За македонскиот антимакедонизам (триесет години подоцна)

1200

Македонија е на прагот на уште едни избори што може да се оквалификуваат како историски. Не поради СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ или за нивните лидери, туку за дел од учесниците во очекуваниот изборен процес. Имено, на овие избори првпат ќе учествува, првпат ќе гласа генерацијата родена 2000 година, оние што годинава наполниле 18 години, а се врсници на почетокот на новиот 21 век. Нов век, нова надеж.
Симболиката на овој факт ја гледам во перспективата за обнова (ресетирање што би рекле тие) на македонската политика и трасирање поинаков, помодерен, поекспресен пат од досегашниот. Таа е таа генерација што по една-две децении ќе биде носечка, врз нејзините плеќи ќе се одвиваат политичкиот, економскиот, духовниот, културниот, спортскиот живот во Македонија, се разбира ако дотогаш постои ваква каква што е, во постојните граници, по уставна конституција, по национален состав и вкупен број жители.

Пред нив е иднината, а каква ќе им биде зависи од сегашноста, која, за жал, не им ветува некои големи очекувања. Но, сепак, за разлика од нивните татковци, во овој за нив непознат политички вител ќе влезат како нови членови на НАТО, надежни кандидати за друштво со колеги од ЕУ. Уште од деца опремени со мобилни телефони, таблети и компјутери, растени во поповолни социјални услови, воспитувани во градинки, заразени со телефонски и интернет-пораки, кои ќе користат повеќе латиница од кирилица, ќе бидат полетен дел на општеството, кое најверојатно ќе биде подемократско и побогато. Кога ќе застанат на отворената животна сцена ќе се чувствуваат рамноправно оспособени за учеството во натпреварот со своите европски и американски врсници. Можеби и со руските, кинеските и јапонските, зошто да не, во отворениот глобален свет.

Што ќе наследат од претходниците што живеат во независна, суверена Република Македонија (Северна). Ајде да се потсетиме како било, што било. Рамно пред триесет години, во пролетните месеци на 1990 година, почна да изгрева „зората на слободата“. Ако година-две претходно само одоколу, со половина уста понегде никнуваа изјавите за распадот на Југославија, во 1990 г. стануваше сѐ појасно дека таа држава или ќе се промени или ќе се распадне. Тогашните републики се определија за втората варијанта и за создавање свои држави. Со обилна американска помош, со помош на германските и на други тајни служби.

Македонија не беше исклучок. Зимата и пролетта веќе беше јасно дека Комунистичката партија заминува во историјата, гаснеше социјализмот, почнаа да се основаат партии, дури како печурки по дожд, со различни идеолошки навестувања, толку многу партии и лидери што денес ниту име им се памти, ниту пак од нив има трага и глас. Историско беше обновувањето на ВМРО преку ДПМНЕ, партијата што ја промени Македонија, а нешто подоцна историски промени направи ДУИ. Тие две партии го сменија ликот на државата, со не баш најповолни епилози за македонскиот народ.

Иако настаните се одвиваа побавно, повнимателно, постапно, што се покажа како одлично употребена стратегија во преминувањето од еден во друг општествен систем и преуредувањето на државата помина без капка крв, единствена од другите републики. Искуството, ладнокрвноста и упорноста на претседателот Глигоров, беа „ас“ фактор да се смири, да слегне, зовриената атмосфера, да запрат возобновените средновековни доктрини дека без да падне крв држава не се создава. Се бараше многу политичка и тактичка умешност мирно да се повлече ЈНА, да не се разгоруваат меѓунационалните и меѓурелигиски страсти.

Вистина, полека беа совладувани големи предизвици, се надминаа повиците „Шиптарите во гасни комори“, „Да им се скратат канџите на Албанците“, „Да се бесат комуњарите“, „Да се сотрат вмровците“ и слични слогани поттикнувани од разноразни незадоволници, противници и платеници. Таквите, екстремно националистички партии и поединци ги нема веќе во соѕвездието на македонското политичко небо, што секако е добро.

