Една година подоцна

1543

Најавив дека ќе престанам да се занимавам со промената на името и Уставот, но ова е исклучок. Годишнина е, и тоа прва! Мнозина беа вџашени кога деновиве им го посочував фактот. Како летна времето! Какви сме, не би ме чудело потпишувањето на Преспанскиот договор, да стане значаен ден за одбележување, како што е случај со Охридскиот. Иако во моментов на власта не ѝ е до славење… Речиси е извесно дека колективното историско паметење нема да остане негибнато поради сета орвеловштина што ја преживуваме. Едно време бев убедена дека и 2001 година нема да ја заборавиме, но ја заборавивме – заедно со сите невини жртви, меѓу нив и такви на кои ни гробовите не им се знаат. На индивидуално/семејно ниво можеби ќе се поставуваат прашања во стилот „тато, мамо, што правеше ти на 17 јуни 2018 г.?“ или „каде беше на 17 јуни 2018 г.“? Или, „каде бевте и што правевте од септември 2018 до јануари 2019 г.?“. Мнозина ќе одговараат во стилот на вицот во кој дедото му вели на внукот дека тој загинал во војната, ама не се посрамотил. Барем засега останува горчливиот факт дека историјата, културата, името и Уставот ги „шитна“ една група венецијански трговци. Најболното е, сепак, што сево ова беше толку предвидливо, што од сите нас направи/ја магариња.

Спомените на 17 јуни ми се свежи. Ако утрото беше полно со трепет и емоции, денот заврши во неверица – со солзавец и шок-бомби. Цел академски живот се занимавам, меѓу другото, со прашањата на демократијата и партиципацијата, и особено со безбедносниот сектор низ призма на употребата на сила, демократската контрола и човековите права. Но тој ден сфатив колкава е разликата помеѓу тоа да ги учиш студентите (меѓу кои мнозина се полицајци) „како треба да биде“ во демократска држава, но сосема е поинаку кога ќе искусиш на своја кожа „како не смее да биде“. Сѐ уште имам сериозен проблем со гласните жици, што ми се одразува на предавањата, но тоа е многу помал проблем од оној емотивниот, кој никогаш нема сосема да заздрави. Уште тогаш стана јасно дека Северна е можна само како авторитарна држава. Тоа е денот (или веројатно деновите, бидејќи станува збор за процес, а не за чин) за кои сѐ уште паметиме кој славеше и кој тагуваше, но и кој дезертираше. Сликата остана генерално непроменета: тие што славеа тогаш, слават и денес. Без трошка совест и промислување… Прашањето не е дали вредеше сето тоа за да се добие големо НИШТО, туку дали беше прифатливо воопшто и да тргуваш со она што си го наследил од старите и си го позајмил од идните генерации!? На крокодилски солзи не верувам.

Но и натаму ветуваат бајки, измислуваат автопатишта, инвестиции, вработувања, итн. – дури и кога целиот наратив им е урнат како кула од карти, со оние што со заводливата песна на сирените ги наведоа на историско самоубиство. Оние што се фемкаа и калкулираа, и денес го прават истото. Божем протестираат, ама ништо не преземаа(т), ниту се обврзуваат дека ќе преземат кога (ако) дојдат на власт. Им се додворуваат, и покажуваат колку се кооперативни, токму на оние што стојат зад Преспа. Велат: не можеш да им се спротивставиш отворено, премногу се моќни! Можат сѐ да (ти) сторат! Можат и авионска несреќа/атентат да ти наместат! Слушам и си велам: па, што? Под јорган-планина ли ќе се криете за да освоите власт или барем да бидете во опозициски фотелји? Како може да се колнете во Илинден или АСНОМ, а се плашите за сопствената кожичка? Ќе ми замерат на искреноста, ама изминатата година првпат сериозно се замислив дали сме народ со самосвест (како што ме учеле и воспитувале) или сме аморфна маса, како што велеа и велат туѓите историографии? Дали, можеби, јунаштвото на некои големи ликови и движења од историјата (онаква каква што ја познаваме) е само (бивш) фабрикуван производ заради создавање/јакнење на националната свест во конкретен историски миг? Новиот теориски израз за овој процес е nation-building (градење нација). Сега сме неми сведоци на неговата најнова фаза. Ова, во статија за Ал џезаира, најексплицитно го соопшти грчкиот колега Армаколас: „Низ процесот доаѓа до редизајнирање на идентитетот на идната северномакедонска генерација. Се сомневам дека во современиот период некогаш се случила ваква драматична преориентација. Посебна поента е дека националниот наратив (на Северна Македонија) сега се моделира во конверзација со Грција… Замислете некој сосед да ни дојде и заедно со нас да одлучува како ние ги перципираме нашата историја и идентитет. Наместо да ги гледаме компетитивно, треба да го признаеме дека и тие презеле голем чекор со овој договор и да им помогнеме.“ Ние се тешиме дека ова веќе сме го минале, ама (божем) не нѐ скршиле. Јас се чувствувам скршено. И мнозина други што го шепотат тоа зашто се срамат и од себе и од сите нас.

