За јапонските работи

422

Ниту убавината, ниту честа не се резервирани да бидат „јапонски“. Ниту пак е патентирано нивното поимање. Мислата е таа што резервира. И желбата. Да се види убавото, но и ѓубрето. И желба да се исчисти

„Името, па името, напиши нешто за фудбалот!“ ми сугерира еден пријател тема за наредната колумна, поткрепувајќи ја својата сугестија со актуелноста на темата, а актуелноста подразбира(ла) повеќе читатели. За жал, уште во предумислата, се соочив со три потенцијални пречки да ме одвратат од потфатот.
Прво, актуелноста. Што е поактуелно, фудбалот или промената на името? Несомнено, станува збор за две квалитативно различни актуелности. Гледаноста на светското фудбалско првенство е без преседан најследениот и ненадминат феномен на глобална гладијаторска арена заснована претежно на солзи (радосници и не толку радосни) и понекоја капка крв. Со почесно место за новите „императори“ без кренати палци, но со агенда да добијат кренат палец од својата политичка публика, видоизменет во „лајк“. Со импресионирачки насликан патриотизам во боите на државните знамиња врз убавите женски лица, природно насмеани или тажни, „уловени“ од долгооките фотографски објективи. Време на актуелна одложеност на секојдневните грижи и главоболки. Антишок на егзистенцијалните шокови. Време на издишување (и извикување) од оваа страна на арената, по „рецепт“, без право на поплаки од сопружниците и од соседите. Време кога секој може да се чувствува како победник или да биде поразен, а неказнет, освен некоја „тура“ на масата за што благонаклонетоста е однапред обезбедена.

Но без намера да му „одземам“ од актуелноста и славата на фудбалот, само констатирам дека оваа актуелност е квалитативно многу поразлична од онаа егзистенцијалната. Всушност, актуелноста на првата „одработува“ во корист на деактуализирање на втората и тука не станува збор за никаков светски заговор, едноставно за најуспешно впаричен нагон за натпревар и игра. Актуелноста, пак, на егзистенцијалната засегнатост, нѐ заземјува веднаш по завршување на натпреварот и промена на каналот. Таа е сеприсутна, како гравитацијата. За жив човек нема ништо поактуелно. Освен ако си астронаут или поет, да се „одлепиш“ што се вели, со предумисла, за повисока цел.

Но освен актуелноста по себе, спорна е и читаноста како приоритет. Електронските страници си имаат „бројченици“ за мерење на посетеноста и „допаѓање“ и квантифицирање на вложениот труд. Во природата (или во општественото) на секој весник е секако „загриженоста“ за бројот на читатели и тоа е логично. Она, пак, за кое верувам му е важно секому што нешто пишува и бележи, е прочитаното да предизвика некаков (барем индивидуален) „ефект на пеперутката“, кој според теоријата на хаосот, претпоставува една мала промена во условите (метафорично изразена во придвижување на крилјата на пеперутката) да направи значајна промена подоцна. Да разбранува и да „допре“ барем едно битие. Така и квантитетот на читаноста е повеќе последица на можното, одошто причина. Трето и најпроблематично е моето скромно познавање од фудбалот. Поточно непознавање и неумеење.

И покрај желбата за игра и наклонетоста на гените (и ден-денес ми се случува да ми раскажат како мајка ми своевремено правела по илјада и двесте удари на топка со една нога), изреката дека крушата паѓа под крушата има свои исклучоци. Иронично, најчесто ми беше резервирано местото на голман, и не поради бранителските способности. Нејсе. По кратко двоумење и покрај сите противни изгледи, решив „повнимателно“ да изгледам неколку натпревари. Меѓу нив и оној меѓу Белгија и Јапонија. Како што знаеме, таа изгуби со необичен пресврт на теренот (за ова дознав подоцна, бидејќи го сменив каналот по вториот гол на Јапонија, сметајќи дека натпреварот е решен). Но она што ми остави најголем впечаток (покрај борбеноста на теренот) е она што следувало потоа. По социјалните мрежи кружеа фотографии на кои „поразените“ ја оставаат соблекувалната чиста како солза со порака на благодарност искажана на јазикот на домаќинот, а јапонските навивачи го собираат отпадот од трибините. Во овие гестови препознаваме дејство што лесно го квалификуваме како нешто што им е својствено на Јапонците, небаре „јапонска работа“.

