Доба на водолијата (аквариус)

373

Во време кога станува сѐ поопасно да се изрази сопственото мислење, кога да се направи тоа е еднакво на малечка револуција. Симболично, за Европа, добата на водолијата настапува со подавање скали на палубата на „Аквариус“. За човек, таа може да е чекор кон другиот или изговорена мисла

До пред неколку дена хуманитарниот брод „Аквариус“ беше „ничија земја“ на средината од Медитеранско Море, за 141 мигрант и еднакво толку човечки приказни, за кои европските пристаништа остануваа затворени. И не првпат. „Аквариус“ ја пишува својата одисеја во продолженија, како што во продолженија се отвораат „демократии“ на воени тркала во северна Африка. Само преку летото, повеќе од седумстотини човечки приказни останаа засекогаш нераскажани. Петнаесет илјади во последните четири години, приближно колку бројот на жители во градот каде што живеам. И знам дека сѐ дури има такви бродови и такви приказни, ќе се пее и песната на Боб Дилан за „Blowin’ in the Wind“: „Колку пати човек ќе ја врти главата, преправајќи се дека не гледа…? А човекот е Европа“.

Е па, Европо, еcce homo, ante portes!

Не разбирај ме погрешно читателе, знам дека твојата глава е свртена настрана од сосема други побуди и дека како богот Јанус, богот на вечните почетоци и транзиции, со една глава гледаш во минатото, а со друга во иднината. Со една пред себе во дупките на патот, а со друга зад себе во забите на кучињата-скитници. На тој пат те востоличија оние што треба да ти служат, а што ги избираш во продолженија на една иста приказна. Ќе сторат сѐ да се чувствуваш како божество на минатото и иднината, за да не гледаш како им слугуваш во сегашноста, со заем од иднината, а на крчма од минатото. Те прогласија за непотонлив како „Титаник“ и те исправија пред санта мраз. Ќе сторат сѐ да заборавиш дека си пред сѐ човек, не толку различен од патниците на „Аквариус“. Со приказна не толку поинаква од нивната во твоето не толку далечно минато. Но и човек со право на иднина. А при зборот иднина, глувци рој истрчуваат, пееше Јосиф Бродски.

Но зборот ми беше за добата на водолијата, добата на индивидуалниот духовен развој слободен од секаква принуда, слободен од авторитетот на верата и власта, добата на еднаквост и општо човечко и космичко поврзување, сонувана приказна на безброј сонувачи… Но што зборувам? Какво космичко поврзување во бескрајно расцепканото ткиво на македонското општество? Беше ли тоа само почеток на песна од култниот мјузикл „Коса“, изведен пред половина век во срцето на забревтаната американска воена машинерија, која со невиден ентузијазам ја најави „зората на добата на водолијата (аквариус)“? Изведбата на „Бродвеј“ набрзо стана химна на мировното движење против војната во Виетнам, а година потоа беше поставена и на југословенската сцена, како четврта изведба во светот и прва во „источниот“ блок!

Театарската „Косоманија“ сепак најмногу се прослави со филмската верзија на чешкиот режисер Милош Форман (ах, тие Чеси) десет години подоцна…
Но што пак зборувам? Каква е врската меѓу Боб Дилан и Јосиф Бродски, освен што се и двајцата нобеловци? Или меѓу „Аквариус“ и „Титаник“, освен што се и двата брода? Што е заедничко меѓу она и ова време, освен што уште „пловиме“ под истите соѕвездија и нивната рамнодушност и во истата кал на неолиберализмот и војните што го хранат?

Пукнатината е она што им е заедничко. Големата пукнатина што се гледа оддалеку, а од која се свртува главата, зашто така е полесно. Од неа паѓаат мостови, како мостот во Џенова под кој „молкнаа“ 41 човечка приказна, за (по)доцна да ги бројат сите сомнителни мостови. По броењето во Италија следуваше броењето во Франција, Албанија, Македонија… И повторно, се свртува главата од првата пукнатина, онаа од која сите творби напукнуваат, од трговијата на политиката во која се штеди на малтери и лекови, а на сметка на луѓето и нивната (нераскажана) приказна. Таа пукнатина не може да се санира прекуноќ, со кофа малтер и малку железо. Многу пред неа се разредени состојките што го чинат тестото на животот. Многу пред неа е извадена арматурата што го крепи човечкото достоинство. Пукнатината не знае за вера и нација, италијанска или француска, македонска или албанска, сеедно. Таа е причина за универзална тага (како онаа кај Дилан). Таков е и крикот, дилански, на една жена сведок по падот на мостот: „зарем луѓето мора секогаш да умираат за работите да се променат?“ Мора ли?

