ДУП-овите ќе ги одлучуваат изборите во Скопје?

802

Се чини јавноста не ја иритира толку неактивноста, колку што ја иритираат обидите да се забошоти ситуацијата. А власта се обидува да ја забошоти ситуацијата на многу сличен начин како и минатата

Минатите седмици во неколку наврати коментирав за една од најдолгите предизборни кампањи, за тоа како политичките партии ќе водат негативна кампања за „националистичката“ партија ВМРО-ДПМНЕ и за „неспособниот“ СДСМ и, од друга страна, за очекувањата на граѓаните што ќе направат партиите за невработеноста и сиромаштијата (економијата), криминалот и корупцијата, и животната средина. Секако, од партиите се можни и други валкани трикови, како злоупотреба на меѓуетничките односи и тука ДУИ е прв кандидат за тоа. И додека долгорочните трендови укажуваат дека сиромаштијата (економијата) и криминалот и корупцијата се двата клучни приоритети, се чини дека зимата и постапките на власта во Скопје може да влијаат на приоритетите, особено меѓу етничките Македонци и во Скопје и во другите поголеми градови.

Како и секоја зима, загадувањето на воздухот добива приоритет во јавноста. Оваа зима, кога повеќе македонски градови се меѓу најзагадените во Европа и во светот, јавноста е особено чувствителна. Тоа го покажуваат неодамнешните протести против загадувањето во Скопје и во други градови. Темата се потхранува со „неспособноста“ на СДСМ, која секојдневно се потврдува – на ниту едно ниво не може да се наведе што е направено за намалување на загадувањето. Но се чини и јавноста не ја иритира толку неактивноста, колку што ја иритираат обидите да се забошоти ситуацијата. А власта се обидува да ја забошоти ситуацијата на многу сличен начин како и минатата.
Прво нема јасен одговор кои се изворите на загадувањето? Ако во Скопје е палењето отпад, тоа не е причина во Струмица. Зошто Карпош 4, кое се грее на централно греење, е позагадено од Ѓорче Петров каде што повеќето се греат на цврсти горива?

Зошто се неисправни мерните станици? Ако нема средства за мерки, сигурно има средства за вистината. Во отсуство на вистина се зголемуваат дезинформациите, конспирациите, растат јазовите, расте нивото на конфликтност. Во јавноста има и лажни информации за увоз на отпад, но има и точни каде што изворот е Министерството за животно средина, според кое, увозот на отпад во последните десетина години е рапидно зголемен. Меѓу увозниците на отпад за топлинска енергија се „Усје“, Железарница и „Фени“. Од друга страна, пак, „Усје“ добива признание за воведување технологија за согорување текстилен отпад наместо гуми. И сега ова е добро или лошо, како влијае на загадувањето? Многу малку медиумски истражувања или, пак, ставови на еколошките организации, битката е на Фејсбук? Дали „Усје“ е премоќен и за политиката и за медиумите и за граѓанските организации, и граѓаните се оставени сами на себе, да се самоорганизираат на Фејсбук? Зошто „Усје“, Железара и „Фени“ не користат гас како сите други? Многу прашања остануваат неодговорени.
Второто е дека нема финансии. Ова е тешко да се прифати со рекордно висок буџет, а и поради тоа што некои мерки немаат финансиски импакт или, пак, импактот е врз приватни субјекти. Што нѐ води повторно до тоа дека не е до финансиите туку до отсуството на политичка волја. Најдобар доказ е дека Нова година во Скопје, со украсување и забава, ќе чини најмалку половина милион евра. Трето е дека незадоволството и протестите се партиски и поттикнати од опозицијата. Некој на шега на Фејсбук напиша дека загадувањето пречи само кога си во опозиција, ама од СДСМ, кој дојде на власт поради бунт на граѓаните, да се негира автентично незадоволство на граѓаните е погубно.

Во еден контекст на висока иритација на јавноста со загадувањето, власта во Скопје влече потези што му долеваат масло на огнот со носењето детални урбанистички планови во Расадник (Кисела Вода), Маџир Маало (Центар) и Трнодол (Карпош). Сите три се различни случаи, но ефектите во јавноста може да бидат слични. ДУП-овите ќе ги одлучуваат изборите во Скопје? Во Расадник се предвидуваат нови згради за околу 20.000 жители, што претставува повеќе од 20 проценти од постојната популација на Кисела Вода (околу 80.000). Тука не е дилемата дали е добар ДУП-от, туку дали Кисела Вода и Скопје Исток може да издржат нови 20.000 жители, земајќи ги предвид инфраструктурата, и економска и социјална, и поврзувањето на Кисела Вода со другите делови од Скопје, кои како на улицата Антон Панов се веќе тесно грло. Во Маџир Маало, наводно се предвидени над 50 хотели? Бројката звучи неверојатно и поради просторот во Маџир Маало и поради потребите на туризмот во Скопје. Во Трнодол, без навлегување во ДУП-от, проблем е начинот на кој власта се справува со незадоволните граѓани. И во сите три случаи, можеби информациите не се точни, можеби има дезинформации, можеби треба да се расправа за јавниот интерес, но секако треба да се расправа бидејќи станува збор за одлуки што се долгорочни.
Оттука најмалку што може да се направи е не проформа јавни расправа, туку јавни расправи со учество на медиуми, како и стручни дебати. Каде се сега здруженијата на архитектите, урбаните планери, началниците за урбанизам? Каде се медиумите? И каде се расправите не само за конкретните ДУП-ови туку и како го дефинираме јавниот интерес наспроти специјалниот интерес на групите.

Фото: Дарко Андоновски

Авторот е аналитичар

Блог www.megjutoa.mк @sklek #Избори2020