За Европа ДА, за Македонија НЕ

985

Немате претстава колку е лесно да си (пре)пишувам сопствени колумни во оваа држава. Оваа, нова колумна е составена од две стари писма објавени во сотрениот ,,Дневник“, но, тука ги обновам по хронолошки ред (гр. хроно-логиа, временски редослед 2009-2010 г.). Подолу, до точка и запирка, сѐ е исто:
„Веројатно ова ќе биде логото на следното домино, наречено ’референдум’. Македонците уште сега го изгласаа: Европа ДА, Македонија НЕ!Колку е лесно да манипулираш со ’шупаци’ (морав да цитирам универзитетски професор,простете). ’Одредницата’ им го определи патот, судбината и историјата, која всушност не им припаѓа, туку случајно се нашле во неа, не сакајќи. Живеат тука, но уживаат во Грција. А што е послатко? Животот тука или уживанцијата на Халкидики.

Деновиве, цртаниот јунак Астерикс полни 50 години. Вива Астерикс. Вива Мики Маус, тој има над 60 години. Дали мојата држава со привремено име ќе доживее 50 години? Веќе е пред ’компромисното решение’ да не го доживее тоа. Знаете ли што значи барање за промена на името: објава на војна. Досега, по ’дипломатски’ пат, без употреба на оружје, со многу притисок, ембарго и други ’мирновременски’ методи, карактеристични за студените војни. А, решението е одамна, многу одамна, пред педесетина години, донесено и употребувано во практика, до граница Вардар, од граница натаму Аксиос. За Европа кандидира, се менува себеси, Уставот, знамето, потпишува рамковен, ведне глава, целива рака, трча по морковот, го јаде стапот државата Република Македонија, а во Европска Унија и НАТО ќе влезела Северна Македонија. Од сѐ по нешто разбирам, ама ова не. Кои се тие северномакедонци, одеднаш се појавуваат и Европа и Грција ги прегрнува.

Вардар ќе стане Аксиос до Вруток. Северна Македонија, веднаш ќе ги добие сите четири страни на светот: источна, западна, северна, јужна.Четири во едно, оди па состави ги. Секој ќе посегне по ’својата’ географска одредница. Западните по западната, источните по источната… Свесни ли сте дека потпишувате како ’селски кмет’? Секој во главата ќе си има своја Македонија. А таа одамна исчезна, барем онаа асномската, во која се родив и живеев. Од 13 август 2001 година веќе не постои мојата Македонија и воопшто не ми е важно дали на оваа ќе ѝ додадете ’географска одредница’ бидејќи толку ѝ одзедовте, па што и да ѝ додадете, не ѝ прилега. Што би испеал Гоце: ’Делете ја парчете ја’ (види будалаштина, им дава памет) извадок од прирачникот за растурање држава со патриотски нагон. Е,тоа е за енциклопедија. Грешката е направена уште во Букурешт. Оваа Македонија ви е преголема и не можете да ја владеете нејзината ’огромна’ територија. Истата ја доврши Титово Јајце, давајќи им држава НР Македонија, да си поиграат Македонците педесетина години, без да ги праша, сакаат ли? Можат ли? Туп, држава и ти чуди ѝ се.

Ѓубре едно комунистичко. Да биде поконфузно, комунистите-партизани се собрале во манастир. На партизаните им помогнаа комитите, на комитите – УЧК. Сега тежината на државата е поделена, реков тежината, а не територијата. Сега е полесно, кога неколку души носат толкава држава на грбот. Замислете во Јајце да ни паднеше Канада или Австралија. Не се роди митолошкиот јунак Атлас, кој на грбот ја носи Земјината топка, која во себе ја содржи и Македонија. Нашиот грб е грбав и мек, слаб и килав како и нашиот карактер. Ќе бидеме единствената земја во Европа, која за да влезе во високото друштво си ги избриша опинците од себеси. За да влезе Исус во Ерусалим, луѓето му фрлаа наметки и палмино лисје.

А, потоа го расчеречија. Ние го пославме патот за Северна Македонија, пред портите на Брисел, со народ, име и достоинство. Јас не сум народ, јас сум човек што не сака да биде послан и да се гази по него до портите на Европа. Се изземам себеси. Згора на тоа, неколку јазици треба да учам ’факултативно“. Сакам да бидам трн во лакираните чевли на Европа, а не дел од сламата што ја постилате да ја гази таа Европа. Вива Астерикс! Вива Мики Маус!“
Објавено на 16 октомври (петок) 2009 година!
Нов текст:
Деновиве, повторно го видов Филип Рикер, мислев дека сум го заборавил. Ама, тој не нѐ заборавил.
Стар текст:
Пеле, Рикер и Македонија
Едмондо Арантес Хозе Мариа Дош Нашименто Пеле е внатрешното име на човекот познат по надворешното име Пеле. Е, тоа било целта, според Филип Рикер, американската и европската ,,меѓународна заедница“ да нѐ ослободат од комлицираната краста од име, ФИРОМ, а не од „уставното име“ на државата, која ние за внатрешна употреба си ја нарекуваме Република Македонија.Значи, не сме разбрале: Рикер и компанија се трудат да ни помогнат да ја отстраниме ,,референцата“ и се поставува нова, референтна референца.

Само ќе треба да ги промениме името, пасошите и сѐ друго оди само по себе. Ново име,нова држава, нов идентитет се подразбира сам по себе, нема потреба да се коментира однапред, бидејќи доаѓа со новото име. Сето тоа го разбрав на една универзитетска трибина каде што поставуваа прашања како во ,,Момент на вистината“.Дали американската амбасада е шпионски Бондстил во Скопје? Приклештен пред интелектуалците, Рикер немаше каде. Како од топ отсече: НОУ. Громогласен аплауз ја прифати ,,вистината“ кратко одговорена од шефот на дипломатскиот Бондстил. За утеха, софиската верзија на американската амбасада, е двапати поголема. Со ваква младина имаме речиси сигурна иднина.

Знаат да го ,,исечат“ Рикер ,,пропеа“. Не верувам дека ќе му падне на памет да седне уште еднаш, вака очи в очи со ваков еминентен собир на универзитетски умови. Го ,,изрешетаа“ студентите, го ,,шетаа“ како низ лавиринтите на Тора-Бора. Но едно ми е појасно: ќе имаме нова држава со ново име, препознатлива меѓународно, како Пеле. Северна Каролина, Северен Пол, северен ветер, Северна Македонија. Изгледа универзално и препознатливо. Север – северозапад, како кај Хичкок. Толку сум хепи: се родив во НРМ, бев војник во СРМ, живеам во РМ, а ќе ме имплементираат во Северна Република Македонија. Вауу!А неа, Севернаљта, ќе ја имплементираат во НАТО и ЕУ. Благодарам за можноста.

П.С.
Ова е нов текст во колумната:
Ни самиот не си верувам дека ,,денешниот“ текст е објавен на 1 април (четврток) 2010 година! Воопшто не сум бил видовит, што ќе се случи осум години потоа. Просто јас сум логичен, а многу од вас ова не го ни паметат, дека им се случило исто колку и мене. Референдумот го прогласувам за успешен, не дека сум видовит, туку сум логичен, ве познавам многу добро.