Елинските филозофи и античка Македонија

911

Политичката сцена на Атина била поделена околу македонското прашање. Ако е за верување, хроничарите наводно бележеле две силни грчки политички партии: промакедонска и антимакедонска партија. Позиција и опозиција во однос на Македонија (што би се рекло денес). Промакедонската била за сојуз и мир со Македонија, додека антимакедонската барала да се здружат старогрчките градови-држави и да водат жестока војна

На читателите денес како одмор од политика им приложувам на увид текст што содржи елементи на далечна историја и археологија, со примери за жестока полемика на големи умови и со понекоја информација за едукација и рекреација, препорачлива духовна храна во вакви магливи времиња. Настанот е од антички времиња, но, иако поминале милениуми, ни покажува дека некои нешта и ситуации не само што го издржуваат забот на времето туку се појавуваат во нов облик и со други личности.
Еве ја приказната за која се надевам дека барем некого ќе го забавува. Постои напишано сознание дека на археолошкиот локалитет Хераклеја кај Битола по Првата светска војна меѓу вредните археолошки артефакти е најдена и биста со ликот на античкиот славен војник, филозоф и оратор Ајсхин (Есхин). Некојси британски дипломат и истражувач, Вилјем Мартин Ли, кој се разбирал во археолошките вредности ја однел во Лондон, во британскиот музеј. Тамошните археолози утврдиле дека бистата е од времето на Филип Втори, наводниот основач на Хераклеја, а македонските археолози му припишуваат друг период. Но без оглед на разликите за точноста за староста, Ајсхин е интересна личност од тоа време, не само поради што му бил учител на Аристотел туку и за согледување други релации во политиката на Елада кон Античките Македонци.

Овој итар и превртлив беседник бил учесник и сведок во меѓудржавниот судир меѓу Македонија и Атина (сега Грција) што почнал во оној момент кога страшниот, груб, лут и нахален македонски крал Филип Втори редел успеси на бојното поле и сеел страв кон сите тогашни грчки градови-држави. Согледувајќи ја опасноста од покорување, Грците барале мир. Нивната стратегија била да се постигне мировен договор што би ѝ користел на државата многу повеќе отколку штетите што би ги донела војната. Притоа, Атина играла дупло: од една страна пропагирала фиктивен мир, а од друга, во соработка со хеленските градови-држави, се готвела за борба. Во таква атмосфера започнале мировните преговори. Првата средба била во Атина кога бил постигнат таканаречениот Филократов мир, а втората за имплементација на точките од спогодбата, во Пела, престолнината на македонското кралство.

Имајќи ги во вид значењето и деликатноста на она што ќе биде договорено на втората средба, како и непредвидливоста на Филип Втори, Атина составила мошне силна преговарачка делегација, ги собрала речиси сите во тоа време умни луѓе. Во составот влегле тогаш најдобрите, најспособните, најчуените оратори, политичари и филозофи. Ударната сила имала дваесет члена, а логистиката била уште поголема. Меѓу нив, секако, треба да се споменат Демостен, Ајсхин (Есхин), Филократ, Тимарх, како и артистот Аристодем. Овој последниот бил користен за да глуми, зашто се знаело дека глумењето игра голема улога во политиката. Атинските емисари патувале 23 дена до Пела, а потоа чекале 27 дена за да се врати Филип од своите походи од Тракија. Всушност, биле затворени, не им се дозволувало да ја напуштат Пела, што не било само покажување сила туку смислена протоколарна тактика да се види кој е тука господарот а кој слугата. Се разбира, и да се втера страв во коски што може да се случи ако даваат отпор.

