За искуствата на оние што биле блиску до смртта

797

Искуствата на луѓето што биле на работ на смртта се всушност епизоди за време на кои телото е физички повредено или е со срцев удар, во шок, ситуации по силни експлозии во непосредна близина итн. Ваквите искуства имаат некои заеднички карактеристики: обично се без секакво чувство на болка, луѓето опишуваат дека гледаат светлина на крај на тунел, или како да се ослободуваат од телото, кое потоа лебди во просторот. Прашањето зошто умот прави обиди во позитивна атмосфера да ги зачува менталните операции во ситуација на низок крвен дотур и кислород, а не во форма на паника, сѐ уште предизвикува некаква мистериозност.
Написов е базиран на статија, која пред некој ден (јуни 2020) излезе во научно американско списание, а е насловена „Приказни за мозокот кој умира“. Инаку, провокација на сево ова се илјадниците преживеани во актуелната пандемија на ковид-19, а кои биле на респираторна машина.
Младиот Ернест Хемингвеј кога бил тешко ранет при експлозија на граната за време на Првата светска војна, напишал писмо на домашните: „Умирањето е многу едноставна работа. Гледав во смртта и навистина знаев дека ако умрев тоа ќе беше многу лесно за мене. Скоро да нема полесна работа, која некогаш ми се случила“.

Години потоа, Хемингвеј го адаптирал сопственото искуство кога душата го напушта телото, бега и потоа повторно се враќа, во неговата кратка новела „Снеговите на Килиманџаро“, за време на едно африканско сафари, кое тргнало наопаку. И токму кога помислил дека умира, пристигнува и го спасува неговиот локален водич. Полетувајќи во авионот, низ бурата исполнета со силен дожд тој опишува: „Како да доживувам дека летам низ некој водопад, додека авионот брза во светлината пред нас, а неверојатно белило на сонцето се надвива над врвот на Килиманџаро. И тогаш, ние знаевме дека таа (смртта) некаде заминала“. Овој опис одговара на класичното искуство на работ на смртта, темнината, престанување на болките, брзање во светлината и потоа чувство на тотален мир.

Искуствата на работ на смртта се поттикнати од ситуации на единствени животозагрозувачки епизоди кога телото е повредено од физички трауми, при срцев удар, асфиксија, шок или нешто слично. Вакви доживеани епизоди опишува еден од 10 пациенти со срцев застој во болнички услови. Постојат илјадници преживеани на вакви ситуации во кои нивното оштетено тело како да се наоѓа зад реалноста на секојдневниот живот, зад вообичаените граници на просторот и времето. Забележано е, дека ваквите искуства можат сосема да го изменат нивниот понатамошен живот.
Искуствата на луѓето што биле на работ на смртта можат да бидат позитивни или негативни. Некои се поврзани со чувства на некаква обземеност со сегашноста, или пак на нешто дивино, нуминозно. Како да настанала разделеност од масивната траума која телото ја претрпело и чувството дека особата е со универзумот. Меѓутоа, се опишуваат и подруги застрашувачки доживувања полни со терор, силна анксиозност, осаменост и очај.

Кое било приближување кон смртта не потсетува на непостојаноста и кршливоста на животот и може да ги одземе слоевите на психолошко потиснување што нè штитат од непријатни мисли за обезбедување на егзистенцијален заборав. Уште повеќе, овие случки не губејќи го интензитетот со текот на времето ја потврдуваат самата нормалност, иако од медицински аспект тие би спаѓале во дијагнозата „ посттрауматични стресни растројства“.
Ваквите доживувања, сепак, доста ретко ги опишуваат самите преживеани, можеби поради срам, социјална стигма и притисок да се соочат со ваквите случки. Иако спаѓаат во посттрауматични стресни растројства, потсетувањето на нив останува со многу силен интензитет и луцидност со декади потоа.
Во 2017 год. двајца истражувачи од Универзитетот во Вирџинија го поставуваат прашањето за парадоксот на многу засилената когниција во состојби на компромитирана мозочна функција, и дали тие состојби може да се сфатат како бегство или имагинација.

