За тоа како престануваш да бидеш човек

448

Ако сами, без кревање на гласот и борба, прифатиме идентитетско обезличување со промена на името, не само што престануваме да бидеме луѓе туку сосема ќе биде оправдано ако моќните потоа нè третираат како стока. Но и тоа можеби ќе ни биде океј. Доволно е да ни пуштат некоја информација за слон што заиграл чочек и ете ни занимација

Јас го разбирам светот како поле за… како чочек за постојано тресење на колковите. Играм чочек, значи постојам. Во тунелот, среде мрак, јас и ти на чочек пак. Кој на друг тунел му копа, сам во чочек запаѓа. Еден чочек, сдсмовки рој. Има ли чочек на крајот од тунелот? Брат за брат, чочек во тунел. Дојдов, видов, за чочек се фатив. И така во бескрајот на сеирот.

Некој твитерџија напиша, ќе го отворите тунелот и оро ќе играте. Но додека сите ние западнавме во масовна сеиризација на тунелот и чочекот, една девојка ни прати поздрави и честитки со муабетот дека додека групно сме фатени за чочекот, државата вторпат за овој месец се задолжи. А богами и градот Скопје воведе некој нов данок за подруми. Такви сме ние Македонците. Колку само малку ни треба за да западнеме во веселите и безбедни прегратки на сеирот, тоа е нешто неверојатно. Тука сме на сигурен терен, не сме сами, сите сложни и сплотени се фрламе на зададената тема и сеир ни е, двор ни е. Околу нас може и светот да експлодира. Што најчесто и се случува. Додека ние фаќаме сеир нешто сериозно, најчесто опасно и погубно по нас, се случува. Доволно е оној што сака да ни наштети, најпрво да ни посочи нечија туѓа будалаштина, ние се фаќаме за посоченото во сеирџиско оргијастична агонија, а во меѓувреме тој што наумил да ни смести така жестоко ќе ни го свирне меѓу рогови што потоа си ја маваме главата чудејќи се, е како, бе, ни се случи ова. Е, така, ни се случи, додека ние бевме колективно обземени со исмевањето на тоа и тоа, некој дејствувал. И потоа, чочек.

Да, да, не само што Владава нè задолжи додека ние си игравме чочек по социјалните мрежи туку и две крајно смртоносни изјави ни поминаа низ ушите. Само нам ушите ни беа полни со зурли и тапани. Е, какви се тие изјави што можат да бидат смртоносни? Ете такви, идентитетски. Тие изјави може да значат смрт за нашиот идентитет, култура, јазик, битисување. Најпрво октроираниот премиер Зоран Заев мртов ладен ни се пофали дека е горд што тој бил првиот политичар во Македонија што прифатил географска одредница. Втората изјава ни дојде од Јоханес Хан. Еврокомесарот ни порача дека очекува промена на името за две недели. И што направивме ние? Е, ние си откопавме слон. А ха, вистински слон, и тоа осум милиони години стар. Ископавме слон, ама затоа ќе си го закопаме идентитетот. Кој исто така е древен и стар. Потоа соочени со сопствената арогантна неспособност, нема да сакаме да ја прифатиме реалноста и ќе се убедуваме себеси и другите дека нашето идентитетско укинување преку промена на името веќе било завршена работа и ние тука ништо не сме можеле да сториме.

На почетоков од неделата, во емисија на ТВ Алфа изјавив дека ако дозволиме идентитетски да исчезнеме, не заслужуваме ништо друго освен да станеме безимена лабораторија за вршење експерименти. Врз нас експерименти. Врз мене, тебе, твоите деца. Какви сега експерименти? Такви, наједноставни, кои секако мора да се случат, затоа што биле веќе договорени и ние тука ништо не сме можеле да сториме. Ако дозволиме преку нас живи да ни се случи промена на името, ако сами се откажеме од вековната вистина дека сме Македонци, тогаш доброволно прифаќаме врз нас да биде спроведена Менгеле-филозофијата, па големите светски моќници може да ја искористат оваа безидентитетска маса сподоби за експериментирање на различни полиња. Можат, на пример, да го тестираат врз нас проектот приватизација на водата. Како во научнофантастичните филмови, ќе си работиме за вода, ќе нè плаќаат во литри вода. И не само тоа. Ако го дозволиме овој безумен наци-експеримент за генетичко идентитетски инженеринг врз нас, стануваме легитимна цел за други, понатамошни експериментирања. Може врз нас да ги тестираат новите лекови, вакцини, оружја, биолошки отрови, ГМО-семиња, сексуални перверзии. Може да ги спроведуваат своите нови геополитички игри како онаа што ја туркаат Британците за создавање големи етнички држави на Балканот, ама без постоење на Македонците, па да нè поделат меѓу Бугарија и Албанија како во Втората светска војна. Сè ќе биде легитимно.

Не беше толку одамна, можеби има поминато еден месец, се качив во такси кај Македонската телевизија. Таксистот беше средовечен маж, Албанец. Ми вели, познат си ми од некаде. Си ме гледал на телевизија можеби, му велам, јас сум еден од оние што се тепаат да си го зачуваме името. Браво, ми вели наеднаш, да си жив и здрав! Збунето го погледнувам. Зошто така се израдувавте, прашувам. Па, мораш бре да се бориш за името на државата, ми викна, затоа што ако дозволите да се смени, веќе не сте луѓе, не си човек.

Токму така. Ако сами, без кревање на гласот и борба, прифатиме идентитетско обезличување со промена на името, не само што престануваме да бидеме луѓе туку сосема ќе биде оправдано ако моќните потоа нè третираат како стока. Но и тоа можеби ќе ни биде океј. Доволно е да ни пуштат некоја информација за слон што заиграл чочек и ете ни занимација.

И кои се најчестите оправдувања за нашето можно идентитетско обезличување? Веќе споменатиот муабет дека тоа веќе било решено од моќните, а потоа стравот и неверувањето. За каков страв се мисли? Одговорот е луѓето се исплашени, не излегуваат јавно да кренат глас затоа што се плашат за своите најблиски. Под најблиски се мисли на децата, секако. Е па, божемниот страв за сопствените деца е лага. Лага за себе, за себеоправдување. Затоа што оној што денес посегнал по твојот личен, интимен национален идентитет, а ти си дозволил, што го спречува утре да посегне по твоите деца? Всушност се работи за себичен страв, страв за себе, страв за губење на моменталната удобност. Без разлика дали таа моментална удобност се вика работа во шивачница, место во администрација или успешен бизнис. До моменталната удобност е. Недејствувањето е миговна сигурност. Ама таа секогаш може да исчезне за миг.

Другото оправдување е неверувањето, демек луѓето веќе никому не веруваат. Вистината всушност е дека си веруваат само себеси и стануваат преокупирани само со себе. А така се раѓаат себичноста, алчноста, злорадоста и зависта, така се полни суетата, ама се губи љубовта за ближниот, грижата за колективот, умираат совеста и сомилоста. И така престануваш да бидеш човек. Ете, толку е едноставно.