Достоевски и Европа (2)

669

Или Европа како цивилизациско чудо и варварство

Достоевски. Неговиот парадокс е типично руски. И само руски. Посебно неговиот однос кон Европа, кој е динамично, конвулзивно растргнат меѓу За и Против. Таквото распетие во однос на западната цивилизација го имал толку силно изразено уште еден руски гениј-чудовиште Лав Николаевич Толстој, генијот од Јасна Полјана. Православец во основа, ама и со нагласена до екстрем богомилска ориентација, измешана со религиозната филозофија на будизмот, тој во руската литература ги дели хималајските врвови со Достоевски. Поклоник на концептот на христијанскиот космополитизам, кој, рака на срце, пред Христос го начнаа и зацртаа Македонците. Тие први го укинаа робовладетелството и го заведоа „природното право и правото на народите“, нешто што го потенцира доблесно и еден од ретките англиски филозофи-хуманисти Бертран Расел во неговата книга „Мудроста на Западот“. Западната цивилизација, која во извесни периоди блеска со култура, уметност и наука, ама потоа и со варварство. Она што е тема за размисла и кај Достоевски, и кај Толстој.

Посебно во микроанализите на Достоевски, за разлика од Толстој, кој поповршински, елементарно емотивно го искажува својот анимозитет кон Европа, во која престојувал толку колку за да ги види и запознае нејзините аморални црти на библиските Содом и Гомор.
За тоа пишува во некои свои статии, но има сугестивни акценти на таа тема и во некои негови дела. Така, во сјајната новела „Кројцеровата соната“, мало ремек-дело, тој во еден таков концепт ги спомнува и „париските мајмуни“ како артефакт на европскиот музеј на вредности. Уште, познато е дека заради својот анимозитет кон Вавилонската дама Толстој не ја добил и Нобеловата награда, на почетокот на нејзиното доделување во 1905 г., иако важел за главен кандидат кому требало, според мерата на генијот, да му се додели таа. Но Европа не му простила на тој „словенофилски анархист“, како што го дефинирал него нобеловиот комитет, за неговиот презир кон неа, и наместо нему наградата му ја доделила на францускиот поет Сили Придом, кој денес и самите Французи го имаат ставено на маргините и заборавено.

И тука се почнало пак со Европеец, а не со Русин, оти и денес, по сè она што се случува на политички план, Европа на Русија гледа како на диво месо, како на „туѓо тело“ прилепено за организмот на западната картезијанска цивилизација. Така без разлика што е таа, иако со едната нога застаната на просторот на огромната Азија, природен дел на Европа. Тоа што никако не може или не сака да го сфати Вавилонската ороспија.
Толстој не ја добил Нобеловата награда, но веројатно неа, ако бил жив, немало да ја добие ни Достоевски, кој е сличен, но и посеопфатен од генијот на Јасна Полјана во критиката кон Европа. Друга работа е, пак, што меѓу Толстој и Достоевски не може да се повлече паралела во однос на нивниот егзистенцијален и психолошки, па и судбински хабитус. Толстој е гроф, богат, со селани што работат на неговиот имот, иако сметал дека човекот не треба, според божјите принципи, да поседува земја, па неговата жена Софија што му родила 13 деца морала постојано да се бори и расправа со него за да не им ја раздаде земјата на сиромашните селани.

Тој имал и вила во Москва (сум бил во неа), во која доаѓал на раскошните вечери да пее и неговиот пријател, сјајниот оперски пејач Шељапин. И денес во таа вила-музеј можат да се видат свеќите на свеќникот, недогорени, што ги изгаснал силниот глас на сјајниот маг на оперската уметност.
За разлика од Толстој, Достоевски живеел скромно, на работ од сиромаштија, само од својата уметничка, литерарна заработка. Некој ќе рече дека таа била енормна, бидејќи писателот бил и страстен коцкар. Но тоа не е така. Тој скапо го плаќал данокот на својата коцкарска страст, која на свој начин ја сугерира и сликата на неговата коцка со животот и судбината, ако добро се погледне во неговата биографија.