Првите години од осамостојувањето навистина беа години на надеж, на ентузијазам, се имаше чувство дека се гради нешто ново, поинакво, дека ќе се направи држава „со сите нишани“. Но како што сите идеали брзо гаснат и исчезнуваат, така се случи и во Македонија и со Македонија. Криминалот, корупцијата, алчноста, парите се покажаа посилни од која било политика, од која било идеологија или добра намера. Од тие некарантински болести беа зафатени водечките партии, вклучувајќи го „пикот“ што го достигна ВМРО-ДПМНЕ, кога партијата и државата ги водеше Никола Груевски. Валканите пари убедливо ја поразија, ја исфрлија од употреба чистата политика.
Низ годините се покажа дека Република Македонија не се стекна со политички и кадровски државотворен капацитет за да одговори најсоодветно на предизвиците на новото време, на новиот распоред на силите на Балканот.

Оваа констатација, слободно речено, може да важи само за македонскиот народ, кој не се снајде најдобро со сувереноста. Додека Албанците во Македонија изградија цврсти национални позиции, јасно ги утврдија и ги спроведуваат своите цели, Македонците не се обезбедија со имунитет да го зачуваат стекнатото. По распадот на комунизмот и Варшавскиот пакт, по паѓањето на железната завеса во сите „новоослободени земји“, зајакнаа националните идентитети, тие народи си ги вратија старите истории, грбови и знамиња, брзо и речиси безболно не само што преминаа од еден во друг систем туку влегоа во забрзан развој. Не го трошеа времето за претерани внатрешни политички или меѓунационални пресметки.

Само Македонија, и по триесет години независност, сѐ уште се бара себеси, само македонскиот народ, единствен во Европа, сѐ уште не е национално признаен и дефинитивно потврден, поточно само нему му се оспорува историската автентичност. Како што му се оспори и одзеде името, сега му се оспоруваат јазикот и писмото, а со самото тоа и идентитетот. Македонскиот народ во овие триесет години наместо да напредува, дојде до степен да биде ставен на нова историска крстосница. И, за жал, сѐ уште голем дел од тој народ не препознава кој е вистинскиот пат што ќе им донесе среќа на идните генерации. Ја нема докрај разјаснето формулата како ќе ги реши прашањата со соседите, со Бугарите за историјата и јазикот, со Албанците за правата и територијата, каква ќе биде иднината на новите граѓани на Северна Македонија, на северномакедонците.

По потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, по склучената спогодба за промена на името и по договорот за пријателство со Бугарија, Македонија е истата територија, но не е истата држава со онаа што на почетокот на сувереноста постоеше, поточно што тогашните граѓани ја замислуваа и очекуваа. Давајќи низа национални концесии внатре, уште поголеми кон надвор, Македонците сами си го стеснуваат просторот за посигурно политичко дејствување. Неспособни да се соочат со проблемите, немајќи капацитет да ги согледуваат светските и балкански движења, го избираат најлесниот начин само да се ослободат од наметнатиот товар по цена на сопствена штета. Сегашната, сѐ уште актуелна влада, со сите критики што ги заслужува, рака на срце, направи огромен чекор со приемот на државата во НАТО, иако со променето име. Расте довербата за почнување преговори со ЕУ.

Ослабени, дури и угаснати се позициите на домашниот антинатовски и антиевропски фронт. За жал, заживува, зазема сѐ поголем простор, еден друг фронт, кој може да се крсти и како внатрешен, „македонски антимакедонизам“, форсиран и пласиран од политичари, новинари и други јавни личности. Тие на секој начин се трудат да ја замолчат, да ја елиминираат потребата за заштита на македонството во сопствената држава. Без никаква причина оние што говорат јавно за загрозеноста на Македонците веднаш ги етикетираат како националисти или ширачи на говор на омраза. Баш, анационално, дури и бедно однесување, сега триесет години подоцна кога требаше да се гордееме со силна македонска држава, со национално единство и со стабилен и надежен соживот.
На оние млади гласачи, на оние родени во 21 век основната задача би требало да им биде да се учат на искуствата, да не ги прават грешките што ги направиле нивните претходници.

[email protected]