И бидејќи од феноменот не можам да ја видам топката, решив да пишувам за она што го гледам. Се прашувам, на пример, што има јапонско во тоа да се собере ѓубрето зад себе? Да се остави зад себе уредно и чисто? Да се заблагодари на јазикот на домаќинот? Тоа секако не спаѓа во национална одредница, попрво во домашно воспитување.
Но кога сме кај „јапонските работи“, се присетувам на зборови што се квалификувани како јапонски, а кои се поврзани со две нешта за кои мислам дека се загрозен вид во нашето општество, а тоа се убавината на живеењето и прашањето на честа. Во однос на првото, такви се јапонските зборови ваби, саби, аваре, југен и шибуи, развиени на царскиот двор во ерата хеиан, а кои настанале како резултат на напорите на дамнешните јапонски владејачки класи за рафинирање на идеите за убавината.

Така барем наведува книгата „Тие имаат збор за тоа“, книга за богатството на зборот во различните култури и неговата моќ на создавање. Овоплотена во речникот на еден јазик, убавината повеќе не е резервирана само за аристократскиот вкус, но станува лесно препознатлива во секојдневниот живот и достапна секому. Ете со што се занимавала (меѓу другото, се разбира) некогашната владејачка класа во Јапонија. Преку прозорецот на јазикот, на тој начин, убавината се вселува не само во окото на оној што гледа и набљудува, како одраз на некоја надворешна убавина, туку и во умот на нејзиниот создавач, во мислата.
Зборот шибуи, на пример, се однесува на вид убавина што може да ја разоткрие само времето. Тоа е убавината на стареењето, неразделно поврзана со сеќавањето и времето, наспроти култот на младоста на западното потрошувачко општество и тиранијата на моментот, на императивот (да се има, поседува) „сега и овде“. Слично на ова поимање на убавото е и зборот саби, кој исто така упатува на културната разлика поврзана со односот меѓу возраста и убавината и ја нагласува убавата патина што ја остава времето врз предметите и луѓето, не како нивно оштетување, туку како додадена вредност.

И другите зборови го наоѓаат убавото во светот на ефемерното, во светот каков што го знаеме, но на начин на кој поретко го восприемаме, а кој се однесува на квалитетот на чувствување (и препознавање) на убавината во она што неизбежно подлежи на стареење и пропаѓање. Но и во светот на несовршеното, на естетската мана и згрешениот детаљ (ваби), кој му дава белег на автентичност на еден изработен предмет, една занаетска вредност, наспроти унифицираното производство на масовната економија. Да се немаат овие зборови секако не значи непостоење на таа убавина, но естетиката на јазикот го „олеснува“ нејзиното препознавање.
Прашањето на честа, пак, го поврзувам со зборот сепуку, повеќе формален и пишан израз за она што е попознато како харакири. Резервиран првенствено за самураите, сепукуто станува прифатлив ритуал и за другите во настојувањето да ја повратат еднаш изгубената чест (својата и на семејството), како јавно искупување за стореното нечесно дело.

Иако одамна укинат како ритуал, историјата помни и не толку далечни примери, како она на нобеловецот Јукио Мишима во 1970 година, заради неуспешен обид за државен преврат. Нејсе. Не сум поборник на сепукуто, но еквивалентот на честа е нешто за кое човек неизбежно ќе се запраша, колку вреди човековата чест или поточно колку вреди животот без чест? Се чини неразбирливо ова прашање во услови кога јавно се врши харакири на устав и на идентитет, не за да се одбрани честа, а попрво да се изгуби. И не само своја и на семејството, туку на цел народ, на живиот, на мртвиот и на неродениот. И згора, да се прославува таквиот чин.
Муабетот ми беше за „јапонските работи“. Ниту убавината, ниту честа не се резервирани да бидат „јапонски“. Ниту пак е патентирано нивното поимање.

Мислата е таа што резервира. И желбата. Да се види убавото, но и ѓубрето. И желба да се исчисти. Неодамна видов еден поинаков вид самураи, еко-воини, кои во самурајски стил го собираат ѓубрето од улиците, справувајќи се на тој начин со „нечесните“ минувачи. Нам не ни требаат модерни самураи да се справиме со ѓубрето. Имаме збор за тоа, се вика „метла“. Какво ѓубре – таква метла. А фрлањето ѓубре е, како што еднаш одамна напиша колумнистот погоре – машка работа. За тоа пак се потребни мажи. Засега поуспешни во „машката“ работа се жените. И не само во справување со ѓубрето, но и во спасување на честа. Секоја чест. Инаку, муабетот ми беше за фудбалот… А кој игра вечер?

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)