До промените и по нив

1226

Да пишуваш и јавно да го објавуваш тоа што си го напишал е можност што ослободува, но и обврзува истовремено. Јас ќе се обидам јавно да се обврзам на две работи. Првата е никого да не навредам со намера и втората никој да не ми ја ограничи слободата да пишувам за тоа што јас мислам дека треба да пишувам. Постои можност, се разбира доколку доследно го работам ова – еден ден да се наречам и (о)слободен човек! Благодарам бескрајно за можноста да го правам тоа на страниците на „Нова Македонија“.

Во ова моја прва колумна ќе се претставам себеси на моите идни читатели не со вообичаените каде и кога сум се родил и што сум учел и работел во животот (Гугл ги знае тие работи подобро дури и од мене самиот) туку ќе кажам нешто за себеси, преку моите ставови за најважните нешта што оваа земја и овој народ ги прават да бидат таму кај што се – лево и десно, горе и долу, напред и назад, добри и лоши, убави и грди и сосема на крајот од севозвишени и ниски, во истото време!
Драги мои, ќе одговорам, онака како што јас сум ги разбрал, на двете најважни прашања што го мачат речиси секој Македонец што живее и работи во Македонија, а тоа е: зошто триесет години стоиме во место и ништо не се менува видливо на подобро и кој и зошто стои на патот на нашата среќа и иднина, што и да значи тоа, како и да ги разбира и сфаќа поимите среќа и иднина секој еден од нас.
Основните два извора на нашето стоење во место се неподготвеноста и/или неспособноста да си признаеме дека Македонија е пропадната држава, а Македонците (што и да се подразбира денес под поимот „Македонци“) пропаднат народ што е изгубен идејно, социјално, политички, економски, религиозно и културно, и вториот, но еднаков по „каптажа“ извор на пропаста е нашата карактерна особеност наместо со постојано залечување на последиците, еднаш и истрајно да се зафатиме со решавање на причините, кои ги создаваат тоа зло и таа несреќа. Но јас сум човек што одамна, уште во средно училиште, ги отфрлил оние грди и крајно манипулативни идеи на црвената буржоазија за колективна одговорност, па навистина панкерски ќе „покажам со јазик“ на оние поединци и групи, кои единствено и само заради личен интерес повеќе од три децении ја држат ова земја во залог на нивното незнаење, а народот за сведок на сопственото пропаѓање.

Како да се стигне до промените? Со соочување со реалноста, а таа е апокалиптична. Драги мои, куќата наречена Македонија не може да се врати во основната функција како простор за живеење со едно метење, варосување, бојадисување на тарабите и косење на тревата. Тоа е лага! Нашата куќа, поради триесетгодишна негрижа е со ископачени темели, кои се подјадени од пороите и реките што надоаѓале со децении, од четирите потпорни ѕида трите се разрушени, а едниот се клати и само што не се струполил, покривот е кренат од бурите на (не)времето, а ќерамидите се разлетани на сите страни, дури и до соседските чардаци и ниви, дворот ни е раскопан, а портата искршена и изгазена од туѓ добиток што неодговорно сме го оставиле да пасе и прежива по нашите меѓи! Ете, така денес изгледа куќата безволно и сосила наречена Република Северна Македонија.

Но, што да се прави? Чаре, има ли?
Сѐ додека човек е жив и здрав и ако утредента се разбуди ист таков, тогаш има! Но да не се залажуваме, нашата куќа, драги мои, не се преправа и доправува. Таа треба да се урне и на нејзино место да се изгради нова. Се разбира дека таа нова градба треба да се почне од постојниот, внимателно одбран и од најдобрите мајстори проверен стар, но здрав градежен материјал, кој не е само средство за градба туку и меморија и континуитет на старата куќа, и сето тоа во комбинација со современи технологии и висококвалитетни градежни материјали со архитектонски план и под надзор на најобразованите македонски инженери, кои знаењето го стекнале по светот и на најдобрите универзитети. И откако претходно ќе ја спастриме на сигурно (во семејната плевна) зачуваната покуќнина – да се фаќаме за копачите и токмаците!
Што треба да се сруши?!
1.
Државниот универзитет „Кирил и Методиј“ е општественото мочуриште, кое седумдесет години наместо образовани и самоосознаени поединци произведува маларични комарци што ја касаат целата нација и пренесуваат духовна туберкулоза, која во пандемски размери се пренесува од човек на човек и од генерација на генерација, со што се создава болен народ, кој наместо да произведува слободни луѓе со квалификации, компетенции, знаења, вештини и дополнителни вредности раѓа само нови и дополнителни пациенти.
(Истото се однесува и на другите државни универзитети во Битола и во Штип, кои со чесни исклучоци се создавани и основани не за да бидат општествени генератори што ќе произведуваат знаење и ум туку да служат за депонија на семејниот и политичкиот отпад на црвената, а од скоро и на портокаловата буржоазија.)

Тој (тие) универзитет(и) треба да се затвори, односно, идната реформска власт и идната влада на промените треба веднаш да престане да го финансира. Може привремено да побара за државата евентуално итно потребни образовни услуги од други приватни македонски или странски универзитети. И откако низ процес на професионална и интегритетска профилактика и ветинг ќе се исуши тоа универзитетско мочуриште и ќе се уништат леглата на маларичните комарци може повторно да се основа нов државен универзитет, но со внимателно одбран од Македонија, македонската дијаспора и странство професорски и управителски кадар неколкупати дезинфициран од маларичниот наставнички и бирократски апарат на црвената буржоазија и нивните деца и внуци.
Кои се очекуваните резултати? Во првите четири години треба да се направи реформа на предшколското, основното и средното образование по примерот на Финска како мала земја, со вклучување на нашите културни, традиционални и досегашни позитивни искуства и достигнувања, а во следните четири години вистинска и сеопфатна реформа во високото образование и научната сфера, со однапред отфрлен ризик за опструкции од општествените групи, кои образованието го сметаат за еден вид индустрија на нивната каста по примерот на индиските класни касти каде што аристократијата и високата буржоазија не дозволуваат мешање на другите за нив „ниски“ општествени касти во „нивниот бизнис“. Сосема е јасно дека црвената буржоазија и нивните трабанти од универзитетските катедри на УКИМ ги кочат реформите во сите сфери на општеството: во образованието, во правосудството, во здравството, во социјалата, во науката, во културата и во општествената надградба. Знајно и незнајно. Волно и неволно.

Дали е ова револуционерно? Не. Дали е ова радикално? Се разбира дека не. Дали ова се правело во Европа и во светот? Е – да. Се правело и се прави сѐ уште. Каде? Во Финска, Данска, Австралија, Канада и многу други земји. Што треба за ова да се направи? Какви се резултатите од тие радикални реформи? Резултатите се такви, што ние сме Македонија, а тие се Финска, Данска, Австралија и Канада… Дали е ова возможно? Или, дали за да се направи кај нас вакво нешто е потребно да се случи чудо? Се разбира. Дали јас верувам во чуда? Секако. Како што верувам во самиот себеси. Како што верувам во тебе, да, да, во тебе – ти што го читаш ова, сега, во овој момент, ти самиот си чудо! Меѓу стотина милиони можности на овој свет постоиш ти – како единствено можен? Сега веруваш ли и ти во чуда?