик ги пренесуваа сите информации и пораки до глувонемите гледачи. Кој што сака нека рече, кој што сака нека сфати како шега – во тоа се гледа првиот практичен чекор дека полека ќе влегуваме во Европа.

Макар и со говорот на глувонемите, ако не можеме со тирадите на грлестите. И за нив едно браво и апел да им се најде вистинското место, да им се овозможи вистинско вреднување во општеството на тие досега запоставени стручњаци.
Ете како и Владата најде начин да се афирмира, да се доближи до сите граѓани, иако таквото очекување е рамно на чудо. А и оваа владина екипа не одигра лошо, иако на терен беше без капитенот. Но тој се најде во улога на тренер од трибините, без да го испушти мобилниот за молбени или наредбодавни пораки, за подредување стратегија и тактика, за напад или за одбрана. Неговата замена, техничкиот премиер, дејствуваше како цел живот да го поминал на тоа место, рутинирано и сигурно.

Министерот за здравство, иако навидум кревок, израсна во робусен центарфор, а не се покажаа во лошо светло и другите владини играчи, освен нивните медиумски, фејсбук и твитер-сателити, кои дегутантно претеруваа во поддршката и фалбите. Конечно, во таа владино-државна репрезентација рамноправно трчаа две дами со ангелско презиме. Едната е Анита Ангеловска Бежова, гувернерка на Народната банка, задолжена да чува парите, а другата е Николина (Нина) Ангеловска, министерка за финансии, задолжена тие пари да ги распоредува и троши. А познато е – во животот прво се парите, потоа е политиката, а и политиката е ништо без пари.

И што правиме сега, кога од еден поинаков свет полека ќе се враќаме во нормалниот живот, се разбира, пак во зависност од движењето на коронавирусот? Препорака е да не ги симнуваме медицинските маски кога сме на улица и во контакт, што не значи дека ќе исчезнат човечките маски, оние лицемерните, нив не ги ништи ниту вирус, ниту болест. Другата препорака е ние, граѓаните, да држиме дистанца. Еве уште еден национален парадокс. Имено, кога на Македонија политички ѝ е потребно силно национално и граѓанско единство, медицинската препорака е да се држи дистанца. А под дистанца македонскиот јазик подразбира оддалеченост, раздалеченост, растојание од нешто до нешто во просторот и времето.

Како и да е, некој ќе треба да се потруди да ги доближи тие растојанија. Еве, скорашните избори се таква, безмалку идеална можност. Тие се шанса Македонија да стекне нов имунитет, да добие попрочистена крвна плазма, некој нов вид серум, за да го стекне толку потребниот политички, државен и национален идентитет. Барем додека не се најде вакцина за подолготрајна издржливост.

pand[email protected]