Ова е прекраток период за да се носат дефинитивни заклучоци. Можеби нештата ќе се сменат (навираат спомени од скандирањето на плоштадот: „Никогаш Северна, само Македонија!“). Можеби сум малодушна, можеби грешам… Но, објективно, колку што минува времето, толку повеќе можности и оправдувања за „клекнување на брашно“. Отсуството на јасна и конзистентна политичка артикулација на став во врска со Преспанскиот договор е фрапантна, бидејќи зборува за безидејност и/или за страв. Општеството е навидум длабоко поделено, со уште една дополнителна линија на раскол (наместо „антички“ и „словенски“ сега имаме „Македонци“ и „северџани“). Велам навидум, затоа што изостана масовна мобилизација – а славење спортска победа, простете, ама не се брои. На мака се познаваат јунаци, а не на славење.

Политичките елити не се толку поделени колку што сакаат да ни прикажат, особено оние на опозициската страна. Калкулираат, пресметуваат, прават вербални акробации – но, јасен став нема! Тука некаде се и оние до коска амбициозни политички маргиналци, кои испуштија историска можност да се факторизираат за време на претседателските избори; одлучија не само да бојкотираат, туку и да саботираат, неретко водени и од суета и завист. Чекале парламентарни избори и верувале дека ќе им помогне старата слава на „Бојкотирам“, но извесно е дека ќе пропаднат под сенката на големите играчи и поради двојните стандарди (Северна не ја признаваат на претседателски, ама ќе ја признаат на парламентарни избори!? Ајде ви се молам!). Уште полошо, нема ни трага ни глас од „трета“ (четврта, петта, итн.), нешто што би било негација на политичкиот и етничкиот биполаризам и на бинарното мислење. Најмногу потфрлија интелектуалците и професорите. Први клекнаа на брашно (ако воопшто и дигнаа глас), дисциплинирано си го спроведуваат договорот, дури и кога не треба, па дури и ја прогласуваат борбата за завршена – со победа. Попусто е она „идентитетот не е загрозен, низ историјата секако нѐ преименувале, ама ние сме пиреј.“ Тоа е враќање на колото на историјата назад, барање утеха, а не одење напред. Тоа е одење по линија на најмал отпор. Досега напишав и/или објавив научни трудови посветени на преспанскиот процес со над стотина страници, и тоа на англиски; и продолжувам. Ова веќе не е прашање на академски престиж, туку инаков вид (донкихотска) битка, бидејќи секој критичар на Преспанскиот договор однапред е осуден. Чудно ви е? Мене не! Одамна ги изгубив идеалите дека академската заедница е авангарда. Тоа се истите што со розови очила или селективно гледаат на неолиберализмот, милитаризмот, воените хуманитарци итн.

Зошто поинаку би гледале на нас? Тие го мантраат рефренот на центрите на моќ. Најтешко ми паѓаат дуелите со луѓе што ги почитувам поради храброста и интегритетот докажан во тешки времиња. Еден од нив во неговата земја во камера го кажа буквално сето она што и јас го велам, а за што претходно ме обвини дека сум националист: „Видете што ѝ сторија на кутрата Македонија заради грчкиот империјализам! По ова веќе не може ни да се зборува за проширување на ЕУ“. Му велам: „Како е можно кога јас го велам ова да велиш дека сум националист, а кога ти го велиш – ти си интернационалист?“ Одговорот беше: „Ти не смееш да зборуваш затоа што станува збор за ‘твоите’, а јас можам затоа што не се засегнати ‘моите’“. Остана дилемата дали (левите) интернационалисти треба молкум да гледаат кога се врши неправда врз „нивните“? Зошто? За да не бидат „националисти“? Не, драги мои! Преспанскиот договор не е посебна неправда само врз македонскиот народ, туку е логичен производ на империјалниот однос на моќните кон сите мали и сиромашни народи и луѓе.
По Охрид и Преспа, по што ли ќе го паметиме Дојран?