Истражувачите изготвиле прашалник и го дале кај 122 личности што имале вакви искуства. Резултатите сугерирале дека ваквите доживувања се возвраќале со поголема живост и детали од која било друга реална или имагинарна ситуација. Со други зборови, се опишувале како нешто „пореално од реалното“.
Во 20 век ваквите доживувања блиску до смртта го свртеле јавниот интерес така што се јавуваат доста написи со таква содржина, и во тој контекст во 2009 г. Брус Грејсон ја објавува книгата „Искуства блиску до смртта“. Истражувачите се обиделе овој феномен, кој се сметал за конфабулација или некаква халуцинација, да го стават во рамките на емпириска студија.
Наведениот научник вели дека тој ја прифаќа реалноста на интензитетот на ваквите искуства. Тие се толку автентични како која било друга субјективна перцепција или чувство. Сепак, како научник тој поставува хипотеза дека сите наши мисли, мемории, перцепции и искуства се несомнена последица од природни сили на нашиот мозок, а не на нешто наднормално. Оваа премиса служи во науката како поттик за наоѓање многу технологии за истражување на мозокот.

Значи, со помош на разни истражувања овие случувања треба да се објаснат на ниво релација тело/ум и да не останат само причина заради која оној што ги доживеал целосно го трансформира својот понатамошен живот, или во случајот на Хемингвеј, да создаде опсесија од ризик за смрт. Слични мистични искуства честопати се опишуваат од луѓе што примале психоактивни супстанции во класата на халуциногени, кои се врзуваат за невротрансмитерот серотонин (ЛСД на пример) или пак учесници во некакви религиски, спиритуални ритуали (опишувани како транс). Вакви случувања се опишани во многу култури и народи, кај стари и млади, дури и од оние што биле скептични, како што се наоѓаат во „Тибетанската книга на Смртта“, случувања што го опишуваат умот пред и веднаш по смртта на мозокот.
Сепак, невролошката основа на овие случувања блиску до смртта тешко се дефинира со прецизност токму поради различноста на начинот на кој мозокот е повреден. Вакви доживувања никогаш не опишуваат луѓето што се внатре во магнетскиот скенер или оние на чиј скалп стојат безброј електроди за ЕЕГ-снимање.

Некои идеи можат да се добијат од оние што доживеале застој на срцето (кардијак арест), кога срцето за миг престанува со работа. Пациентот сѐ уште не умрел, а срцето може да биде возвратено со процедурите за реанимација. Познато е, за денес да се прогласи дека некој умрел неопходна е иреверзибилност во мозочните функции. Кога мозокот е лишен од циркулација (исхемија) и кислород (аноксија) пациентот за делови од минута нема ЕЕГ активност, т.е. кривата на електроенцефалограмот е рамна. Умот, кој претставува супстрат на работата на невроните, а тие во овие моменти сѐ уште се способни да генерираат некаква електрична активност, и токму тие всушност ја кажуваат приказната скроена зависно од искуството, меморијата и културните очекувања. Со оглед на овие прекини на производство на електрична енергија, ова искуство може да произведе прилично чудни и идиосинкратични приказни што го сочинуваат корпусот на извештаите на искуствата блиску до смртта. Затоа, за оној што ги доживеал, ваквите случувања се реални како што се оние што мозокот ги произвел при нормалното будење. Кога целиот мозок се затвора заради целосно губење на моќта, умот е згаснат, заедно со свеста. Во моментот кога кислородот и протокот на крв се возобновени, мозокот се подигнува во функцијата, а наративниот проток на искуство продолжува.

Научниците снимале со видео, детално го анализирале губењето на свеста и нејзиното наредно закрепнување кај извонредно тренирани луѓе, на пример пилоти од НАСА, астронаути поставени во специјални центрифуги. Во ситуации кога силата на гравитацијата е посилна за пет пати, кардиоваскуларниот систем престанува да испраќа крв во мозокот и пилотите практично паѓаат во бессознание. Околу 20 секунди по престанувањето на таквите силни г-сили, свесноста се возвраќа, придружена со мал интервал на конфузија и дезориентација. Токму овие феномени претставуваат основа на случувањата, кои се опишуваат од преживеаните блиску до смртта: визија на тунел, светлина, чувство на тукушто будење по сон, вклучувајќи комплетна или делумна парализа, чувство на пловење, искуства како да се надвор од телото, чувства на задоволство и еуфорија, еден вид на сон, кој може да вклучува дури и разговор со членови на семејството, што останува како живо сеќавање во нив многу години потоа. Овие интензивни доживувања може да бидат тригерирани од специфични физички повреди и немаат никакви религиозни заднини. Останува фактот, дека ваквите искуства сѐ уште не се доволно истражени ниту во напредни невронаучни лаборатории. Лично присуствував на една научна конференција посветена на свесноста во Стокхолм 2011 година, каде што научниците ги презентираа сопствените наоди од вакви искуства кај многу пациенти.

