Збогување во Де-мол

3925

Ќе пишував за етничките лични карти – каква будалштина! И какво губење време! Си дале беса со Беса, ќе прават што сакаат. Ќе требаше повторно бесполезно да објаснувам дека политичка заедница (држава) не може да има ако ги жигосате граѓаните како стока, да се знае во кое стадо припаѓа. Па уште и да се гордее со тоа, онака внатре во своето стадо или евентуално при кошкањето до другите стада… Но вечерва панонскиот морнар отплови, а циркусот во нашите градови никако да замине, иако наместо насмевки ни остава гримаси на лицата и срцата. Се збогуваме со него од Вардар до Триглав, сите што бевме (негови) земјаци. Остави аманет Ѓоле Балашевиќ да не држат говори и да не му плетат лаври, но политичарите не можат без тоа. Дури и оние што му забранија во Скопје (и на други места) да ја пее „Дно на дното“ и кои велат дека нашата заедничка земја била виновна што нè одделила од браќата Бугари… Сакаат да заборават дека му забрануваа и да доаѓа, а таткото Димитров го избрка од Универзална сала (за да не шири „српско влијание“). Но тој наоѓаше чудесен начин да допре до сите нас, дури и до помладите генерации. Беше и ќе остане нашиот народен поет, на чии стихови плачевме, се смеевме и се топлевме кога беше грдо и студено. А сценариото за сево ова што ни се случува тој одамна го предвиде, како и крајната дијагноза – дно на дното!

Ноќва со насолзени очи ги прелистуваме албумите во обид да ја најдеме онаа „нашата/ најубавата“ (или најтажната) песна. Невозможно! Се ронат стиховите меѓу прстите како бисери на ненадејно скинат ѓердан. Секој е вреден, секој се чини поубав од претходниот. Ги шепотиме со тивка тага песните за љубовта, за редот и правото, за власта и багремите, за дуњите и за сватовите, за животот како море, за смртта како бездна… И некако ни доаѓа да се фатиме за запалките или за мобилните за да создадеме ѕвездено небо, како кога Ѓоле ќе ја запееше „Словенска“. Оваа проклетија во која живееме, односно имитираме живот, нè прави индиферентни, речиси автомати. Но токму кога мислевме дека сме зомби, Ѓоле повторно ни ги допре срцата и направи да се почувствуваме споени во заедничката тага. Нема колумна во која може да се нанижат сите спомени и сета благодарност за човекот што остана човек кога мнозина станаа нелуѓе и волци, човекот што го дочекувавме како НАШ, и тогаш кога „секое племе нацрта граница, сакаше своја страница“. Ѓоле уриваше граници и отвораше хоризонти, а знаеше и да залекува некоја рана. Со „Севдалинка“ ќе ни кажеше дека со песна не можеш да го спасиш светот, а камоли оние што сега Дрина ги дели како туѓинци. Тој ги гледаше луѓето со месечина во очите и ја препознаваше нивната болка, боледуваше заедно со нив, а преку него и сите ние се ослободувавме од вината што ни ја наметнаа: нема ништо лошо во тоа да плачеш над пепелот и урнатините на нешто што беше заеднички сон… Се надевам дека знаеше дека често тој ни беше спас, макар за кратко, макар кога ги слушавме неговите ноти, а всушност му ја голтавме поезијата напишана како со допир на свила и со две-три капки нежност во виното од Раваница.

Како се тркалаа годините низ крвавите улици на Вуковар, Мостар, Сараево, Митровица, Тетово и Куманово – се плашев дека веќе нема ни да ни биде до песна, а и дека средбите ќе се проретчуваат… Дека младите нема ни да знаат што значат неговите зборови, дека ќе го заборават брзо. Но Ѓоле, кој добро прогнозираше што ќе се случи со разнишаниот солитер во кој соседите се караат и дека сè ќе отиде во Хондурас, кој дури и кога почна да ѕвечка оружјето, сепак пееше „само војна да нема“. Беше неверојатно да се гледа како премостува и простори и генерации, како децата наизуст ги пееја неговите стихови… Војната нè остави осакатени, некои физички, другите со лузни во душите и со страв во очите. Земјата во која пораснавме почина, и да – криви бевме ние што им дозволивме на пијани генерали и на непрокопсани политичари да направат да се мразиме. Но Балашевиќ ни ја зачува виртуелната татковина, во која по насмевките се препознававме, макар на аеродроми, железнички станици некаде во туѓина. Тој прв го мина мостот на Дрина и застана пред сарајлиите по војната. Застана како човек, со трошка срам и многу жал. И со уште повеќе доблест и храброст.
Од за мене непозната причина, последниот концерт на кој присуствував во Скопје го минав низ солзи – од првата до последната песна (без оглед дали беше ведра или тажна). И на заминување солзите сами си капеа… Тој беше оној истиот ведар и духовит, вицкаст и неверојатен забавувач, за кој не знаевме дали е подобро да го слушаме што зборува или што пее. Но, ете, јас како да се збогував, како да знаев дека крајот е близу. Да бидам уште поискрена, се збогував и со дел од својот живот, се збогував со себе во едно друго време, свесна дека старееме, дека сме само сенки на еден изгубен рај што не умеевме да го зачуваме од војни, страдања и сиромаштија.

