За смислата и бесмислата на Македонецот

1077

Човековото суштество може без храна, делумно и без вода, ама не може ни еден ден без смисла. Дури и во најаморфни и неуредени појави, тоа бара познати форми. Гледањето во облаци е типичен пример за тоа: иако облакот не е интенционален знак на небото (никој не го создал со намера да пренесе некое значење), сепак, во неговите аморфни мени од секунда во секунда, луѓето препознаваат нешта што им се познати. Така се случи и со астрономите, кои на првите сателитски фотографии од Марс видоа „правилни геометриски форми“ за кои беа убедени дека се знак на интелигенција: канали за наводнување. А беа бесмислени случајности: раседи.
Ако треба во една реченица да се пренесе македонското просечно колективно расположение денес, тогаш тоа сигурно би била реченицата: „Сè е бесмислено“. А тоа е најопасната реченица што може да му дојде напамет на човековото суштество. Во духот на филозофијата на Албер Ками и на некои од јунаците на Достоевски, тоа е реченицата што му дава легитимитет на самоубиството како единствено решение на сите проблеми. За среќа, таа реченица не може да се изговори а да не се поништи самата себеси. Зашто, ако кажеме „сè е бесмислено“, тогаш во тоа „сè“ спаѓа и самата реченица, која тврди дека сè е бесмислено, па излегува дека БЕСМИСЛЕНО Е ДА СЕ КАЖЕ ДЕКА СÈ Е БЕСМИСЛЕНО. Мора, според тоа, да постои некоја смисла. За да продолжиме да живееме.

Секогаш кога се говори за вакви сериозни теми (Ками во „Митот за Сизиф“ тврдеше дека самоубиството е единствениот важен филозофски проблем), мора да се направи разлика меѓу смислата и значењето. Тоа не е исто. Дури и кога ни се чини дека некое нешто нема смисла, сепак тоа нешто има свое значење. Можно е да патувате со автомобил и да забележите дека сообраќајните знаци немаат смисла, зашто на автопат ви ја ограничуваат брзината на 80 км на час, или обратно, на пат со свиоци ви дозволуваат 100 км на час. И да немаат смисла, сепак, тие знаци имаат значење, и тоа аритметички прецизно: 100 е 100, а 80 е 80.

Што ни се случи со ЕУ? Постапката со која ЕУ (поточно Франција) ја отсече Македонија од европското стебло е целосно бесмислена. Особено затоа што Македонија стори сè, дури и на штета на нациокултурните идентитети, за да ја заслужи смислата. Но, наместо постапка што има смисла, добивме постапка што има само значење: дознавме дека егоизмот на Европа оди дотаму што е подготвена, за да се спаси себеси, да ги жртвува сите други што во моментов го „претоваруваат Титаник“ (кој тоне), како Македонија и Албанија. Појасно значење од таа европска порака до нас – здравје. Можеме ние да кукаме „Нема смисла, нема смисла!“, ама значење секако има.
Губењето на смислата на животот на еден поединец или опстанокот на некој народ е последица на губење на личниот или националниот идеал.

Прво што треба да се знае: идеалот е каптажа на смислата, онака како што банкарскиот трезор е чувар на златото. За некого врвната смисла (идеал) е патот до Бога, за некого научното откритие, за некого врвното уметничко дело, за некого беспрекорно изведен хируршки зафат или мајсторски залепен чевел. Но суштината на идеалот е дека никогаш не е материјален: кога се стремиме кон нешто материјално, ние немаме идеал, туку цел. А материјалната цел може да се постигне и со измама, за разлика од идеалот. Кога би бил идеалот материјален, не би важело она: „Јадам за да живеам, но не живеам за да јадам.“ Или: „Имам куќа за да живеам, но не живеам за да имам куќа“. За жал, нашето време ги материјализира идеалите: сè повеќе луѓе мечтаат за материјалното.

Ако така стојат работите со идеалите, тогаш е јасно дека денес малкумина од нас имаат свој идеал во вистинската смисла на зборот. Главно имаме материјални потреби и материјални цели. А и оние ретките што имаат некаков идеал, треба да знаат дека во историјата има два типа херои: првите се оние што го даваат својот живот за својот идеал, а вторите – оние што бараат други да ги дадат животите за нивниот идеал. Алтруисти и егоисти.

Како пример за првиот тип големи луѓе може да се земе Никола Тесла. Човек што имал идеал на човештвото да му подари бесплатна електрична енергија. И, својот живот го положил за тој идеал, не принудувајќи никој друг да го стори истото тоа. Се задолжувал прекумерно, за да може да ги изведе своите експерименти. Затоа животот го завршува во најдлабока сиромаштија и со многу непријатели – меѓу капиталисти да проповедаш нешто да биде бесплатно, па уште тоа нешто да може да донесе билиони, тоа значи – буквално да изгориш за својот идеал. За својата смисла.

На другиот пол стојат „револуционерните“ историски водачи. Ленин или Хитлер, сеедно. Ним им се потребни туѓи животи за остварување на личниот идеал. Но за да ги убедите луѓето дека треба да го дадат својот живот за вашиот идеал, мора да направите личниот идеал да стане колективен. Тоа обично се вика пропаганда преку „слика за подобар свет“. И нацистите и комунистите и денешните капиталисти ни продаваа(т) слика на еден подобар и поубав свет. Од нас, како толпа, се бара да учествуваме во остварувањето на тој свет, така што ќе ги убиваме сите оние што стојат на патот на тој идеал на водачот (што станал и наш идеал), само затоа што сме немале свој и повисок. Но толпите не би можеле да учествуваат во остварувањето на идеалот на еден Тесла, зашто тој не бара сопатници што убиваат, туку што размислуваат како научници и гении. Уметничкиот, научниот и занаетчискиот идеал се крајно лични и личносни идеали; идеалот за подобар свет е колективен и оттаму – достапен за сите.

Во што денес Македонецот да ја бара смислата (идеалот)? Откако ЕУ ни плесна шлаканица, оние што веруваа дека тој идеал има смисла, се соочуваат со бесмисла. Ќе мора да се свртат барајќи смисла во партијата на која ѝ припаѓаат, па да речеме – идеал да им биде да ги добијат изборите. Оние што и досега бараа смисла во професијата, ќе си останат со прстот во уста, зашто нема да им се отворат „европски можности“ за професионално усовршување. Оние што барале смисла „уште пониско“ на скалата на идеалите, па веруваат дека идеал е семејството, ќе се соочат со неговиот материјален, но и морален распад: прво, не ќе можат да си ги соберат децата на муабет, а кога муабетот ќе почне, не е чудо првото прашање од децата да биде: Има ли смисла денес да се учи, кога повеќе се ПЛАЌА да бидеш овчар одошто нуклеарен физичар или лекар? Така што останува секој за себе да си ја бара смислата. Некој ќе планинари, друг ќе собира пеперутки, трет ќе учи странски јазик „за себе“, четврти ќе учи столарски занает од љубов, а можеби и за некој денар повеќе во куќата. Најмногу луѓе ќе бараат смисла во дестинацијата за иселување.
Претпоставувам дека сè повеќе луѓе во таа индивидуална потрага по смислата ќе се сетат и на Бога, па ќе најдат барем мир, со што светот ќе стане барем помирно место. Зашто Бог е единствениот водач што не бара да го положите животот за неговиот идеал, туку, напротив, да живеете. Зашто само живи можете да ја увидите онаа една предност што како луѓе ја имате, а Он ја нема: да бидете подобри одошто сте. Он не може да биде подобар од себе, зашто веќе е совршен. Совршен колку и смислата. Толку.