За еконационализмот во нашето општество

388

Зелената политика е во противречност со етнонационалистичката идеологија, бидејќи најголемиот дел зелени партии „туркаат“ универзални и општочовечки вредности. Приврзаниците на зелената политика никогаш не истакнуваат етнички или националистички барања, нивната платформа е надетничка и наднационална, за сите во општеството, бидејќи од загадувањето и лошиот квалитет на животот се засегнати сите, без разлика на етничката припадност или јазикот што го говорат

Махавира, основачот на џаинизмот, е еден од најнеобичните религиозни филозофи во историјата на човештвото. Тој се водел од реалистичната логика и го опишувал сознанието на човекот како релативно и привремено. Махавира велел дека ништо не е вистинито, освен од една гледна точка, а за другите гледни точки тоа било погрешно. За да го докаже своето искажување, ревносно ја раскажувал приказната за шесте слепи луѓе што ги положиле рацете на различни делови на слонот. Оној што го држел слоновото уво мислел дека слонот е ладало за ладење, оној што ја држел ногата рекол дека слонот е огромен потпорен столб итн. Следствено, секое пресудување е ограничено и условено, нема една и единствена вистина.
По сѐ изгледа уште пред стотици векови Махавира ја осознал суштината на човековото однесување, не мора да ни верувате на зборовите, само погледнете ги искажувањата во нашето општество. Еден политички субјект јавно прогласи дека започнува нова политика, нов начин на водење политика, политика за еколошка правда и квалитетен живот. Со други зборови, обелодени дека ќе се стреми кон поттикнување еколошки одржливо општество, вкоренето во правата на животната средина. Меѓу другото, оваа зелена политика се залага за ненасилство, социјална правда и грасрутс-демократија (политички активизам на широките социјални слоеви, најчесто личност со право на глас, за да поддржи одредено политичко движење). По одреден временски период, споменатиот субјект обелодени дека следно нешто е претседател на државата да биде Албанец, ние се движиме кон визиите, кон иднината што ја подготвиме и, се разбира, за албански премиер и зелената агенда, ова е добро изработен и проучен проект, таа е агенда на времето.

Не можеме да не ги забележиме контрадикторностите во овие искажувања. Зелената политика е во противречност со етнонационалистичката идеологија, бидејќи најголемиот дел зелени партии се за општочовечки, универзални вредности. Тие се поврзани и со екофеминизмот, екосоцијализмот и зелениот анархизам… Приврзаниците на зелената политика никогаш не истакнуваат етнички или националистички барања, нивната платформа е надетничка и наднационална, за сите во општеството, бидејќи од загадувањето и лошиот квалитет на животот се засегнати сите, без разлика на етничката припадност или јазикот што го говорат.
Да се навратиме на Махавира, кој вели дека сѐ е релативно и привремено. Доколку некој тврди дека се залага за еколошка правда и квалитетен живот, тогаш треба да му веруваме на зборови, бидејќи од неговата гледна точка тој ја говори вистината. Но дали е навистина така?
Македонското општество е феномен, никој не успеал да ја обедини зелената агенда со националистичката политика, меѓутоа тоа се случува пред нашите очи. Се оформува нова идеологија, која светот никогаш досега не ја видел, изум на македонскиот гениј. Овој еконационализам истовремено се залага за еколошки одржливо општество и приоритет на етничката припадност. Каков апсурд!
Доколку внимателно проучиме, станува збор за прагматизам и популизам. Зелената агенда во политичкиот спектар на Македонија, на голема врата влезе по промените во Вашингтон, каде што национализмот и радикализмот повеќе не се во мода. Затоа, изјавите од типот „ние сме зелени“, првенствено беа насочени кон Амбасадата на Калето, дека си има работа со прогресивен политички субјект.

Меѓутоа во едно општество, кое со децении е доено со етнички предрасуди и национализам, зелената агенда е мисловна именка, нема вредност. Затоа повторно го слушнавме стариот рецепт за албански претседател, избран од Собранието, а не од народот.
Затоа не треба да се зачудуваме од соединувањето на национализмот и зелената политика. Национализмот е насочен кон националистичкото и конзервативно гласачкото тело, а зелената агенда кон светот. Еден мој пријател вели дека Албанците секогаш биле прагматични. Во Османлиското Царство, доколку требало да служат војска, се изјаснувале како христијани, бидејќи само муслиманите можеле да бидат војници, а доколку требало да платат данок, се изјаснувале како муслимани, бидејќи муслиманите биле ослободени од даночните обврски.