Дојрански договор?!

4006

Не чудете се! Само уште тоа ни остана! А сега, ајде, прочитајте го идиотското референдумско прашање за кое се изјаснија 600 илјади надобудни европски граѓани: „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“. Како ви изгледа од оваа перспектива? „Рачун без крчмара“, би рекле Србите. Мижи Асан да ти баам! Не умри магаре до зелена трева. Има многу соодветни изреки да објаснат лажна надеж или верување на евтина пропаганда. Додека преговараат за фабрикување на историјата со политички договори и во орвеловски дух, треба да им порачаме дека историјата на нивното велепредавство веќе се бележи. Се таложи со секој потег на распродавање на сите елементи на државниот суверенитет и независност, на културната и историската самобитност, за кои се бореле нашите предци. Ви текнува како ЕУ беше најсексипајл гирл ин д ворлд? Дека било пријатно да се гледа како соседите се борат за нас? Дека нема дискасити за ајдентити, а тие правеле некаков нов компромис со Берлин, ама Радев и Борисов не им прифатиле? И сето тоа без овластувања? Слушате како на Никиликс му е поважно да е здрав за да патува кај своите господари отколку да му слугува на народот во парламентот каде што било опасно за неговата кожичка и здравјенце? Ја гледате ли онаа Нина како објаснува дека таа не била крпа да ја фрлат по заминувањето од Владата? Ви текнува на сите нивни поддржувачи во кампањата „ЗА европска Македонија“? И на интелектуални апологети што раскажуваа за Мелијанскиот договор и за тоа дека мораме да прифатиме и трпиме сè затоа што сме послаби? Ви текнува дека сега толкуваат дека ова било за „навек“? Дека само треба да легнеме и да умреме.

Всушност, единствената вистина искажана од уста на политичар/ка (што е навистина реткост) е онаа реченица на Шекеринска: „Има вето, ама има и НАТО“. Трета година како бесполезно објаснувам дека сиот овој инженеринг без анестезија го поминавме поради геополитичката ургентност на НАТО и САД, а не поради европска интеграција. Промената на името, а сега и на сè друго, требаше да нè втурне во „најмоќната воена алијанса во историјата на човештвото“, по секоја (наша) цена. Толку! Попусто објаснувавме, опоменувавме, советувавме, апелиравме (барем ние собрани околу групата позната како „200-те“) – нема потреба од брзање, ни треба консензус, реформскиот процес треба да го завршиме самите и за себе. Отворањето (т.е. ширењето, како што кажа Заев) на идентитетската Пандорина кутија нè враќа назад, нè турка во маѓепсан круг од кој никој нема да излезе чист и без лузни. Наместо да се занимаваме со сиромаштијата, колабираниот здравствен систем, невладеењето на правото, Кацарска уставно судство (налик на Врховниот суд на САД по именувањето на нивната/Трамповата „Кацарска“), штанцање безвредни дипломи, претворањето на земјата во депонија, загадувањето на воздухот, непостојната економија (која се сведува на кафеани), принудени сме да се јадеме меѓу себе за името, јазикот, културата, историјата. Нè држат заложници на балканските национализми, па уште некакви експерти зборуваат дека требало да се справиме со сопствениот национализам пред да ги обвиниме Бугарите!

Никиликс ќе прифател и германска помош за историските комисии!? Нормален човек би очекувал Германија да помага во она во што е најсилна, во економија, организација на државата, здравство итн., а не во идентитетскиот „босански лонец“. Уште само тие ни фалат!
Во духот на својата велелепна интелигенција и елоквенција, Заев порача дека сме го добиле првото вето од Бугарија. Ништо од хубави, љубави. Очекува уште вета. И во право е. Зошто сега Бугарија би се одрекла од своите максималистички барања, кога веќе виде како капитулиравме пред Грција? Зошто бугарското право на вето би било послабо од грчкото? Неодамна му кажав на еден швајцарски новинар дека сум убедена дека Владата ќе потклекне и пред бугарското силеџиство. Тоа е тој Стокхолмски синдром, кај оној што сонуваше камшик. Ова што го гледаме е дежа ви, новиот „Букурешки момент“, патетика, траума, солзи, мачеништво, ама и посветеност (без ЕУ нема живот). Малку божем подигање на гардот, манифестирање патриотизам, и по извесно време ќе почне подвиткувањето на опашката. Особено со враќањето на „булдожерите“ испратени од администрацијата на Бајден (не дека на нашиве „грамади“ им требаат баш булдожери). Некој ќе рече: е па, добро де, нека се случи истото, имаме уште едно природно езеро, Дојранско, за именување нов (анекс) договор, ама после ќе влеземе во ЕУ, и сета жртва ќе биде оправдана!

Но не е така. Прво, (не знам колку пати ова треба да се повтори за некому да му влезе в глава), почетокот на преговорите, особено со новата методологија, значи бескрајна агонија на вета, од различни земји, по различни поводи и процени. Без можност и да се предвидат. Второ, целиот процес не мора да заврши со конечен (посакуван) исход (видите ја Турција, а богами и Србија, која дури и да направи исчекор со Косово, ќе наиде на исти националистички сопки од Хрватска и од Бугарија). Трето, државата не покажува ама баш никаков знак на јакнење на институционалниот, правниот и политичкиот потенцијал, а за економскиот (особено за време на ковид-19) и да не зборуваме. Четврто, сите нормални земји влегуваат во интеграции за да ги зачуваат своите витални национални интереси. Ние влегуваме во процес што значи жртвување токму на тие интереси, па се поставува прашањето кој (евентуално) ќе влезе во ЕУ. Поради „перфектната бура“, веќе е крајно време да се размислува и за најлошо сценарио: распад на државата поради внатрешни и надворешни притисоци и контрадикции. Се распаднале и посилни држави, а не пак Македонија, за која веќе има сценарија за делби по оската Тирана – Софија.
Шчо сторифме – веќе е јасно. Плачење над (уште едно очекувано) вето не помага. Радован Павловски одамна кажа што преостанува: „Не е болката во тоа шчо напрајфме, шчо сторифме, туку… Ами ајде со мене, и со Мисирков да извидиме во народецов, шчо останало од нас од тоа што сторивме, и што ни сторија сторителите, да се наброиме и преброиме колку сме, во живо на број и на јазик во ројот на татковината, што останало од нас по род и крв. Во времето да преживееме на својата земја, и со себе си да се надживееме и да се натпееме. По обичај уште од дамнина, во времето да вишнееме.“

Како да вишнееме? Само со смена на „елитата“, која не знае што е вишнеење, туку се усовршила во слугување на туѓи интереси и злоупотреба на власта. Членството во ЕУ не е цел за себе, туку требаше да биде инструмент за остварување на националните интереси. ЕУ се покажа не само импотентна, туку и индиферентна пред евидентните фашизоидни политики на нејзините членки (дури и во поглед на нивните внатрешни политики, а да не зборувам кон оние што се „надвор“). ЕУ е загрижена за сопствениот опстанок и кохезија, а не за она што им се прави на малите држави кандидатки. До вишнеење можеме да дојдеме само со зачистување на сопствениот двор, и со угледување на нашите предци, кои опстојале и победиле и во потешки времиња. Зарем за вето ќе плачеме? За плачење е кога ќе видиме кој ни е лидер и кој претставува елита. За плачење, жалење, ама и за голем срам.