Еден народ прво отапува, потоа пропаѓа

2667

Има една историско-филозофска фраза, која вели дека пред да пропадне еден народ, прво отапува, а потоа пропаѓа. Тапо е она што не е остро, што не сече добро, што не е со остар врв

„Иднината никако да дојде, минатото никако да си оди, а ние овде глумиме сегашност.“ Реченицата што ја презентирам е дел од дијалог од драмата „Тетовирани души“ на Горан Стефановски, играна во Драмскиот театар во Скопје, во 2001 година. Цитираниот извадок ми послужува како најсоодветен вовед и како вистинска оцена за состојбите во Македонија, на кои се осврнувам имајќи ги во вид трите временски категории.

Да не се распаднеше СФР Југославија, вчера ќе одбележувавме голем празник – 75 години од Второто заседание на АВНОЈ. На тој 29 ноември 1943 година, во босанското гратче Јајце, беше основана новата југословенска федерација на народите, во која влегоа пет народи и шест републики: Босна и Херцеговина, Србија, Словенија, Македонија, Хрватска и Црна Гора. Со АВНОЈ современа Македонија ги доби првите контури на државност, а Македонците, првпат во историјата, беа официјално легитимирани како посебен народ. Познато е дека македонските претставници, од сѐ уште не докрај објаснети причини, не стигнале на заседанието, но тоа не било пречка другите делегати да се согласат Македонија да стане нивна содружничка во братството и единството на тие народи.

На истиот овој ден, 49 години подоцна, може да се констатира дека СФРЈ е (беше) поранешна европска и балканска држава што постоела до 1992 година и се распаднала на повеќе делови. Денес таа неповратно живее во архивите на историјата, во спомените на генерациите што живееле во неа и во светлите коридори на минатото кај југоносталгичарите, чиј број не е мал и е за секакво почитување.

Долга и неефективна би била приказната за нејзиниот распад, барањето или повикувањето виновници за него за сломот на комунизмот како идеологија и крахот на државниот социјализам како политички систем. Со сите маани и негативности што го следеа, тој период беше период на историска преродба на народите и републиките, каде што беше вршена форсирана индустријализација, се обезбедуваа масовно бесплатно школство, здравствена и социјална заштита на најголем дел од населението. Државјаните имаа и низа други погодности што овозможуваа олеснување на животот, погодности што во денешниот капитализам како нов политички систем се назамисливи. Тој систем, долго раководен од Јосип Броз-Тито, во услови што не даваа многу слобода а бараа голема одговорност, во Република Македонија резултира со низа позитивни ефекти. Од национални и идентитетски до економски и културолошки.

Што се случи потоа, по распадот? Граѓаните на Македонија се живи сведоци дека од сите југословенски републики, сега нови самостојни држави, само Македонија остана поранешна југословенска република пред сѐ со името што досега беше за надворешна употреба и не задираше во идентитетските прашања. При распадот на целиот Источен блок, десетиците источноевропски држави што влегуваа во него си ја вратија сопствената историја, си ги вратија автентичните идентитети, си ги вратија старите преткомунистички државотворни назнаки. Државите, вклучувајќи ја и самата Русија, дотогаш главната оска на блокот, си ги вратија старите знамиња, гробови, химни, споменици. Нивното повикување на славното минато имаше громогласен ефект во донесувањето на новите државотворни уставни решенија и натамошни стратегиски определби. Притоа, отворениот национализам беше искористен како најдобра и најпродуктивна алатка во расчистувањето на комунистичкото наследство и во остварувањето на новите цели.

Република Македонија стана посебен, уникатен, европски случај во вистинска смисла на зборот. Не само случај туку и проблем. Не мора за клучна одредница за неуспехот да се зема името иако тоа прашање има најголемо влијание, станува сѐ појасно дека Македонија не се снајде на најдобар начин во историските процеси на Балканот по распадот на комунизмот и на СФРЈ. Не може да се рече дека не ги следеше, дека не ги разбираше, но факт е дека не ги искористи на најдобар начин. Наместо да добива, губеше, наместо да се развива – назадуваше.

Ако при распадот Македонија како република во составот на Југославија по сите параметри беше далеку над Бугарија и Романија, на пример, сега е на далеку подолно рамниште. Кај нас враќањето во архаичната историја сѐ до Александар Македонски и пред него, оживувањето на митовите од минатото, играњето на картата на национализмот, славењето на пиедестал на најспорните личности од историјата, нагрдувањето на успешната Народноослободителна борба и негирањата на успесите постигнати во комунизмот, наместо посакувано национално единство, придонесоа за нови поделби, за внесување сомнежи во самобитноста на идентитетот и слично.
Во меѓувреме поранешната покраина Косово стана држава, Црна Гора стана самостојна држава и прогласи црногорски јазик, различен од српскиот, Хрватите се одделија од српскохрватскиот, за официјален јазик е прогласен бошњачкиот, значи додека се враќаа или формираа нови идентитети, Македонија си го доведе во прашање својот државотворен идентитет. Македонците се единствениот народ во Европа чиј идентитет се негира, оспорува или за него се дискутира со големо сомневање, а македонскиот јазик е единствениот што ќе носи некаква апострофска назнака. Дека е тој, ама не е тој. Во сама Македонија само македонскиот ќе јазик биде обележен како јазик со сомнително потекло, а сите други јазици во неа ќе бидат со полн национален легитимитет. Во таа смисла глумиме некаква вредна сегашност, мудрост и фантастична национална креативност.

Македонците и 27 години од осамостојувањето не се сигурни во својата иднина. Повозрасните носталгични по Титова Југославија, помладите генерации со очите и мислите кон Европа до Австралија, општо сѐ уште поделени меѓу Исток и Запад, меѓу Америка и Русија, ја покажуваат својата константна дезориентираност кон што да се определат. Иако официјално мнозинството е за НАТО и ЕУ како најнова национална стратегија за опстанок, настаните на теренот не го потврдуваат тој статистички факт. Колку и да сакаме за оваа национална какофонија да го обвинуваме странскиот фактор, кој, рака на срце, не ни е баш наклонет, толку повеќе тежината е кај домашниот, кај домашните партии и политичари, кои не успеваат државниот авион мирно да го атерираат на сопствениот аеродром. Не може вината за неуспешната економија, за иселувањето во странство, за нискиот стандард, за корупцијата и криминалот, за непотизмот, за ревитализираниот еднопартизам, за меѓусебното непочитување да им ја припишуваме на странците.

Македонскиот народ го снемува на териториите на кои живеел со векови, тој се сели на други простори. Младите можеби ги плаши она непријатно чувство што го имаа нивните родители кога се распаѓаше нивната тогашна држава. Дали тие намирисуваат сега нешто слично со нивната самостојна, суверена Македонија. Ако е веќе таква?
Има една историско-филозофска фраза, која вели дека пред да пропадне еден народ, прво отапува, а потоа пропаѓа. Тапо е она што не е остро, што не сече добро, што не е со остар врв. Тап е оној што е недоволно развиен, што е неосетлив на звуци, што е умствено ограничен, што тешко сфаќа, што е глупав (тупав). Тап е и оној што е бесчувствителен, рамнодушен, апатичен, без разлика што се случува околу него. Околу него во близина и во светот, подалеку од него.