Доктор Џекил и Мистер Хајд (2)

499

Јани Бојаџи

Па, така, Горјан Тозија определува дека историски и политички филмови немало да се снимаат затоа што тие ги нарушувале односите со соседите на Република Северна Македонија, за што го обвинува диктаторот Никола Груевски дека го правел со поддршка на филмови со таква тематика! О, неволји! Тоа го зборува Горјан Тозија, кој е продуцент на филмот „Ослободување на Скопје“, во кој главна улога игра Раде Шербеџија, а плус е и корежисер со неговиот син Данило Шербеџија, а филмот зборува за бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна! Не разбирам, како Шербеџија, кој триесет години се расфрла со своето антифашистичко убедување и со левичарската припадност и ја афирмира борбата на левицата во Втората светска војна против фашизмот, за што зборува и во сопствениот филм, ги брани таквите ставови на Горјан Тозија!? Не разбирам, ама навистина.

Па, зошто, по ѓаволите, Горјан Тозија учествувал во правење филм што е спротивен на неговите убедувања и ги руши добрососедските односи со Бугарија?! И како да не е доволно тоа, Горјан Тозија е продуцент и идеен творец на филмот „Трето полувреме“ (и таму Раде Шербеџија игра антифашист, Евреин што ќе заврши во Треблинка, факт што Бугарија бара, а Тозија прифаќа да го избрише од кинематографијата како историски факт тоа дека македонските Евреи биле уапсени и транспортирани од бугарските власти!), филм што од денот на неговите подготовки па до денес, секој ден на секаков начин и од секого е тема што ги руши добрососедските односи со Бугарија! И не еднаш од различни страни било побарано тој филм да биде прогласен за иредентистички и да биде забранет! О, ровји!

И секако, на крајот од сѐ, со над еден милион и двесте илјади евра буџет, Горјан Тозија сега од позиција на директор на Агенцијата за филм финансира филм на режисерот Милчо Манчевски, во кој основниот плот се случува во осумнаесеттиот век! Има таму во тој филм нејасни мотивации во карактерите на протагонистите и нивната идентификација со Отоманската Империја, која е игнорирана како факт на филмското време, што сигурно имплицира нарушување на добрососедските односи со Турција! А во една мера, недетерминираното место на дејството, кое сега може според договорот од Преспа да ѝ припаѓа на грчката провинција Западна Македонија, е напад врз европските и евроатлантските вредности. А на крајот, протагонистот во филмот „Врба“, инаку жена, облечена во комитска униформа, ги провоцира несомнените бугарски корени на комитското движење како бугарско, а да не ги спомнувам половите дисбаланси и семиотиката скриена како метафора во карактерот „жена со брада“ во скутот на Олимпија, мајката на Александар Велики, кој е припадник на хеленската цивилизација, што не беше јасно и недвосмислено покажано во филмот со Плочка на која ќе биде испишан текст на официјалниот јазик на Република Северна Македонија! Ова е фашизам поопасен од Хитлер и Франко заедно! Ова го нема ниту на филм.

Замислете вакво сценарио да однесете кај некој американски продуцент. Ќе ве испрати во санаториум! Сопартиецот на Горјан Тозија, другарот Ѓорѓи Спасов еднаш рече дека само магарињата не ги менувале ставовите. Да не ги навредуваме магарињата, но единственото „магаре“ во оваа приказна е Никола Груевски, кој (тоа е мое лично чувство, не го познавам толку и немам негово признание за ова) во единствениот разговор што сум го имал со него, во неговиот премиерски кабинет, отворено ми рече дека сѐ што ќе подразбира ред, правила, прописи и закон во културните и уметничките институции и начините на распределба на средства за проекти во културата и уметноста, црвената буржоазија ќе го разбере како реваншизам кон нив и ќе се сврти против него. Затоа можеби, од страв, тој остави тие да господарат со културата и уметноста во Македонија за целиот период од неговото владеење. И сите нивни идеи Никола Груевски ги поддржуваше ревносно, бескрупулозно, непоколебливо и со стотици милиони евра фрлени во проекти од кои тие, самите автори, си се откажаа!

На крајот, му излегоа на улица и со презервативи во бои го нападнаа и урнисаа сето она што Никола Груевски го инвестираше во уметноста и во културата, а ќе остане запаметено како најголемото достигнување на македонската нација во нејзиното кратко официјално постоење од 1944 година до 2016 година, кога истата таа црвена буржоазија ја укина македонската нација, а Никола Груевски незаконски, сосила, го симна од власт, а подоцна го осуди и прогони во странство!

Повторувам уште еднаш, такво ми е чувството: дека Груевски ја обожаваше црвената буржоазија. Сакаше да биде дел од нив. Груевски сакаше да им се „допаѓа“ на комуњарите. Беше желен и жеден да кажат еден убав збор за него. Да речат барем „едно фала“, што се вели! Но наместо фала, му рекоа: баба ти се испуфала! Ова е историјата на една поддршка на уметноста и довербата на еден човек кон уметници што и самите не верувале ниту во себеси ниту во сопственото творештво! Диктаторот, творецот на режимот, чудовиштето Никола Груевски, како што сѐ уште секојдневно го нарекуваат, верувал повеќе и од нив самите во нив и во нивното творештво! Никола Груевски беше црвен буржуј поголем од нив!

Ова не е филм со трагичен крај, како што го најавив, од причина што не е холивудски, туку обичен, балкански, „on the road movie“! Ова е филм за патот по кој се создавала една приказна што го потврдува основното драматуршко правило: дека не постојат две работи на овој општопознат свет што не можат да се стават во заемна врска.
Да се вратиме на почетокот, драги мои! Има луѓе што знаат, беа сведоци (јас случајно сум еден од нив и поради тоа е прогонот кон мене) дека Зоран Заев е најуспешниот производ на Никола Груевски! Немам никакви дилеми во тоа! Гледав како во лабораторијата на политиката Никола Груевски во различните општествени епрувети додава есенции, масти и ткива што ќе го произведат чудовиштето совршено претставено во филмот на режисерот Џон Робертсон, „Доктор Џекил и Мистер Хајд“. Во еден момент тоа чудовиште ќе излезе од епруветата и прво што ќе направи, ќе го изеде сопствениот творец!

Во мене стрелаа, на прес-конференција на која учествуваа Исаф Адеми како иницијатор, Зоран Заев како организатор и Горјан Тозија како егзекутор. Исаф Адеми повеќе не постои. Тој е фрлен во ќенефот на историјата наречен заборав. Во актуелната филмска лабораторија, во која се мешаат есенциите што ги растураат македонската кинематографија, уметност, култура и нација воопшто, има двајца антагонисти: Доктор Зоки и Мистер Медо. Кој кого создава? Кој ќе излезе од епруветата? Кој кого ќе изеде? Подгответе си ги пуканките и „кока-колите“, драги мои филмаџии, и гледајте го филмот кој штотуку почнува! Ќе има тука и бомби, и акција, и многу драма, и солзи на крајот. Секако, и неочекуван пресврт.

(крај)

Авторот е режисер и универзитетски професор