Многу невролози забележале сличност во ваквите доживувања кај некои типови епилептични напади познати како комплексни парцијални грчеви. Тие одговараат на делумно изгубена свесност и често се локализирани на специфични мозочни региони во една хемисфера. На таквите напади може да им претходи аура, која е специфично искуство единствено за пациентот и е предиктивна за нападот. Грчевите може да се здружени со промена на големината на перцепираните објекти, доживување на невообичаени мириси, вкусови или телесни доживувања, како нешто што веќе било доживеано (дежа ви), деперсонализација или екстатички чувства. Многу детално ваквите доживувања се опишани од страна на Достоевски, кој самиот боледувал од темпорална епилепсија, а во ликот на кнезот Мишкин во извонредниот роман „Идиот“.
„За време на неговите епилептични напади, или поточно веднаш пред нив, тој секогаш доживуваше еден момент или два кога целото срце, и умот и телото се чинеше дека се буди со живост и светлина; Кога се наполнуваше со радост и надеж, и се чинеше дека сите негови вознемирености се оддалечуваат засекогаш; Овие моменти беа презентации како што беа, на една последна секунда (никогаш не беше повеќе од секунда) која одговараше на него.

Кога неговиот напад заврши, а принцот се осврна на неговите симптоми, тој си рече: „Што и да е, тоа е само болест, абнормална напнатост на мозокот, ако се сеќавам и го анализирам моментот, тоа се чини дека беше една од хармонијата и убавината во највисок степен – момент на најдлабока сензација, преплавен со неограничена радост и грабнување, екстатична посветеност и целосен живот?‚ Јас ќе го дадам целиот мој живот за овој момент“.
Повеќе од 150 години потоа, неврохирурзите успеаја да индуцираат вакви екстатични чувства преку електрична стимулација на делови од мозочната кора наречени инсула, кај епилептични пациенти кои имале имплантирани електроди во мозокот. Ваквите процедури можат да бидат од помош за локализирање на изворот на грчевите и за нивно можно хируршко отстранување. Пациентите известуваат блаженство, подобрена благосостојба и зголемена самосвесност или перцепција за надворешниот свет. Надразнување на сивата маса каде било, може да тригерира вакви вонтелесни доживувања или видни халуцинации. Ова всушност ја прави врската помеѓу абнормалните активности и субјективните искуства кои имаат биолошки, а не спиритуален извор.

Зошто умот треба да ја доживее борбата да ги одржува своите операции во случај на губење на протокот на крв и кислород како позитивни и блажени, одошто со предизвикување паника, останува навистина мистериозно. Интригирачки е тоа што надворешната граница на спектарот на човечко искуство опфаќа и други прилики во кои намалениот кислород предизвикува пријатни чувства на жолтило, светлина и зголемена возбуда – во случаи на длабоководно нуркање, качување по височина, летање, задушување или несвестица, игра или сексуална асфиксија. Можеби ваквите екстатични искуства се вообичаени за многу облици на смрт сè додека умот останува луциден и не го придушуваат опијати или други лекови дадени за да ја ублажат болката. Умот, окован во тело што умира, ја посетува својата приватна верзија на небото или пеколот пред да влезе во „неоткриената земја на Хамлет од чија неволја ниту еден патник не се враќа“.
Накратко сумирано, сѐ уште невронауката треба да открива многу детали околу трансформацијата на материјалното во духовно, на меѓуиграта тело/ум. Во таа насока е и овој денешен напис. Нема никакво религиозно толкување, сѐ е во функцијата на нашиот мозок!