„Заедничката историја“: Да, но со кого и каква?!

1752

Да, може да се говори за заедничка историја! Но прашање е со кого и каква? Заеднички историски настани, точно, но на две различни страни. Зар треба да се заборават или да се стават во „заеднички, ист кош“ масакрите во Долгаец или во Ваташа, кои ги изврши бугарската армија, која прерано и насилно прекина македонски животи?! Или, пак, интернирањето на македонските Евреи во нацистичките концентрациони логори од страна на бугарските фашисти?! „Заедничката историја“ исто така вели дека сребрената опкова, наменета за черепот на светителката Матрона, која е изработена во 1789 година и се чуваше во охридската црква „Света Богородица Перивлепта“, во 1916 година со многу други артефакти беше одвлечкана во Бугарија и денес се чува во Националниот историски музеј во Софија

Во своето последно интервју за Бугарската национална телевизија, копретседателот од бугарската страна на заедничката историска комисија, Ангел Димитров, истакна: „Нашите колеги ја следат политичката линија на нивното раководство – да не признаваат дека постои заедничка историја и да ги одржуваат работите напнати.“ Нема потреба да се навлезе во подлабока анализа на изјавата, но би се задржале на терминот „заедничка историја“, кој македонските граѓани постојано го слушаат. Сосема логично е да се постави прашањето од каде потекнува оваа фама, во смисла дека македонскиот народ нема сопствена историја (?!), што е далеку од историската реалност.
Одговорот, меѓу другото, можеме да го најдеме во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Македонската страна веруваше дека договорот ќе овозможи преку конструктивен дијалог да бидат решени сите билатерални прашања и на тој начин ќе се придонесе во продлабочувањето на односите со Бугарија. Во овој дух, македонската страна се согласи на „заедничка историја“, која ги поврзува двете држави и нивните народи.
На овој начин „заедничката историја“ навлезе во вокабуларот на бугарската политичко-општествена елита, која „под овој израз не подразбира заедничка историја што ги поврзува македонскиот и бугарскиот народ, туку заедничка бугарска историја“(!?) Очигледно е дека од македонска страна е направена грешка кога е прифатена терминологијата – двете држави и нивните народи, со што не се споменува македонскиот народ и се остава простор за интриги од бугарска страна.
Да го оставиме ова прашање настрана и да се насочиме на суштината на проблемот. Бугарската елита се обидува да ги убеди Македонците дека немаат сопствена историја, притоа македонските историчари застанаа во одбрана на особеностите на македонското историско минато, негирајќи ја заедничката историја. Но ова е погрешен пристап на проблемот.

Според Договорот за пријателство, македонската и бугарската влада се согласија да формираат заедничка комисија, чија задача е врз основа на автентични и докази засновани врз историски извори да даде научно толкување на историските настани. Затоа мора да го поставиме прашањето: Што велат автентичните историски извори? Имено, тие недвосмислено говорат дека бугарската држава уште во раното средновековие била освојувач на Македонија, а никогаш ослободител или обединувач! Само погледнете ги изворите за Првото и Второто Бугарско Царство.
Да, да, може да се говори за „заедничка историја“! Но прашање е со кого и каква? Заеднички историски настани, точно, но Македонците и Бугарите на две различни страни. Зар треба да се заборават масакрите во Долгаец или во Ваташа, кои ги изврши бугарската армија, која прерано и насилно прекина македонски животи?! Или, пак, интернирањето на македонските Евреи во нацистичките концентрациони логори од страна на бугарските фашисти?! „Заедничката историја“ исто така вели дека сребрената опкова наменета за черепот на светителката Матрона, која е изработена во 1789 година и се чуваше во охридската црква „Света Богородица Перивлепта“, во 1916 година со многу други артефакти беше одвлечкана во Бугарија и денес се чува во Националниот историски музеј во Софија.

Да, се разбира дека можеме да говориме за „заедничка историја“, затоа што таа вели дека меѓу основачите и истакнатите членови на Бугарската академија на науките има многумина Македонци, а меѓу нив се Кузман Шапкарев, Ефрем Каранов, Иван Снегаров, Теодосиј Гологанов, Иван Георгов и многу други. Некој може да нѐ убедува дека тие биле Бугари и затоа учествувале во основањето и работата на БАН, но што велат автентичните историски извори? Споменатиот Иван Снегаров пишуваше дека: „Историјата на Охридската црква е историја на осумвековна духовна независност, би рекол на духовна сувереноста на Македонија. Политичката власт во таа земја била турска, но духовната ѝ припаѓала на самата неа, во лицето на нејзината народна црква, којашто опфаќала поголем дел од таа земја и чијашто паства го сочинувала огромното мнозинство во неа, како што е и денес.“
Кога говориме за „заедничката историја“, не треба да ги заборавиме и бугарските политички дејци, а меѓу нив се и Македонците Александар Радев, Коста Шахов, Трајко Китанчев, Димитар Благоев, Андреј Љапчев и др. Многумина Македонци беа премиери, министри и градоначалници, но тоа не значи дека тие ја заборавија својата татковина Македонија.
Не случајно Димитар Благоев во бугарското собрание, по повод учеството на Бугарија во Балканските војни и во Првата светска војна, изјави: „Која историја? Таа ли што вие ја фалсификувате? Таква историја ние не признаваме, бидејќи целите на војната не се за никакво обединување на бугарското племе, туку за бугарска хегемонија на Балканот, поточно да се завладеат местата што ѝ се неопходни на бугарската буржоазија за да може да излезе на големите водни патишта и на Егејско Море. Јас сум родум од Загоричане, меѓутоа јас не сум Бугарин, јас сум Македонец, македонски Славјанин! И како таков, ако сакате да знаете, јас сум за Македонија како словенска земја, која ќе има сопствена управа.

Ако сте вие убедени дека во Добруџа живеат Бугари, дека во Моравско, дека во Македонија живеат Бугари, дека во Сер, Драма и Кавала се Бугари, зошто тогаш се плашите од формулата на рускиот цар, мир без анексии, без обесштетување и со право на народите на самоопределување. Ако сте убедени дека некаде има Бугари, нека се спроведе референдум и да видиме што ќе кажат. Зошто кревате врева? Значи несигурни сте, значи има нешто што ве тревожи, има некои области завладеани од вас, кои ако се подложат на референдум, ќе ви се измолкнат од рацете“.
Мора да потсетиме дека при печатењето на Димитровите целокупни дела во 1962 година, издавачите од Софија, од стенографските белешки го исфрлиле делот од говорот на Благоев за неговото македонско потекло и за идентитетот на Македонците. Ова е класичен пример како бугарската страна ги разбира автентичните историски извори.
Затоа, оставете се од терминот „заедничка историја“. Таква каква што подразбирa официјална Софија ниту имало, ниту пак ќе има. Нивната „заедничка историја“ историски е очигледно дека бугарската држава секогаш гледала на Македонија како на плен за освојување, а не на историја во која токму индивидуи и групи на засебен етнички ентитет, како што сме ние Македонците, дале голем придонес во развојот и напредокот на Бугарија.