Политичката сцена на Атина била поделена околу македонското прашање. Ако е за верување, хроничарите наводно бележеле две силни грчки политички партии: промакедонска и антимакедонска партија. Позиција и опозиција во однос на Македонија (што би се рекло денес). Промакедонската била за сојуз и мир со Македонија, додека антимакедонската барала да се здружат старогрчките градови-држави и да водат жестока војна. На едната страна биле таканаречените филиписти, плутократи, панхеленисти што се залагале за дијалог и мир со Македонците, а на другата радикали, милитанти, патpиоти, повикувачи и разгорувачи на војна, предводени од беседникот Демостен. Како што е нашироко познато, Демостен во своите говори, наречени филипики, не го признавал Филипа за Грк и го нарекувал „варварин од север“. Постоела и друга поделба. Богатите олигарси се залагале за мир зашто очекувале заштита на стекнатиот капитал, повеќе работа, повеќе пари и економска благосостојба по неговото склучување, а посиромашните барале војна. Поделени биле и филозофите и интелектуалците. Додека едни умни глави во лицето на македонскиот крал гледале спас, други сметале дека тој е смртна закана за Атина. Оние што ги поддржувале македонските ставови биле грубо навредувани, јавно напаѓани и прогласувани за предавници на грчките интереси. Се ширеле лажни вести, подметнувања, закани со репресии.

Постигнатиот договор бил крајно непопуларен во Атина и предизвикувал расколи затоа што бил полн со контроверзии. Кавгите фатиле место и меѓу самите елински преговарачи, кои жестоко се судриле меѓу себе. Фрчеле меѓусебни тешки обвинувања и судски тужби. Се случувала една правна какофонија. Хиперид го обвинувал составувачот на спогодбата Филократ дека зел мито од Филип. Филократ бил осуден на смрт, но се спасил бегајќи од Атина. Демостен го тужел Ајсхин дека подлегнал на лукавствата на Филипа, дека бил подмитен од македонскиот крал и дека ги излажал Атињаните со давање лажен извештај за текот на преговорите. Плус, дека ги прекршил и излегол од своите пратенички надлежности, дека не ги почитувал договорените ставови што ги донело атинското собрание пред заминувањето на делегацијата за Пела.

Кон Демостен се приклучил и другиот член на делегацијата Тимарх, кој го обвинил Ајсхина за велепредавство и барал строга казна. Но Ајсхин се бранел така што го обвинил Тимарха за педерастија, за проституирање со млади момци во Пиреја. Ајсхин бил ослободен од обвиненијата, а за неморални дела бил осуден тужителот Тимарх. Истовремено, Ајсхин, од своја страна, тврдел, дека Демостен во преговорите не се залагал за грчките интереси така како што се очекувало од него, дека му „откажала“ говорничката вештина, и дозволил Филип да ги диктира сите услови. Демостеновата тужба и одбраната на Ајсхин, како судска парница, се зачувани во делото под наслов „За нечесно извршеното пратеништво“. Нивната битка, нивното ривалство траело и наредните десет години. Демостен поднел нова тужба против Есхин, овој повторно се одбранил.

Во меѓувреме Ктесифон, атински политичар и ретор, истакнат противник на македонската страна, предложил на знаменитиот говорник и политичар Демостен да му се врачи златна круна за заслуги за атинската држава. Шест години подоцна Ајсхин предложил на Ктесифон да му се суди, бидејќи китењето со круната било кршење на законите. Демостен го одбранил Ктесифона и тој бил ослободен од обвиненијата. Ајсхин, притиснат од противниците, отишол во доброволен егзил на Родос, а потоа на Самос каде што умрел осамен и заборавен. Филип Втори дал налог да се фати Демостен и да биде осуден, но овој побегнал на островот Лезбос, каде што се отрул, за да ја одбрани честа и да не падне во рацете на непријателот.

Ете, тоа бил епилогот од атинската битка околу македонското прашање, кога умните Елини, преку кавги си направиле штета сами на себе. Наводно сѐ се случило како што е овде опишано. Сигурно има дел вистина, дел легенда, Но не е непознато дека Филип бил бескрупулозен владетел и дека не избирал средства за да ја постигне целта. Покрај воената надмоќ, тактика и вештина, омилен начин да го оствари она што го сакал му биле итрините, поткупувањата со пари, со злато, со имоти, со подароци на земјишта, со ветувања или со измами. Тоа се начини и средства на кои и денес се склучуваат мировни договори меѓу држави и влади на тие држави. Ништо не е ново измислено. Само се разликуваат актерите, без разлика дали се политичари, филозофи, јуристи, па дури и артисти.

[email protected]