Европа да ѝ се извини на Македонија

1785

(По повод препораката од Брисел)

Пред мене е сега документот што ми го даде мојот нов пријател Евгениј, фотокопија на една табела на најстарите индоевропски јазици, меѓу кои (покрај германскиот, келтскиот, латинскиот, грчкиот, италијанскиот и индискиот) е и македонскиот. И таа табела е објавена во престижната Енциклопедија Британика 1931 година во Лондон, а истата е повторена во енциклопедијата на Вебстер во изданието од 1967/69 година. Тука покрај другото го среќаваме следниот коментар: „Македонскиот јазик постои како во најстарите времиња, така и во средниот век. Но модерните времиња од македонскиот јазик од средниот век произлегле: словенечкиот, српско-хрватскиот, бугарскиот, чешкиот, словачкиот, полскиот, рускиот, украинскиот и белорускиот јазик“. Разбирливо, наведени се во заграда и земјите во кои се зборуваат тие јазици, па така отпаѓа теоријата на нашите лакоми источни соседи, кои сешто грабаат од нас, дека македонскиот е дијалект на бугарскиот јазик, оти според „Енциклопедија Британика“ случајот е обратен. Да. Друго е, пак, прашањето што сè што е македонско ни се оспорува нам денешните Македонци. Брисел и Вашингтон запнале нашиот автентичен културно-цивилизациски имот да се префрли во катастарот на друг: најмногу кај Грците и Бугарите, а тука се и Албанците со нивната митоманска Илирида.

Тоа, драг читателу. Туку да се држиме поконкретно за основната тема на оваа колумна: Европа да ѝ се извини на Македонија. Велиш: зарем токму сега кога таа ни ја даде препораката за пристапни преговори. Да, имено така, и ако има ронка морал таа ќе ни се извини, како што им се извини, на пример, Вили Брант на Евреите за холокаустот на Германија врз нив за време на Втората светска војна. Да. Оти со сè што ни се случува (да го оставиме подлабокото минато) овие триесетина години, од 1990 година наваму, е тажно и срамно за Европа. Таа ги избра Македонците за заморчиња на нејзиниот нов геноциден експеримент, смислен во главите на бриселските ЕУ-бирократи, кои според овој проект се легитимираат како чираци на ѓаволот.

Не претерувам ни најмалку, затоа што доказите се премногу евидентни. Користејќи ја Грција како моќна алатка (но бочно и Бугарите и Албанците) притисокот да ни го сменат името не е ништо друго туку модерниот тип софистициран геноцид смислен во франкенштајновската лабораторија на западната возгордеана, патолошки нарцистичка цивилизација што се вика идентитетска смрт на еден народ. Од Западот тој е веќе успешно применуван врз црнците во Африка, Абориџините во Австралија, Индијанците во Америка итн. Во Македонија, пак, тој геноциден проект од западните моќници е замислен како последно достигнување: како удар на Името, негово бришење од меморијата на колективот што го носи него со што тој се зомбира и целиот наеднаш се претвора во безличен идиот. А, зошто, драг читателу? Морничаво прашање за несоница, кое јас, се сеќаваш, сум го растајнувал без малку во сите мои колумни, фељтони, есеи, па и во мојата поезија. Туку, велиш: зарем не е преостра формулацијата Геноцид. Одговарам: ни најмалку, за тоа што и сите антрополози, без исклучок, со право велат дека идентитетската смрт е најстрашната од сите видови смрт. По неа царува пепелта од која не се креваат веќе огнот и птицата Феникс со огнени квалитети. „Мајсторите на смртта“ (П. Целан) ја завршиле работата. Страшно.

Може ти звучи неверојатно, драг читателу, но новата, десетта по ред, препорака за пристапни преговори на ЕУ е данајски дар на Вавилонската Дама, еден вид тројански коњ, и таа перфидно интелигентно се вклопува во геноцидниот проект за идентитетска смрт на Македонците на Европа. Целта! Зa месец-два до самитот на планетарното плашило НАТО да се заврши работата со преименувањето. За таа цел дури и економски збеснетата фрау Меркел, со ангелско име што не ѝ прилега на моралното ниво, му вети на Ципрас дека ќе го одложи за шест месеци најавеното кратење на пензиите на грчките пензионери доколку Грција успее да ја спакува Македонија во идентитетска смрт, преименувајќи ја.

Толку, драг читателу. Ти веднаш по добивањето на фарисејската ЕУ-препорака, нели, ја виде во медиумите оклештената, безизразна насмевка на Заев и на Хан. Познато е дека од сите создадени нешта, пак, само човекот се смее. Не и животните и ангелите, затоа што се божествено сериозни, иако јас сум видел насмевка кај животни, одвај забележлива, тивка и длабока. Размислувајќи на тeмата насмевка, пак, некои филозофи велат дека кај векот таа е израз на пркос, конечно еден вид негова одбрана од смртта. Можеби. Но во насмевката на Заев и на Хан ништо од тоа. Таа е толку безизразна што не е дури ни глупава. Нема во неа никаков метафизички квалитет, кој ѝ го припишуваше Мирослав Крлежа на глупоста.