Сликата, генерално, на неговата хазардерска природа. Со еден збор, тој имал многу подраматичен животен пат од грофот во Јасна Полјана. Поради неговата посета на револуционерниот Петрашевски кружок, кон кој имал симпатии и Пушкин, тој бил осуден на смрт и изведен со другите осудени на Семјановскиот плоштад во Петроград за стрелање. Но провидението сакало да биде спасен овој руски гениј, па во последните секунди, пред смртоносниот истрел, дошол царскиот указ за помилување. Но не и за помилување, оти писателот морал да ги издржи годините на робување во Сибир, од каде што тој како феникс се враќа душевно и духовно закрепнат и препороден, влезен целосно во еден духовен трансцедентизам, кој ќе ги отвори сите пори на неговата уметничка имагинација и пророчки визии. И неговите сјајни „записи од подземјето“ сведочат за таа трансцедентална преобразба во која Достоевски од „подземен“ станува, како што вели Лав Шестов „надземен човек“ во кој зрачат даровите на христијанството, она новозаветното, на Љубовта и Проштевањето.

Добро е познато дека руските писатели до бескрај ја сакаат својата родна земја. Постојат многу примери за тоа. Цветаева, која емигрира по Октомвриската револуција на запад, не е прифатена од емиграцијата на белогвардејците, затоа што и од Запад пишува екстатично за Русија, посебно и за нејзиниот најцрвен поет Мајаковски. Таа страда и егзистенцијално, и од тага по својата татковина во која најпосле одлучува да се врати, иако во неа живее уште неколку години уште посуров живот отколку на запад. За да преживее таа дури пишува молба да биде примена за чистачка (Цветаева според Бродски најдобриот европски поет на XX век) во еден камп на писателите на Советска Русија во Крим. Но и тука е одбиена, па очајна, исцрпена, на крајот се обесува во Елабуга. Ама, главно, во својата татковина. Илустративен во таа бескрајна татковинска љубов на руските творци е и примерот со Пастернак, кој не патува во Стокхолм да ја прими Нобеловата награда, доделена пред сè за романот „Доктор Живаго“, кој не ѝ се допаѓал на советската цензура поради неговите залагања за тивка среќа и љубов, а не за револуционерни идеи во стилот на соцреалистичката животна филозофија, етика и естетика. Имено, Пастернак не заминал во Шведска затоа што се плашел дека советската власт ќе му ја затвори границата за влез во татковината при неговото враќање назад. Итн. Но изгледа дека, судејќи и според неговите текстови, Достоевски е на некој начин ненадминат во таа негова љубов кон Русија, која кај него е подигната на ниво на култ и мит, и не е лишена, во добрата смисла на тој поим, и од видлива патолошка емотивна нијанса.

Тоа е кај него онаа Русија во која може само да се верува. А, имено, таа вера кај Достоевски е безбрежна, слична на бескрајниот руски пејзаж од огромни рамници ротмизирани со благи возвишенија и испресечени со засеци од трапови и долини, пејзажот што кај Берѓаев е втемелен како слика и во руската психа и ритамот на руската литература.
Достоевски верува во неговиот народ, верува дека тој е исклучителен, како што е тоа и неговата православна христолика душа, за која се карактеристични длабоката побожност и смирение. Тој, како што вели Берѓаев, верувал дека рускиот народ е најсмирениот народ на светот. Народ на кој тој пророчки уште му доделува и месијанска улога на спасител на светот. Русија за него во неговата визија е најблиска до моделот на теократската држава, како што го замислувал Достоевски идното и идеално уредување на светската држава.

Држава како божјо царство, не од овој свет, како што тврдел и Исус и за неговото царство. Достоевски пламено верувал во надмоќноста на Русија над Европа, покрај другото и затоа што рускиот народ е „народ богоносец“, и нему тоа, како најрелигиозен, му е даден дар од небото. Да. Но односот на Достоевски кон Европа сепак не е нихилистички, како што може да се претпостави и заклучи тоа од некои негови екстремни рефлексии за неа. Првин, нему воопшто, поклоник на христијанскиот социјализам, не му се допаѓа европскиот западен капитализам во кој владее богот на материјалниот профит и во кого згаснале целосно идеите на Француската револуција за слобода, братство и еднаквост.