Бродот „Аквариус“ е пукнатина на европската тврдина, на нејзината морална и цивилизациска одговорност. Растот на популизмот и пробивот на десничарските влади во Европа ги затвораат портите на пристаништата да ги штимаат политичките оркестри зад затворени врати. Ги подотвораат најчесто недоволно или доцна. Наместо предвесник на добата на водолијата, бродот стана симбол за жежок компир во дипломатските ракавици на европските влади. И мириса на загорена совест и ароганција, како пресумцијата на непогрешливост што им се припишува на конструкторите на бродот „Титаник“. Пукнатина на која не е имуна ниту една човечка градба, челична или институционална.

И Дилан и Бродски и многу како нив, пееја за пукнатините во општеството, за политичките неправди во демократските и тоталитарните општества и за човечките неслободи. И за патот на човечкото ослободување.
Добата на водолијата уште не настапила, но не поради спорот на астролозите за смената на зодијачките знаци, а поврзано со асиметричноста на Земјината оска и нејзиниот правец спрема ѕвездите, кој се менува за еден степен на секои 72 години. Иако песната „Аквариус“ „дава“ детални навестувања за нејзиното доаѓање („Кога Месечината е во седмата куќа, а Јупитер се порамнува со Марс, тогаш мирот ќе управува со планетите, а љубовта со ѕвездите…“), астролозите лесно ги побиваат овие чисто поетски појаснувања (имено Јупитер и Марс се порамнуваат неколкупати годишно, а Месечината е во седмата куќа секојдневно). Сепак, тоа не ѝ одзема од духовната сила на песната. Играта со зборови нема пророчки карактер, таа е самоисполнувачко пророштво. Планетарните рокади се лирски декор за вистински големите поместувања, а тие се одвиваат во човекот, не на небото.

Во седумдесеттите години од претходниот век зората на водолијата беше (само)прогласена и забрзано се прошири преку железната завеса. Но „помеѓу генерациите постои транспарентен ѕид, железна завеса од иронија, завеса низ која се гледа сосема, но која не пропушта речиси никакво искуство“ ќе рече Бродски. Затоа на секоја генерација ѝ останува сама да ја прогласи добата на водолијата, на сето она што таа го симболизира и самата да го изоди патот на човечкото ослободување и поврзување.

Меѓу ѕвездите, астролозите можеби се во право, но овде долу не сум сосема сигурен. Човечката историја во последните шест милениуми е обележана со зодијаците на бикот, овенот и рибата (што уште трае), но уште сме сведоци на обожавање некои други златни телиња (одлика кај бикот) и на големи крвопролевања и војни (одлика кај овенот). Можеби добата на рибата слабее, но уште сме сведоци на фанатизам и распетија од инаков вид, не далеку одовде. Се чини уште долго ќе останеме да се препелкаме во добата на рибата, дури во целост не заврши „самракот на идолите“ пред кои современиот човек се поклонува. Треба не само да се надживее, туку и да се надвладее подреденоста.

Касиј (кај Шекспир) му вели на Брут: „Грешката драги Брут, не е во нашите ѕвезди, но во самите себе, тоа што сме потчинети“. Но ова не е причина за дефитизам, напротив, императив за дејствување. Во време кога станува сѐ поопасно да се изрази сопственото мислење, да се направи тоа е еднакво на малечка револуција. Симболично, за Европа, добата на водолијата настапува со подавање скали на палубата на „Аквариус“. За човек, таа може да е чекор кон другиот или изговорена мисла. Таа е самоисполнувачка, како стихот на Дилан „Колку патишта мора човек да изоди пред да можеш да го наречеш човек?“ И дури повеќето одговори дуваат во ветрот, патот можеби е тука, во секој од нас…

Единствената пукнатина низ која влегува светлина и која е просветлувачка е онаа на душата и човечката несовршеност. Само несовршен, човек се развива постојано на патот на својата индивидуализација и патот на своето ослободување. За таква една прекрасна пукнатина пее и Леонард Коен во својата „Anthem“. Пукнатина што поврзува.
Нели е таа зората на добата на водолијата? Скалила за нашиот „Аквариус“?

(Авторот е магистер по мир и развој и поет)