Туку, драг читателу, дека Македонија е чудна (не по географија како што сакаат да ја наседнат туку по душа) земја, најчудна, е и парадоксалното поклопувањето на нејзиниот случај со случајот на малата африканска државичка Свазиленд, чиј диктатор, прогласен како и нашиот Заев за демократ, Мсавати Трети по повод педесетгодишнината од осамостојувањето од западните колонизатори решил на својата земја да ѝ подари ново име, нормално изворното. Зa разлика од нашите Зоран Заев и Никола Димитров во улогата на африканскиот племенски водач Мсавати Трети. Да беше Ломброзов жив сигурно тие ќе беа вонредно интересни за негова компаративна лоботомиска анализа на нивните черепи и браздите на нивната мозочна кора, споредени на тој план со истите тие на африканскиот Мсавати Трети.

Сеедно. Туку да не должиме, драг читателу, и сега во куси црти да ги наброиме нештата, поради кои Вавилонската Дама, или ороспија како што ја викаше нагалено нашиот славен приказничар Мapкo Цепенков (екстраприлепчанец) треба да им се извини на Македонија и Македонците, доколку има морална доблест. А ја нема. Ако ја имаше ќе им се извинеше и на своите сограѓани од ариевска сорта што ги турна во милионски колеж во Првата и Втората светска војна. Еј, најдемократската божем и најпрогресивна цивилизација на жалната планета Земја! Па по сè ова, зарем навистина да ѝ веруваме нејзе. Сега, и на нејзината фарисејска препорака, оти неа ја заслуживме уште на почетокот од „осамостојувањето“ со препораката на Роберт Бадинтер пред 28 години. Да. Иако набргу се виде резултатот на соблазнителната француска интелигенција на овој правник, кој со законот именуван според неговото име „Бадинтеров“, всушност ја суспендира граѓанската демократија во Македонија. А, добро ќе беше, таков, тој да го направеше за Арапите и за другите малцинства во Франција. Ама… Тој закон Бадинтер го направи веројатно и под диктат на Вашингтон, кон кој Европа е крајно импотентна, за да му угоди на едно малцинство кај нас, користејќи го како алатка за контрола на Балканот, бидејќи е исполнително за такви и слични цели.

Од самиот почеток, значи, на нашето „осамостојување“ (разбирливи се наводниците) работата за Македонија и Македонците тргна надолу. Кон бездна. Европската Лисабонска декларација од 1992-та стави царски печат на возобновениот Трет Рајх на Европа за геноцидна идентитетска ликвидација на Македонија и Македонците. Во неа, едноставно, колонијалистичка Европа, чија „демократска чизма“ газела цели континенти, ѝ забрани на Македонија влез во, каква-таква, широката струја на западната цивилизација доколку не си го смени името и не умре идентитетски, за што таа ги подготвила сите погребни свечености за кои веќе ги известила Зоран Заев и Димитар Димитров, но не и македонскиот народ кому сè му е јасно. Тука, драг читателу, нешто болно иронично, нешто смртно саркастично можеме да речеме: браво за либералкапиталистичка Европа! Рускиот револуционер и филозоф Доброљубов на времето дијагностички, мислејќи и на Европа, ја постави хамлетовската дилема на цивилизацијата што надоаѓа: „Шекспир или колбаси?“ Да. И, Европа, драг читателу, јасно, ги одбра колбасите, материјалниот, а не духовниот профит.

Затоа и крикна Хелдерлин пред две и пол столетија: „Чуму поети во скудно време“, а Ниче: „Бог е мртов“. Европа, лакома за материјален профит, го уби Бог во себе, и сè си тргна надолу. Кон бездната на душевната и духовната смрт. Европа ништо не сфати, за жал, од евангелската порака на Љубовта што ѝ ја упати апостол Павле од Македонија како земја „избрана од почетокот за спасение“. Добро, нека ѝ е на здравје на Европа за Лисабонската декларација. Што уштe? Пa еве: во 1999-та HAТO на САД и ЕУ ја бомбардираше Србија за да создаде во нејзиното митско срце албанска држава. Е, тогаш над 350.000 косовски бегалци, без да бидеме виновни за тоа, дојдоа во Македонија. Тие што како убијци го направија овој хаос, САД и ЕУ во НАТО, не примија ни eден бегалец. Тоа! Македонија го обра бостанот! И што се случи потоа. Како благодарност за македонското гостопримство Албанците во 2001-та вратија со тероризам, поддржан од ЕУ и од САД, логистички, со оружје и со директно учество (случајот со заробените 17 американски терористички стручњаци во Арачиново)! Тоа е камелеонската филозофија на Западот, која бргу се преобразува од демократија во фашизам, од Француска просветителска револуција во Третиот Рајх. Ние Македонците добро го знаеме тоа. Знаеме дека Америка до 1944 година беше на антифашистичка страна против Хитлер, ама знаеме и дека 1945-та, кога беше победен тој, таа ги фрли своите атомски бомби на Хирошима и Нагасаки и го објави новиот фашизам што трае до денес, и којзнае уште колку ќe трае. Таа метаморфоза се случи и со Англија и нејзиниот „либералдемократски“ тотем Черчил, која 1948 година застана на страната на грчкиот монархофашизам и ги испрати своите бомбардери да ги убиваат на Грамос и Вичо македонските деца да ги прогонуваат од родните огништа во Егејска Македонија.

Ете затоа, јасно ти е, драг читателу, зошто западните силници запнале да нè преименуваат и сотрат како идентитет и автентична историска и културно-цивилизациска меморија, забранувајќи ни го правото за „културен натпревар меѓу народите“ (Гоце). Ќе минеме низ нови голготи, но мислам дека ќe им се изјалови планот со Македонија и Македонците, оти не само тие, туку и Господ има свои планови што се спротивни на нивните, кои во однос на нас имаат сатански извор. Тоа.