Ме фати и жал и срам. Што ли им оставаме на децата? По што ќе нè паметат? Како можевме да дозволиме онаа наша реална европска унија да ја трампаме за оваа дволична и себична? Слично како великиот Дис со неговата „Нашите дни“, Ѓоле ни пресуди: „Откога е светот и векот и ние со нив, најголемите битанги ја грабаат власта. Сватовите ги растури пијаниот сват, братијата грабежот го прогласија за крстоносна војна. Дно на дното! Но, сè е веќе видено. Дно на дното! Сите трпиме посрамено. Дно на дното! И спорите свеќи догоруваат и филмот се прекинува. Дно на дното! Скупштински леб без мотика. Дно на дното! Тоа спаѓа во наркотици. Дно на дното! Од таа игла тешко се симнува. Знам, не е лесно, горе-доле сè се знае.“ Знам дека ќе ме обвинат и за (југо)носталгија и за антиевропеизам. Јас одамна ја погребав мојата прва татковина, онаа во која не беше срамота да бидеш Македонка, да зборуваш македонски јазик, во која можев без казна да пишувам македонски/македонско… Проблемот е што она што остана е проколнато, дно на дното, а беше (несовршена, но реална) утопија на Балканот! Од ден на ден се намалува бројот на луѓе што ќе можат да посведочат како беше да живееш со достоинство, спокој, гордост, во земја во која не е национализам да ја сакаш, на која ѝ се радуваш затоа што е преубава и толку различна. Моите студенти се родени по 2001 година, едвај и да знаат нешто за тоа. Во нивните глави Југославија е некоја измишљотина. Некоја лажга на старите и извеани баби и дедовци… Ние имавме црвен пасош, овие деца бегаат и без пасош, што подалеку.

Оваа ноќ, белки знае Бог, еден прекрасен човек на кој не му требаше ни пасош ни етничка лична карта, го дослика портретот на животот свој. Живот што вредеше да се живее, затоа што покажа дека и за намќорите и за гладните за богатство како Васа Ладачки љубовта е сепак најважното нешто. Тој знаеше дека сме браќа и дека се разбираме на сите јазици, па и ако не диванеше „маѓарски“, ја препознаваше убавината и на седумосминскиот такт и на беќарацот на загрепските улици, и колку е убава провинција(лк)ата, и колку е безвезно да го потрошиш животот како некој Бане и да го изгубиш талентот поради некоја бесмислена диплома… Се надеваше на некои нови клинци… додека не дојдовме до дното на дното. Дритан Абазовиќ му заблагодари за тоа што новите клинци ги учел да живеат слободно, закитени со соколов пердув за урок против оковите, но има и такви што го обвинуваат за молк. Но и таквите ги знаеше Ѓоле: „Ќе ти раскажуваат за пловидби оние што сидро никогаш не подигнале. Што сум јас за нив освен проклета шајка? Ќе тврдат, со злобен сјај, дека сум треперел пред змејот. Гледале тие… од некое ќоше“.
Минута молк или да ги преслушаме сите песни и стихови, за да се сетиме на налетот на народњаците, лудаците што се појавија пред камерите, и сите Геди Глуперди (во политиката), да кажеме е*ете се деведести (и триесетте години подоцна), но и на сите љубови што ни недостигаат и на тесните патишта што водат до себе – зашто веќе не знаеме ни кои сме ни што сме… И немам одговор на неговата дилема: „Ширум светот се разигравме како ѓердани, нè носеа низ небото килими.

Дали тоа навистина беа подобри денови или тоа ние бевме подобри луѓе? Некогаш се братимевме по поглед, знаејќи дека исто сонуваме, а на бога просто му беше дали се крстиме или се клањаме…“. Не знам. Можеби тој сега од горе гледа и знае сè. Ние долу остануваме со уште една лузна и празнина, со уште едно соочување со крајот што се приближува и со прашањето: дали барем како поединци ќе оставиме толку убавина и човештина зад себе за да нè помнат по арно? Се надевам дека пред да замине од оваа несреќна земја со искорнати багреми, што толку ја сакаше, на мир го дослуша стариот лалошки валс. Таа проста душа словенска… Вечерва ме „растура“ овој Де-мол, некои би рекле тага е тоа. Но што е тагата за овој Де-мол… Од утре треба да се соочувам со глуперди и нивните „генијални“ изуми за броење крвни зрнца и ДНК-разграничувања. А тоа не е тажно, тоа е трагично.