За полицијата, малку поинаку: Куманово веќе никогаш да не им се случи

823

Дали некој се запрашал како се чувствува оној полицаец по чиј живот и физички интегритет било посегнато и на кого се атакувало со физичка сила. Или рутински е (како што размислуваат некои) полицајците да се наоѓаат во такви ситуации. Велат дека се обучени за тоа. Точно, обучени се да одбијат напад од себе и друг, за да заштитат живот или имот, но никој не е обучен да не чувствува страв. Ниту некој е обучен да ги избрише сликите од вашата свест за човечко насилство, страдање и смрт

Велат дека полицискиот придонес кон концептот на слободата е исклучително голем, зашто без соодветен и супериорен полициски сервис слободата за многумина во општеството нема да постои. Затоа, кога ѝ доделувате специјална власт на полицијата во општеството, тоа го оправдувате со потребата да се воспостави нужен компромис меѓу слободата и безбедноста, во кој безбедноста е сфатена како рамка во која егзистира слободата. Ако сте го прифатиле овој компромис како нужен, границите на власта што ѝ се доделува на полицијата мора да ги поставите во правата и слободите на граѓаните.
Прашањето на балансот упатува на заедничкиот интерес на заедницата: да се заштити од криминалот и интересот на поединецот да се заштити од можноста полицискиот систем да профункционира на негова штета. Гледам дека при градењето современ модел на полициска организација во Македонија, барем декларативно, реформите поаѓаа од демократските принципи и начела, кои во центарот на вниманието ги поставуваат човекот и заштитата и почитувањето на основните човекови слободи и права, како една од алките во овој балансирачки тест.

Арно ама, ако се направи една (по)сериозна анализа на реалното постапување на полицијата во општеството, ќе се забележат сериозни нарушувања на тој баланс (непроменети со години), во корист на безбедноста, отворајќи широки можности полицијата да профункционира на штета на граѓаните и нивните права.
Приказната за полицијата во Република Македонија е ехо на минатото, во кое полицаецот се доживува како деперсонализирана борбена машина, униформа без душа, врз која секој, ама буквално секој, може да ги истури своите фрустрации, физички да го нападне, па дури и да посегне по неговиот живот. Очигледно во Македонија не заживеа концептот за полицаецот како граѓанин во униформа, кој гради и одржува безбедносен амбиент во кој можеме да ја уживаме слободата. Сепак, за да заживее еден ваков концепт, покрај трансформирана полиција во демократски безбедносен сервис на граѓаните, бара и општество што е многу потолерантно, едуцирано и хумано. Општество какво што, за жал, не сме. И кое не успеавме да го изградиме последниве триесет години.

Гледам никој не се запрашал ниту помислил дека полицајците, како и другите граѓани на оваа држава, сиве овие транзициски години ја споделуваат општествената збунетост кога прифатливото однесување во општеството се оддалечува од традиционалните рамки на правилно и неправилно, на добро и лошо. Дека и тие како нас ги споделуваат економската, социјалната и моралната деградација на општеството. Дека како и другите во оваа држава се заморени од декларативните заложби за унапредување на животните и на социјалните услови во кои работат и живеат, како и за грижата за нивната безбедност и психичко здравје.
Дали некој се запрашал како се чувствува оној полицаец по чиј живот и физички интегритет било посегнато и на кого се атакувало со физичка сила. Или рутински е (како што размислуваат некои) полицајците да се наоѓаат во такви ситуации. Велат дека се обучени за тоа. Точно, обучени се да одбијат напад од себе и друг, за да заштитат живот или имот, но никој не е обучен да не чувствува страв.

Ниту некој е обучен да ги избрише сликите од вашата свест за човечко насилство, страдање и смрт. Нешто со што полицијата се соочува секојдневно. Тука не би ја исклучил континуираната пресија што полицијата ја трпи од медиумите, движењата за заштита на човековите права и јавноста. Да не ја споменувам политиката.
Политиката се менуваше, министрите доаѓаа и си одеа, но никој не ја детектира потребата да идентификува и да развие стратегии што ќе го превенираат и третираат стресот кај полициските службеници. Не видовме специјално дизајнирани програми за редуцирање и за третирање на стресот кај полициските службеници сиве години. Нормално, не може да очекувате дека сите во полицијата ефективно ќе се справуваат со стресот. Сепак, тоа зависи од индивидуалните карактеристики на секој припадник на полициските сили во државата.

Меѓутоа, стрес-програмата може да ги едуцира полицајците како да го намалат стресот и како да се справат со него во одредени кризни моменти. Низ вака дизајнираните програми добиваат сите: полицијата преку зголемување на моралот и на ефикасноста на нејзините припадници; јавноста преку намалување на бројот на девијантното и несоодветно (брутално) однесувања на полицајците; семејствата на полицајците преку подобрување на нивниот семеен живот.
Не случајно ваквите програми се развиени во земјите со богати демократски традиции. Замислете, полицаецот што употребил смртна сила (огнено оружје) се повикува другиот ден да се јави на работа кај нас, додека во демократскиот свет му се одзема оружјето и под придружба на колеги се испраќа на психијатар и се става под континуиран надзор. Не станува збор за слабост на полицаецот.

Станува збор за грижа за човекот. Која изостанува во Македонија. Сѐ додека не сфатиме дека полицаецот е еден од нас, сѐ дотогаш ќе му посакуваат „Куманово да му се случи“. Нешто што никогаш не би му го посакале на никого близок. Затоа, да не заборавиме дека и полицајците се сепак луѓе, а животот ниту е филм, ниту стрип.