Наместо да биде царство на социјална рамноправност, благосостојба и правда, за што биле исечени илјадници глави на Бастилја, Европа се претворила, безбожна, во „царството на Велзевул“, Царството во кое владее богот на крвта и златото. Сатаната. Оттука и клетвата на Достоевски, во стилот на старозаветниот Еремија, кон тоа и таквото царство: „Нека е проклета цивилизацијата ако во нејзино име треба да им се дере на луѓето кожата од грбот“. На таквата цивилизација не ѝ се пишува добро во иднина: „Во Европа е сè поткопано и уште утре сè ќе се урне и тоа засекогаш и без трага“… Потоа следува краткиот осврт на рускиот писател за Германија и за Франција: „Германија – тоа е мртов народ без иднина, а Франција ќе пропадне. Самата себе ќе се уништи. Таквите дури не треба ни да се жалат… Ќе исчезнат Французите… Ќе останат дивјаците што ќе ја голтнат Европа“.

Мерешковски, кој во својата голема студија за Достоевски го анализира и неговиот однос кон Европа, вели: „Изгледа дека и самиот Достоевски чувствува понекогаш како таа негова необична ’сечовечка’ љубов кон Европа е целосно слична на онаа човечка омраза“, и во поткрепа на тоа го цитира писмото на писателот од Дрезден 1870 г. до еден негов пријател: „Кога само би знаеле колку омраза и одвратност предизвика таа Европа во мене во текот на овие четири години. Боже, колку само има кај нас предрасуди во однос на Европа!… Тие се учени, па сепак тие се ужасни глупаци… Тие се писмени ама се ужасно необразовани, глупи и тапи, луѓе со ниски интереси“. Мерешковски по овој цитат коментира: „Изгледа дека Достоевски го чувствувал и тоа дека на таквата љубов Европа на Русија може да ѝ одговори само со омраза. Оти писателот вели: ’Во Европа секој држи подготвен камен за да се нафрли на нас… Европа нè мрази‘“.

Така. Но сепак односот на Достоевски кон Европа е крајно, парадоксално амбивалентен од рефлексија до рефлексија, од текст до текст, од ситуација до ситуација. Тој е неверојатно прониклив ум, со пророчки инстинкт, кој ја анализира контроверзната слика на западната европска цивилизација. Многубројни се примерите во кои тој покрај нападите и ја фали неа, и тоа безмерно екстатично како цивилизација што е „свето чудо“ и е раскошен извор од кој се напојува духовно Русија. Ние, драг читателу, во таа смисла ќе издвоиме еден фрагмент од статијата на Достоевски пишувана по повод смртта на Жорж Санд. Во неа, покрај другото, тој пишува за Европа: „Знаете ли вие како ни се мили тие ’чуда‘ и како ние сето тоа го сакаме и почитуваме… Знаете ли вие како ни се стега срцето и како плачеме над судбината на таа нам мила и родена земја, дали ви е јасно како нè плашат мрачните (облаци кои сè повеќе и повеќе го покриваат небесниот свод над неа. Никогаш вие, господа, наши ’Европејци‘ и западњаци не сте ја сакале толку Европа колку што сме ја сакале ние, сонувачи и словенофили кои сме, според вашето мислење, нејзини исконски непријатели!“
Според Достоевски, како што убаво забележува и Лоски: „Секој европски поет, мислител и филантроп, по неговата земја, е најубаво сфатен и прифатен во Русија“. Во таа смисла, Достоевски ги наведува имињата на Шекспир, Бајрон, Волтер Скот и Дикенс, а што се однесува до Шилер тој е, според него, поет што „втиснал моќен печат во секоја руска душа. Таков е односот на Русите кон странските писатели, тоа е исклучиво една руска националност“, подвлекува Достоевски во текот на 1876 година. Тоа е подготвеност на рускиот дух „да се огласи“ на сè што е големо и што дало сјајни резултати. Во таа смисла, вели Лоски „и се појавиле во Русија три првокласни гении – Пушкин, Достоевски и Толстој“. Неговиот заклучок е прецизен, и тој го изведува главно низ устата на Достоевски.

(продолжува)