За кого неработна недела?

2122

И надвор од секторските разлики, интересно е да се следи како левицата во мултикултурна држава заговара неделата да биде неработен ден, што е засновано на христијанската култура и не ги вклучува правилата на исламот

Одвреме-навреме, како и изминатава седмица, се отвора јавна расправа за неделен одмор или, поточно, неделата да биде ден за неделен одмор. Во комуникација од Владата се наведе дека синдикатите отвориле прашања за работа на празници и во недела, како и други прашања, при што не е јасно кој аспект од работењето во недела е спорен за синдикатите. Со доза популизам вестите беа на ставот дека неделата ќе биде неработен ден за сите, со ограда дека допрва треба да се разговара со работодавците. Од дебатите на социјалните медиуми се стекнува впечаток дека дебатата за неделата како неработен ден главно е за маркетите и трговските центри. Расправата често се води од наводна позиција на левица и најчесто како аргумент се користи дека никаде во светот не се работи во недела.

Јасно е дека во предизборен период темава се води популистички, со отсуство на аргументирана дебата. Законот за работни односи (членот 134) утврдува право на неделен одмор од 24 часа непрекинато и дека по правило неделен ден за одмор е недела или друг ден во неделата. Носечкото право тука е правото на 24 часа неделен одмор, кој по правило треба да биде во недела, но може да биде и во друг ден. И тоа е така затоа што, всушност, не може да се гарантира недела како ден за неделен одмор за сите, и дека од дваесетина сектори, скоро да нема ниту еден сектор во кој сите вработени би можеле да не работат во недела. Пример, за финансискиот сектор се има впечаток дека можеби сите вработени не работат во недела, но не е така, и таму има дежурна служба на кредитни картички. Па дури и јавната управа има цели сектори како полиција или пожарникари, кои мора да функционираат седум дена во неделата. Затоа и законот предвидел таква флексибилна одредба за ден на одмор, а гаранција за 24 часа неделен одмор. И покрај таа флексибилност, со членот 125 се уредува дека во секторите за сообраќај и комуникации, здравство и социјални дејности, угостителство и др. распоредот на работното време го утврдува орган на државната управа. Или со членот 135 се изземаат од одредбите за работно време во случаи кога работното време не може да се предвиди или лицата имаат овластувања за самостојно распоредување на работното време (самовработени).

Многумина работници во многу сектори мора да обезбедат работен процес од седум дена неделно, или дури 24/7 работа, или пак најсоодветно е да имаат друг слободен ден, пример понеделник. За да не бидат запоставени ќе ги споменам. Во земјоделството сите сточарски фарми треба да се грижат за стоката седум дена во неделата; во преработувачката индустрија има многу занимања како пекарници и слаткарници, кои треба да обезбедат производство седум дена во неделата или, пак, имаат технолошки процес што не смее да се гаси 24/7; слично е и со поправките и сервисите, бидејќи сите очекуваме дефектите да се отстрануваат континуирано. Замислите во енергетскиот сектор или, пак, во снабдувањето со вода, недела да биде неработен ден за сите, да нема испорака на електрична и топлинска енергија или, пак, да нема бензински пумпи што работат 24/7. Во градежништвото во одредени случаи технолошкиот процес бара континуирана работа до завршување на работата. Замислете во недела во транспортот да застанат авионите, возовите, автобусите, такси-возилата? Може да се каже дека не мора рестораните да работат во недела, но дали хотелите што работат 24/7 ќе треба да затворат во недела? Дали во недела во секторот информации и телекомуникации нема да работат медиумите, телевизијата и радиото и дали ќе нема интернет? Дури и весниците што не излегуваат во недела, работат во недела да го подготват изданието за понеделник. Како што напишав погоре, дури и во банките некој работи 24/7. Можеби во науката, управувачките работи и маркетингот повеќето не работат во недела, но пак има некој што работи.

Најчесто спомнуваната јавна управа има цели служби, како полицијата и пожарникарите, што работат 24/7. Дали да ја оставиме земјата без одбрана во недела или, пак, граничната полиција да ги остави границите во недела? Или во здравството и во социјалните работи? Дури законодавецот ја исклучил полицијата од одредбите за забрана за прекувремена работа, а и дежурствата во здравство се исклучени во законот. Замислете да не работи Зоолошката градина или да нема спортски натпревари во недела или вашиот фитнес-центар да не работи седум дена. Или музеите наместо во понеделник да не работат во недела. Можеби без некои лични и услужни дејности можете, ама ајде одете на свадба без фризер во недела или, пак, погребните сервиси да не работат седум дена во неделата. Дури и во трговијата, замислете, да нема аптеки што работат 24/7. И покрај должината на листата, веројатно, имам испуштено професии што мора да работат. Ќе се рече исклучоци, но ги има многу и затоа е неопходно законот да гарантира 24-часовен неделен одмор, но да биде флексибилен за секторите и работодавците да одредат кога ќе се користи неделниот одмор.

И надвор од секторските разлики, интересно е да се следи како левицата во мултикултурна држава заговара неделата да биде неработен ден, што е засновано на христијанската култура и не ги вклучува правилата на исламот. Македонија има значаен број муслимани за кои, според правилата на религијата, петок (џума) е неработен ден, а сабота е прв работен ден.
А за трговијата ќе споменам еден пример од Холандија, каде што пред десетина години се дозволи работа во трговијата во недела. Одлуката е донесена низ полдер-моделот или кај нас социјален дијалог, на синдикатите, работодавците и црквата. Интересите биле следниве: за синдикатите – работата во недела да не ја загрози 40-часовната работна недела, за работодавците да се работи во недела, а за црквата да се обезбеди можност за посета на неделната миса. Одлуката била дека за самовработените ќе нема никакви ограничувања, а за маркетите и за трговски центри ќе се дозволи работа во недела од 12 до 20 часот (по мисата во 10 ч.), со можност да се скрати работно време во други денови. На пример, „C&А“ воведува работа во недела од 12 до 20 часот, но го скратува работното време и во понеделник отвора во 14 часот.
Затоа потребен е малку помалку популизам и малку повеќе социјален дијалог за да се заштитат интересите на сите засегнати страни.

Авторот е аналитичар
Блог www.megjutoa.mк @sklek